1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Германските шпиони во Југославија, Романија и во Бугарија 

Кристофер Неринг
29 мај 2021

Независна комисија на историчари ги истражи активностите на западногерманската тајна служба БНД во југоисточна Европа до 1968 година.

https://p.dw.com/p/3u6ux
Bundesnachrichtendienst BND
Фотографија: picture-alliance/dpa

Колку добра била западногерманската шпионажа во Југоисточна Европа? Најновото истражување на Независната комисија на историчари на германската Сојузна разузнувачка служба (БНД) даде прилично јасни одговори.

„БНД се интересирала пред сѐ за воените потенцијали на државите од Источниот блок“, вели соработникот во истражувањето Андреас Хилгер. Полска, Унгарија и Чехословачка биле интересни како подрачја на настапување на советската армија. За да воочат навреме такви намери, на германските разузнувачи ситуацијата во Југославија, Романија и во Бугарија им била индикатор за рано предупредување.

БНД ја основале Американците во 1949 година како „Организација Гелен“, а во 1956 година разузнувачката служба преминала во надлежност на западногерманската влада. Значи, германските разузнувачи немале скромни цели. Но, резлултатите им биле прилично скромни. „За БНД бил голем успех кога во некоја од целните земји имало 'извор кој јавува'. Бројот на тие извори останал скромен, во шеесеттите години изнесувал меѓу 9 и 22, за цела Југоситочна Европа. Агентите од повисок ранг не биле меѓу нив“, вели Хилгер, кој во меѓувреме стана заменик директор на Германскиот институт во Москва.

Andreas Hilger
Андреас ХилгерФотографија: Deutsches Historisches Institut

Сложени врски, агресивна конкуренција

Компликуваноста на западногерманската шпионажа може да се види во примерот на „Операцијата Касиопеја“. Под ова кодно име БНД меѓу 1955 и 1963 година евидентирала една Германка како извор во бугарскиот град Видин. Но, замрсените патишта за одржување контакт и агресивните постапки на бугарската разузнувачка служба, која присилно го регрутирала бугарскиот сопруг на „Касиопеја“, ја намалиле можноста за извор. Фрагментираното набљудување на воените објекти биле највредните информации кои можела да ги пружи „Касиопеја“, сѐ додека не се нашла во опасност, па е „исклучена“.

Повеќе:

-Разузнавачите на БНД работат за себе

-Шпигел: Германската тајна служба ја шпионира Албанија

-До каде се овластувањата на БНД?

„Таквите проблеми БНД се обидела да ги реши со посетите на бизнисмени, новинари и на туристи, но нивните информации би биле парцијални, а не можеле ниту да гледаат зад кулисите“, вели Хилгер. БНД, на пример, меѓу 1956 и 1965 година ангажирала еден австриски новинар, кој редовно патувал зад Железната завеса. Агентот „Гредлер“ ги јавувал своите забележувања и разговори, но БНД оценила дека вредноста на тие информации е мала. Со време изворот станал сѐ поинтересен за источните и западните тајни служби, па разузнувачката дејност преминала во операција на контрашпионажа.

Reinhard Gehlen Deutschland
Рајнхард Гелен, шефот на БНД од 1956 до 1968 годинаФотографија: Imago/Sven Simon

Потклекнале поради сопствените амбиции

„Соработниците на германската разузнувачка служба секако биле снаодливи“, објаснува Хилгер. Некогаш зашивале инструкции за агентите во женска долна облека, за да ги пренесат преку граница, „но, резултатите и успесите кои ги постигнала БНД биле многу ограничени“, додава тој. Слично целата работа ја гледале и работодавачите од Бон - кои биле незадоволни од резултатите. Министерството за одбрана во 1965 година упатило прашање дали БНД сѐ уште е „близу непријателот“. А три години претходно, шефот на военото рано предупредување ја понудил својата оставка со зборовите дека тој не може повеќе да гарантира правовремено предупредување.Најголемиот дел од информациите за Југоисточна Европа и онака не доаѓал од агентите, туку врз основа на анкетирање на бегалците и емигрантите во Австрија и во Германија. Колку БНД била под сопствените очекувања покажува востанието во Унгарија во 1956 година. „Тоа целосно ја изненади БНД“, вели Хилгер. Оваа година, 20 извештаи од агенти од Унгарија стигнале во БНД. А, кога на 9 декември 1956 година унгарската разузнувачка служба го киднапирала предводникот на западногерманските агенти, Шандор Висни, за време на состанокот со изворите на унгарско-австриската граница, работите дополнително се влошиле.

Следело разоткривање на изворите, службените места во Бон и постојаните соработници, како што е раководителот на контраразузнувачките служби за Унгарија, Џерџ Колјнај. БНД својот агент роден во Унгарија го ставила на одговорно место, па дури во 1965 година и го унапредила во раководител на воено-разузнувачките дејности во Унгарија. Тоа била една од кадровските и занаетските грешки на германската разузнувачка служба.

Преценети нацистички ветерани

Колјнај во Втората светска војна работел за унгарската контраразузнувачка служба, па германската разузнувачка служба го ангажирала по војната поради стручноста и познавањето на јазикот. Тоа бил пример за катастрофална кадровска политика.

„Дополнителна вредност која се очекувала од воените и нацистичките ветерани не постоела. Познавањето на земјите било селективно и застарено, а старите врски поради промената на власта се прекинале. Документите не покажуваат посебни шпионски способности на овие ветерани. Поранешните припадници на националсоцијалистичкиот безбедносен апарат изградиле свои мрежи во БНД, за да стигнат до сигурни работни места. Притоа, старите уверувања биле поважни од стручноста“, вели Андреас Хилгер.

Одделението за Југоисточна Европа било вистински пример за тоа. „Службено место 71“ од 1946 до 1968 година вработувало поранешни офицери на Вермахот, меѓу кои спаѓал и првиот раководител на одделението, Руперт Мандел, поранешен соработник во Главниот секретаријат за безбедност на Рајхот. Дури во 60-тите години, откако поранешниот есесовец Хајнц Фелфе во западногерманската разузнувачка служба е разоткриен како двоен агент кој работел за советскиот КГБ, нацистичкото минато почнало да се гледа како проблем.

Ungarn-Aufstand im Herbst 1956
Фотографија: Picture-Alliance

Соочување со темните страни

Проектот на историчарите кој започна во 2011 година имал за задача го истражи овој историски товар. Истражувачите добиле целосен пристап до архивите на разузнувачките служби, што е единствен случај во светот. Двоумењата за време на објавувањето и зацрнетите места во новиот извештај ја покажуваат и другата страна на медалот.

Комисијата историчари во јавноста најпрво стана позната поради тешките препукувања, на почетокот на годината четворица професори меѓусебно почнаа да си префрлаат поради немарност во извршувањето на задачите, занаетски грешки и „идеолошки разлики“. Тоа заемно обвинување запре дури во април, кога како посредник се вклучи кабинетот на германската канцеларка. Кога ќе се земе сето ова предвид, со нетрпение треба да се очекуваат натамошните резултати од истражувањето.