1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лобист на Груевски во Бундестагот си поднесе оставка

БГ
19 март 2021

Пратеникот на владејачката ЦСУ во Бундестагот, Тобијас Цех поднесе оставка на функцијата откако беше откриено дека лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. 

https://p.dw.com/p/3qqBt
Berlin Bundestag  Tobias Zech CSU MdB
Фотографија: Christian Spicker/imago images

Кога во екот на политичката криза во Македонија во 2016 година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски продефилира во политичка посета на Берлин, многумина беа збунети, па и шокирани. Токму официјален Берлин тогаш беше најжестокиот критичар на неговиот режим, но тоа не го спречи Груевски во септември и во ноември 2016 година, најпрво во Берлин да се сретне со тогашниот сојузен министер за економска соработка Герд Милер, а потоа и со (актуелниот министер за внатрешни работи) Хорст Зехофер во Минхен, како и со други високо рангирани политичари. Сите од ред членови на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.
Денес, четири ипол години подоцна, истражување на германскиот магазин Шпигел открива и зошто се случиле тие средби. Биле организирани од тогашниот и сега веќе бившиот пратеник на ЦСУ, Тобијас Цех, кој за тоа на ВМРО-ДПМНЕ му наплатил околу 50 илјади евра.

Истиот Цех во ноември 2016 се појави и на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања и со микрофонот во рака порача: „(…) Доколку ја изберете оваа партија, доколку повторно гласате за Никола Груевски, гласате за курс кон иднината на Македонија“.
Истражувањето на Шпигел открива дека симпатиите на Цех не биле само од политичка, туку и од бизнис природа.
Во април 2016, Тобијас Цех заедно со уште еден партнер од партијата ја формирал фирмата „Скалигер Стратеџи Консалтинг“. Само неколку месеци подоцна, тој веќе имал договор за ПР-консалтинг со тогашната владејачката партија во Македонија и 50.000 евра на своето конто.
Цех одбил за Шпигел да одговори дали тој ги организирал средбите на Груевски во Берлин и Минхен. Но, функционери на ЦСУ кои биле на средбите потврдиле за магазинот дека иницијативата била на Цех. Тоа го потврдуваат и изјавите на Цех за локалните медиуми од тој период, во кои тој објаснува дека „е многу важно и потребно“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се среќава со пријатели во Берлин и Минхен.
Цех денес вели дека во периодот додека соработувал со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, не знаел за обвинувањата за корупција и злоупотреба на власта. Дури пред пресудата за Груевски, од медиумите дознал дека постоеле такви сомнежи, но договорот веќе бил завршен.
Фирмата на Цех никогаш не објавила дека работела за ВМРО-ДПМНЕ, иако нејзиното име стоело и на интернет-страницата на Цех во Бундестагот. Тој немал законска обврска да објави кои му биле муштериите и со кого се работел.
И покрај тоа што Цех за Шпигел се правдал дека се што работел било легално и не било спротивно на неговата пратеничка функција, сепак, еден ден откако бил соочен со документите одлучил да поднесе оставка во Бундестагот.
Дополнителен фактор е и актуелниот скандал со набавката на заштитни маски за пандемијата во кој се вмешани други пратеници на владејачката партија на канцеларката Меркел во Германија. 

Angela Merkel mit Nikola Gruevski Ministerpräsident Mazedonien in Berlin
Никола Груевски и Ангела Меркел во Берлин во 2014 годинаФотографија: MIA

Лобирањето заменето со канабис

Веќе есента 2017 Цех го загубил пратеничкото место во Бундестагот, а во 2018 година ја ликвидира и фирмата за ПР консалтинг. Но, тука не завршува и неговата бизнис-соработка со лица во Македонија. По игра на случајот, во мај 2020 Цех повторно станува пратеник во Бундестагот, откако една колешка од неговата партија се повлекува. Во тој период, Цех веќе е влезен во нов бизнис- одгледување канабис.
Денес 39-годишниот политичар е на чело на Управниот одбор на компанијата „ФармКан“ (PharmCann Deutschland AG) и со неа е тесно поврзан со одгледување канабис во Северна Македонија. Партнер на Цех во Скопје му е Златко Кесковски, поранешен заменик-директор на УБК и шеф на обезбедувањето на експретседателот Борис Трајковски. Кесковски е шеф на Надзорниот одбор на „ФармКан Германија“, и има лиценца за одгледување канабис во Северна Македонија.
Целта е да се „изгради продажна мрежа за Германија“, вели Цех.