Германската влада ќе ја купува таблетата против Ковид
24 декември 2021Германија се обидува да се снабди со анти-корона лекот Паксловид најбрзо што е можно. Од Министерството за здравство се вели дека се водат „преговори со производителот за да се обезбедат контингенти“ и лекот да биде на располагање „брзо“. Покрај лекот Паксловид на компанијата Фајзер, тоа важи и за лекот Лагеврио од американската компанија МСД. Двата лека го спречуваат коронавирусот да се репродуцира.
Сѐ уште нема дозвола од ЕУ
Препаратите сѐ уште немаат добиено дозвола во Европската унија. Европската агенција за лекови ЕМА, меѓутоа, „почна со постапка на проценка со цел да биде дадена дозвола“, изјави портпарол на германското Министерство за здравство. Според него, лековите, откако ќе добијат дозвола, би требало да им бидат давани пред сѐ на ризични пациенти, како што се пациенти над 60 години и луѓе кои имаат зголемена тежина или кои страдаат од дијабетес. ЕМА минатата недела веќе се изјасни за употреба на Паксловид во ургентни ситуации, како на пример во случаи на „растечка стапка на зараза или смртност од Ковид-19“.
Лекот би можеле да го земаат возрасни пациенти на кои не им е неопходна кислородна поддршка, а се изложени на ризик од тежок тек на болеста. Тоа значи дека лекот може да се употребува и пред да се добие дозвола од ЕМА, а одлуката за тоа е во рацете на националните институции. ЕМА се повикува на студија, во која лекот го добивале пациенти кај кои не е неопходна хоспитализација.
- повеќе: Ќе ги натера ли вакцината Новавакс скептиците да се вакцинираат?
Американската агенција за лекови ФДА во средата даде дозвола за употреба на Паксловид за ризични пациенти над 12 години. Според производителот Фајзер, Паксловид ја намалува опасноста од хоспитализација или смрт за околу 90%. Американската влада веќе нарача околу 10 милиони пакувања од лекот, што вкупно ќе ја чини околу пет милијарди долари.