1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ/ЦСУ: Грешки во корона-кризата и афери со маски

Кај-Александер Шолц
27 март 2021

Најголемата германска партија се соочува со повеќе проблеми одеднаш: сомневања за поткупливост, пад на популарноста во анкетите, несоодветен менаџмент на корона-кризата. Згора на тоа, наесен се изборите за Бундестагот.

https://p.dw.com/p/3r30w
Deutschland Maskenaffäre in der CDU | Jens Spahn Schatten
Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Од гледна точка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), анкетите не навестуваат ништо добро: Со недели, поддршката за најголемата народна партија во Германија опаѓа. Заедно со сестринската партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) од Баварија, тие во германската политика се означуваат како партии на Унијата.

Тие значи имаат лошите резултати во анкетите и покрај тоа што Германија  споредбено релативно добро го помина првиот бран на пандемијата - што гласачите во прв ред им го припишаа како заслуга на канцеларката Ангела Меркел и на владејачката Унија. Во анкетите, ЦДУ достигна вредности близу 40 проценти, што не беа видени со години.

Но, со вториот бран на короната во есента 2020 година, вредностите почнаа да опаѓаат. Толку многу, што одеднаш е можно нешто што до неодамна се сметаше за неверојатно: По сојузните избори во септември - влада без ЦДУ, a наместо тоа владина коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите.

Цела година во комплетна изолација

Една година по првите мерки против пандемијата на коронавирусот, речиси две третини од Германците се незадоволни од кризниот менаџмент на сојузната влада - покажа неодамнешната анкетата на ЈуГов. Зголемениот бес во врска со вакцинацијата против Ковид-19 кај населението, која е бавна во споредба со другите земји, веројатно придонесува многу за незадоволството. Ова е проблем за двете партии на Унијата, бидејќи нивниот имиџ и слика за себе вклучуваат да се биде добар и искусен кризен менаџер со економска експертиза.

Владеење? Можеме! - тврдат политичарите на Унијата со децении. Освен тоа, се бранат од обвинувањата за „потфрлање на државата“, за што неодамна новинарот Саша Лобо го обвини ЦДУ. Лидерот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Ралф Бринкхаус пак го обвини самиот Лобо дека со обвинувањето создава култура на грешки, во која се затскриваат грешките.

Заработување пари со корона-кризата

Згора на тоа, се придодаваат неодамнешните избори во две германски покраини, на кои ЦДУ претрпе сериозни загуби, како и второто кризно жариште: На почетокот на пандемијата, неколку пратеници од ЦДУ и ЦСУ направиле бизниси со производители на заштитни маски, кои во тоа време беа во кусок, и во некои случаи заработиле шестцифрени провизии.

Германија соочена со трет бран коронавирус

Оваа „Афера со маски“ доведе до многу лоши наслови во весниците и политички притисок. Пратениците се откажаа од своите мандати и функции - осомничени за корупција. Згора на тоа постојат и обвинувања дека одделни пратеници прифатиле пари од Азербејџан.

Повеќе:

-Дебакл на партијата на Меркел

-Германија: Локдаунот продолжен, за Велигден дури и заострен

-Германија– земја на луѓе без храброст во Ковид-кризата 

Оваа актуелна мешавина е експлозивна, анализира политикологот Торстен Фас. „Бидејќи сè уште не е решено кој ќе биде кандидат за канцелар; дури и програмските акценти се досега ретки“, вели Фас, додавајќи: „Наместо тоа, тие очигледно веруваа дека ќе можат да соберат поени со доверба и добро владеење - и токму поради тоа аферата со маските е опасна“.

Thorsten Faas
Германскиот политиколог Торстен ФасФотографија: Peter Pulkowski

Лидерот на ЦДУ, Армин Лашет или партискиот шеф на ЦСУ, Маркус Зедер се сметаат за можни кандидати за канцелар. Борбата за наследник на Меркел се одолговлекува веќе со години.

И либералите (ФДП), исто така, дојдоа до прилично мрачен заклучок во внатрешната анализа. За ова известуваше берлинскиот весник „Тагесшпигел“. Довербата во доброто владеење кај ЦДУ/ЦСУ опаѓа поради „сериозни грешки во управувањето, како што покажуваат односот кон стратегијата за вакцинација, набавката на корона-тестови и преодната економска помош во пандемијата“. И верувањето во „пристојност и скромност се судираат со коруптивното однесување на одделни актери“ во Унијата.

ФДП, всушност омилен коалициски партнер на ЦДУ, очигледно е загрижена за своите опции за доаѓање на власт со оглед на сојузните избори во септември.

Тешка фаза на транзиција за ЦДУ

Една тема со која ЦДУ можеше да поентира во минатото е економијата. Во последниве години, економското крило во пратеничката група во Бундестагот и здруженијата како што е Унијата на средни претпријатија, беа извор за економски конзервативни или млади, амбициозни политичари. Фридрих Мерц, кој загуби во борбата за врвот на ЦДУ, тука ја има својата база на поддржувачи. 

Сепак: Георг Нислајн, Аксел Фишер, Николас Лебел или Марк Хауптман - сите заплеткани во обвинувања за мито или корупција - сите тие потекнуваат од овој табор, кој сега мора да се брани.

Други потенцијално благодарни теми не се наоѓаат толку лесно. ЦДУ/ЦСУ програмски се речиси заглавени: Меркел презеде многу теми од Зелените, како што е климатската политика, и со тоа ги замагли разликите. Ултрадесничарската АфД, од друга страна, пропагира стари теми на ЦДУ, како што се строгата миграциска политика и строгата борба против криминалот. Во 2021 година, ЦДУ е онаму каде што се позиционираше на изборните плакати во последните неколку години - во центарот. Но, овој  центар стана тесен - и пандемијата ги покри овие содржински потешкотии. „Се покажува дека партијата едноставно не знае каде сака да оди“, вели Фас. „Исто така, нема никој што тука води јасно и целосно неспорно.“

Долгогодишната потрага по наследник на Меркел внесе немир во партијата и создаде табори: продолжување по курсот на Меркел или конзервативен пресврт. „Унијата никако да се смири“, резимира Фас. И тоа среде пандемија и неколку месеци пред изборите за Бундестагот. „Сè е можно оваа година“, предвидува Фас.