Германија уште не успеала
3 октомври 2018Ангела Меркел, со оглед на нејзината кариера, може да биде опишана како најголема добитничка на германското обединување. Родена е во Хамбург, израснала во Германската Демократска Република, а веќе 13 години раководи со земјата. За волја на вистината, во последно време нешто полошо отколку претходно. Но, Германците на истокот од земјата не се гордеат со својата сојузна канцеларка, иако е една од нив. Тоа е една од причините за зголеменото отуѓување на владата од оние со кои се владее источно од реката Елба. Тоа отуѓување е поголемо отколку во западниот дел од земјата.
Меркел, во очите на луѓето од источниот дел, е најекспониран претставник на политиката која не ги застапува нивните интереси, иако токму таа со нив дели заедничко минато и исти искуства од време на диктатурата. Подемот на шефицата на германската влада, по падот на Берлинскиот ѕид, беше константен, но возилото на милиони источни Германци долго време одеше надолу. Посебна лузна остави искуството на долготрајна невработеност, кое, без нивна вина, погоди многу луѓе.
Западот никогаш не доживеал нешто такво
Успехот во животот, постигнат во услови кога државата и културно и економски кон своите жители се однесуваше како тутор, одеднаш, преку ноќ беше на диспозиција.
За да се преброди тоа, беше потребна голема доза флексибилост, мобилност и емоционална стабилност. Сето тоа се нешта кои никогаш во толкава мера не биле барани од западните Германци. Економските, структурните промени или далекусежните политички промени во „старата“ Сојузна Република Германија никогаш не се случувале преку ноќ.
Источните Германци, меѓутоа, во многу краток рок доживеаја тотална ерозија на општествениот поредок, кого големо мнозинство не го сакаа, но кој неизбежно ги обликуваше. За гордоста поради мирната револуција која токму тие ја покренаа во 1989/1990. година, по обединувањето не можеше ништо да се купи. Мнозинството во меѓувреме ја преброди таа фаза, но тие и денес во просек имаат значително понизок стандард од оној во западна Германија.
Двокласно општество
Во најновиот Извештај за состојбата на германското единство може да се прочита и ова: платите во источниот дел изнесуваат само 82 проценти од платите во западниот дел. И тоа 28 години по обединувањето! Оној кој тоа го продава како успех, всушност затвора очи пред комплексноста на ситуацијата. Помалку пари за иста работа истовремено значи и помало признание и почит.
Полошо платена работа, непризнавање на годините стаж од ГДР (што влијае на висината на пензијата) и другите неправди тие луѓе ги погодуваат цел живот. Двокласното општество за денешните 50-годишници, а и оние постарите луѓе, е вклесано во камен. Тоа е скандалозно и останува скандалозно.
Повеќе
9-ти ноември - германски судбоносен ден
Економскиот успех на обединувањето уште изостанува
Симптом на состојбата на германското единство
Она што долгорочно загрижува уште повеќе од таа зацементирана материјална дискриминација е неспорната доминација на западногерманската елита во речиси сите општествени области. Во владата на Ангела Меркел, во која има 16 ресори, освен неа и министерката за семејство, Франциска Гифај, родена во 1979. година во ГДР, нема ниеден член од источна Германија. Тоа можеби некој може да го смета за случајност, но може да се нарече и со вистинското име: симптом на состојбата на германското единство.
И натаму на раководни позиции во претпријатијата има малку источни Германци, исто и во универзитетите или во медиумите. Ни Дојче веле за жал не е исклучок. Дури кога тој проблем барем донекаде ќе биде решен, ќе се престане со често исцрпувачките, но и нужни споредби меѓу Истокот и Западот на Германија. Дури кога Денот на обединувањето на Германија веќе нема да биде повод за коментари како овој, процесот на обединување ќе биде окончан.