9-ти ноември - германски судбоносен ден
9 ноември 2017На денешен 9-ти ноември се одбележува 28-годишнината од падот на Ѕидот во Берлин. Настан кој го промени светот. Неполна година подоцна, на 3-ти октомври 1990 година, Германија беше повторно обединета по 41 година поделба. Со пропаѓањето на втората диктатура на германско тло, со крајот на Германската Демократска Република, комплетно исчезна реалсоцијалистичкиот табор во Европа од политичката карта. Западно-источниот конфликт беше завршен. 9-ти ноември 1989 година беше историски ден за Германија и за Европа.
Датум со повеќе значења
Но, овој датум за Германците има повеќе значења. На овој ден, во 1918 година, социјалдемократот Филип Шајдеман ја прогласи Републиката од еден балкон на берлинскиот Рајхстаг. Тоа беше крај на монархијата на кралот Вилхелм Втори.
„Работници и војници, бидете свесни за историското значење на овој ден. Се случи нечуено, пред нас стои голема и непрегледна работа. Се‘ за народот, се‘ преку народот. Не смее да се случи ништо што нема да биде достоинствено за работничкото движење. Бидете единствени, верни и одговорни. Монархијата е урната. Да живее новото, да живее Германската Република“!
Младата демократија во Германија од почеток се соочуваше со тешкотии, и левите и десните сакаа да ја снема што побргу.
Почеток на неславен период
На 9-ти ноември 1923 година во Минхен, во Фелдхернхале, вмаршираа националсоцијалистите. Нивен водач беше Адолф Хитлер, кој десет години подоцна сосем легално ја презеде власта во Германија и го втурна светот во најголемата катастрофа - Втората светска војна.
На патот дотаму Евреите во земјата беа дел по дел обесправувани, пред во 1942 година да бидат систематски уништувани. На 9-ти ноември 1938 година, значи пред почетокот на Втората светска војна, во целиот германски рајх гореа синагогите, еврејските продавници беа ограбени. Убиени беа околу сто Евреи, над 26 илјади беа одведени во концентрационен логор. Погромот цинично беше наречен „Кристална ноќ“. Тоа беше еден вид „генерална проба“ за холокаустот. Роберт Леј, шеф на националсоцијалистичкиот Народен фронт, беше дециден:
„Евреите мора да паднат, тие ќе бидат и мора да бидат уништени. Тоа е наша света вера“.
Во историјата на судбоносни денови, овој 9-ти ноември 1938 година е најгрозоморниот. Поголем контраст кон 9-ти ноември 1989 година, падот на Ѕидот, е незамислив.
Безгранична радост
„Лудост“, беше најчестиот збор ноќта кога за луѓето од ГДР неочекувано се отвори границата. Веќе со месеци претходно имаше протести против власта на источноберлинското Политбиро на државната партија СЕД, Партија за социјалистичко единство. Илјадници пребегаа преку Унгарија и западногерманските амбасади во источноевропските земји. Притисокот за олеснување на патувањата за сите граѓани на ГДР растеше од ден во ден. Но, на ова никој не сметаше - кога на една меѓународна прес-конференција во Источен Берлин беа најавени соодветните правила и дека „стапуваат веднаш во сила“, веќе немаше запирање. Илјадници се втурнаа кон граничните премини во поделениот Берлин. Радоста во вистинска смисла на зборот беше безгранична:
„Онаму каде пуштаа поединечно, сега ја отворија вратата. Така можевме да преминуваме без покажување документи, без контрола. Јас кај себе немав никаков документ“, се сеќава еден граѓанин.
По оваа ноќ немаше враќање кон старите времиња. Првата дупка во Берлинскиот ѕид го урна брзо целиот гнил систем. Четврт пат на 9-ти ноември се пишуваше германската историја, овојпат полна среќа. Неа не можеа да ја поматат ниту тешкотиите кои следеа по падот на Ѕидот и повторното обединување на Германија. Воспоставувањето внатрешно обединување трае имено многу подолго отколку прокламирањето на државното.