1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Миграцијата мора да стане двонасочна улица

28 октомври 2020

Во Берлин се одржува конференција за младите и миграциите. Тоа е едно од тежиштата на германското претседавање со ЕУ. За ДВ на оваа тема зборува државниот министер за Европа во германското МНР Михаел Рот.

https://p.dw.com/p/3kYxX
Michael Roth - Mitglied des Deutschen Bundestages
Фотографија: Andreas Gora/Getty Images

ДВ: На Германија од една страна и е потребна работна сила, а од друга порачува дека луѓето, особено младите, треба да останат во земјите од Западниот Балкан. Како ја решавате таа противречност?
Михаел Рот: Нам ни е важно младите луѓе во цела Европа да можат да ги користат шансите во својата татковина и на континентот. Истовремено, не е добро за една земја ако премногу млади луѓе ги спакуваат коферите, бидејќи тогаш недостасува стручна работна сил, иновативност и општествена динамика. И затоа Сојузната влада интензивно се залага за ЕУ-перспектива на земјите од Западниот Балкан. Реформите ги прават земјите од Западниот Балкан попривлечни за инвестиции и интеграција во економските текови на ЕУ. Тоа значи повеќе благосостојба за населението и далеку подобра перспектива за младите луѓе.
Образованието и квалификациите се клуч за напредокот на тие земји. На пример, се ангажираме на Западниот Балкан преку Друштвото за меѓународна соработка ГИЗ, меѓудругото, и на подрачјето на дуалното образование. Сакаме, преку можностите за образование и работно искуство да придонесеме добро квалификуваните луѓе да можат да се вратат во своите земји. Миграцијата досега беше еднонасочна улица, но сега мора да стане двонасочна.

ДВ: Што им нуди Германија на младите луѓе од Западниот Балкан за тие да останат во своите земји?

Рот: Не се работи за тоа дека младите луѓе повеќе не треба да доаѓаат кај нас. Ние за државите од Западниот Балкан сакаме цврсто место во ЕУ. Во ЕУ, слободата на движење на луѓето е една од главните вредности. Но, како што реков, ние сакаме младите луѓе да бидат слободни во својот избори, да не се чувствуваат присилени да ја напуштат својата татковина. За тоа се потребни перспективи на лице место. Затоа многу опсежно помагаме во развојот на тој регион, пред се преку ЕУ, но и билатерално.
Оваа пролет на самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб ставивме на располагање 3,3 милијарди евра за борба против ковид-19 и последиците од пандемијата за Западниот Балкан. И Европската комисија на почетокот на октомври претстави економски и инвестициски пакет во висина од 9 милијарди евра со кој треба да се модернизира економијата на Западниот Балкан. Германија дополнително им помага на тие земји со разни мерки, на пример, на подрачјето на заштитата на животната средина, климата, зајакнување на правната држава или кај дуалното образование. Но, важни задачи кои ги помагаме се и помирувањето и зајакнување на отворени, плурални и либерални општества.

ДВ: Што бара Германија од владите на земјите од Западниот Балкан за младите да останат во тие земји?
Политиката на проширување на Европската комисија е многу јасна: државите од Западниот Балкан мора да исполнат строги критериуми. Мислата водилка гласи: We deliver, you deliver! (Ние исполнуваме, вие исполнувате!). Тоа значи, ЕУ е подготвена да го прими тој регион во својот круг и го поттикнува патот дотаму со идеи, проекти, експертизи и многу пари. Но за возврат очекуваме вистински реформи. Тука има уште многу простор кога станува збор за брзината на реформите на подрачјата кои ги наведов.
Многу млади луѓе на Западниот Балкан велат дека главните причини за емиграцијата се слабите шанси поради корумпираните институции и слабото почитување на начелата на правната држава. Јасниот напредок во правната држава и борбата против корупцијата и организираниот криминал, би мотивирало многумина од нив да си ја градат иднината во своите земји. А тие реформи би довеле и до економски напредок. Ние сакаме отворени, динамични и инклузивни општества.

Михаел Рот е долгогодишен пратеник на Социјалдемократската партија на Германија и од 2013 година- државен секретар за Европа во Министерството за надворешни работи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема