1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Германија: За поплавите и хероите

Матијас фон Хајн
26 јули 2021

Во катастрофа брзата помош е двојна помош. По поплавите во западна Германија напомош доаѓаат волонтери од соседството, но и од подалечни места.

https://p.dw.com/p/3y3R7
Deutschland Simbach Aufräumarbeiten nach Flut
Фотографија: DW/B. Schülke

На волонтерите им треба помош, а на нивните машини гориво. Поради тоа во четири часот наутро Томас Шпербер и Мариус Глезер се качија во нивната цистерна полна со 32.000 литри дизел дониран од 17 трговци со деривати од Лимбург и околината. Сакаат да го поделат бесплатно во погодените подрачја на сите оние кои расчистуваат со багери и трактори, со камиони и автобуси, со генератори и пумпи. Понудата за помош се шири преку Фејсбук. 

Кога се поставија на паркинг во Ремаген кој е во близина на најтешко погоденото место Зинциг и отворија импровизирана бензинска пумпа, првиот „муштерија“ беше Расим Червидаку со вилушкар на кој беа врзани три празни буриња. Градинарот од Зинциг по катастрофата речиси без пауза работи на расчистување на шутот. Тој самиот имал среќа, вели за ДВ – неговата куќа и фирмата му се поставени на повисоко место, па ништо не му било поплавено. Но, за него и неговото семејство немало дилема дека сакаат да им помогнат на поплавените со сите средства што им се на располагање. Син му учествува во расчистувањето со багерот од нивната семејна компанија. 

Private Hilfeleistende bei der Flukatastrophe an der Ahr
Гориво за оние кои помагаат: дониран дизел тече во бурињата на Расим ЧервидакуФотографија: Matthias von Hein/DW

Луѓето изненадени од подготвеноста за помош 

„Најголемата помош пристига од локалното население“, вели Мартин Фос, аналитичар на катастрофи од Берлин. „Прво на помош доаѓаат оние кои не се толку погодени од катастрофата и можат нешто да сторат. Тие први подаваат рака.“ 

Солидарноста е клучниот слоган во поплавените подрачја. Солидарноста и подготвеноста да се помогне се огромни, и тоа надвор од етаблираните структури на државата или хуманитарни организации. Многумина, кои луѓето инаку ги доживуваат како себични и со натпреварувачки дух, се воодушевени од бранот на помош кој следеше по катастрофата. И научните анализи покажуваат дека луѓето во ситуации на катастрофа во принцип демонстрираат искрена солидарност, вели Мартин Фос за ДВ. „Во моментот кога луѓето ќе западнат во ситуација во која им треба итна помош, примарниот импулс е да се биде тука за другиот“, вели тој. 

Martin Voss, Katastrophenforscher an der Freien Universität Berlin
Мартин Фос се занимава со истражување на катастрофиФотографија: privat

Притоа не мора да се работи за херојство како она на Хуберт Шилер. Човекот кој има околу 65 години и живее во местото Мехерних во Ајфел, со својот 30-тонски багер го расчистувал блокираниот одвод од брана, притоа ризикувајќи си го животот. Но, така спасил над 10.000 животи кои биле под директна закана доколку пукнела браната. 

Повеќе:

Колку ќе чини „поплавата на векот“ во Германија?

„Солењето памет“ по поплавите во Германија никому не помага

По поплавите: Затаи ли системот за заштита во Германија?

Потрага, спасување, расчистување – последиците од поплавите во Германија стануваат појасни

300 километри со багер - за помош 

И Карстен Штајнер е меѓу хероите. Овој стасит маж седи зад воланот на тешкиот багер во Зинциг. Со вилушката прво го зафаќа сосем уништениот мерцедес и го трга на страна. Потоа го собира брдото од шут и го става во камионот во кој се товари ѓубрето. Три дена по катастрофата Штајнер го натовари својот багер на камион и допатува од 300 километри одалеченото место каде што живее, напомош во поплавените подрачја. Секако на своја сметка. На прашањето дека губи приходи бидејќи не работи во моментов, тој само одговори: „Погледнете наоколу. Овие луѓе овде се во многу полоша ситуација отколку јас.“ И потоа продолжува мирно да ја расчистува улицата. Штајнер ќе остане да помага во Зинциг уште неколку дена.

„Волонтерите се вистински херои во ситуацијата“, вели и експертот за катастрофи Волф Домбровски. „И тоа оние кои веднаш се зафаќаат со работа. Особено тие што веднаш почнуваат да координираат и да делат задачи кој што да направи,“ вели овој професор од Бремен. Тој нагласува дека во ситуација на катастрофа престанува да важи механизмот на меѓусебна конкурентност во општеството. „Луѓето одеднаш се растоварени од такви работи. И секој кој ќе пружи каква било помош е херој.“ 

Private Hilfeleistende bei der Flukatastrophe an der Ahr
Три дена по катастрофата Картсен Штајнер го натовари својот багер на камион и допатува од 300 километри одалеченото место каде што живее, напомош во поплавените подрачјаФотографија: Matthias von Hein/DW

И стари пожарникарски возила во акција

Макс Дирон е меѓу овие херои. Овој речиси триесетгодишен маж отиде во Ремаген да го наполни со бесплатен бензин своето приватно старо пожарникарско возило. Дирон тргува со вакви олдтајмери во близината на Бон. Ваквите стари возила во последно време се популарни кај луѓето кои ги преправаат во приколки за патување на непрегледен терен. 

Сега родното место на Дирон, Ар, е таков терен и старите пожарникарски возила се повторно во акција. Тој заминал да помогне уште ноќта кога се случуваше катастрофата. „Мајката на мојата сопруга ми се јави уште во 3.30 по полноќ“, вели тој. 

Во меѓувреме тој секое попладне по 17 часот со група волонтери оди на, како што вели, „Афтер ворк помош“. Носат метли, лопати, колички, гумени чизми и сѐ друго што е потребно во погодената област – и секако многу мотивација да се помогне. „Веќе расчистивме 12 куќи“, вели Дирон и раскажува како неговите стари пожарникарски возила можеле да се пробијат низ улиците во кои модерните камиони на службата за помош не можеле да поминат. Затоа тој со неговата група доброволци, опремен со старите возила и генератори и пумпи за вода, ќе оди во изолираните и потешко пристапни селца.

Private Hilfeleistende bei der Flukatastrophe an der Ahr
Макс Дирон (втор од лево) секое попладне по 17 часот со група волонтери оди на, како што вели, „Афтер ворк помош“Фотографија: Max Diron

Шатл-автобуси за волонтери 

За оние кои немаат специјално возило, а сепак сакаат да помогнат, на располагање има шатл-автобуси за транспорт до погодените региони. Во седум наутро минибуси и автобуси возат волонтери до поплавените подрачја. Речиси 1000 луѓе дневно. Организаторот на овој превоз, Марк Улрих од Бад Нојенар-Арвајлер, по катастрофата забележа дека има многу доброволци кои сакаат да помогнат. Но, тоа би значело комплетен сообраќаен хаос ако сите тргнат натаму со свои возила. Така не би можеле да се пробијат ниту спасувачките возила и теренците за расчистување. Тогаш му дошла идејата за превоз со шатл- автобуси која ја шири преку Фејсбук, каде се објавени и времето и местото на поаѓање и враќање. 

Пред поаѓање волонтерите се брифираат за тоа како да се однесуваат во настраданите подрачја. „Не влегувајте непоканети во празни куќи“ и „слушајте ги луѓето ако сакаат да зборуваат со вас, но не почнувајте вие со конверзацијата,“ гласат дел од препораките. 

Што ако попушти подготвеноста за помош? 

Во интервју за бонскиот весник „Генерал Анцајгер“, 42-годишниот бизнисмен Улрих изразува загриженост за тоа колку ќе трае оваа подготвеност за помош. Тој стравува дека катастрофата од поплавите наскоро ќе биде засенета од други теми. И експертот за катастрофи Домбровски смета дека наскоро ќе стивне обемот на помош од доброволци. „Луѓето кои одат таму на помош се сепак луѓе кои работат и имаат свои семејства, деца, роднини. И по некое време доаѓа и до заситување од прекрасното чувство да се биде херој шти помага. Потоа се јавува друго чувство: морам да се вратам на работа или му требам и на моето семејство. Или пак се доаѓа до работ на силите“, појаснува професорот. 

Најдоцна тогаш во местата мора да биде обезбедена континуирана професионална помош, вели Домбровски. „Но, тоа значи дека најлошото поминало и веќе и не е потребна спонтаната помош.“ Потоа следи фазата на обнова. 

По поплавите во Германија: Прво борба за живот, сега за економска егзистенција