1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара укинување на правото на вето во ЕУ

БГ /АФП
7 јуни 2021

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас денеска побара ЕУ да го укине правото на земјите-членки да ставаат вето на надворешно-политички одлуки. Мас смета дека е недозволиво ЕУ да биде држена како „заложник“.

https://p.dw.com/p/3uXXN
Heiko Maas, Bundesminister des Auswärtigen
Фотографија: DW

„Не може повеќе да бидеме држени како заложници од оние кои ја парализираат европската надворешна политика со своите вета“, рече Мас, обвинувајќи ги оние кои го прават тоа дека ја загрозуваат кохезивноста на Европа.
„Затоа кажувам многу отворено: ветото мора да замине- дури и ако тоа значи дека можеме да бидеме надгласани“.
Мас не именуваше никого, но неодамна Унгарија блокираше повеќе заеднички изјави на ЕУ.
Лут поради ставот на Будимпешта, државниот министер во германското МНР Мигел Бергер, минатата недела ја прозва Унгарија на Твитер.
„Унгарија повторно ја блокираше изјавата на ЕУ за Хонг Конг. Пред три недели се работеше за Блискиот исток. Заедничката надворешна и безбедносна политика не може да функционира на база на блокади. Потребна ни е сериозна дебата за тоа како да се менаџира незадоволство, вклучително и преку гласање со квалификувано мнозинство“, напиша Бергер.
Отворените изјави се невообичаени затоа што Германија никогаш досега не практикуваше отворени критики кон друга земја-членка во ЕУ. Свесна за својата политичка и економска тежина во ЕУ, Германија е вообичаено многу претпазлива да не застанува отворено на нечија страна.
Освен блокадата на заедничките изјави за Хонг Конг и Блискиот исток, Унгарија минатиот месец се спротивстави и на ратификацијата на новиот договор за трговија и соработка со африкански, карипски и пацифички држави.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се обидува да изгради поблиски односи со Кина и неодамна договори отворање на филијала на кинески универзитет во Будимпешта, и покрај протестите на опозицијата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи