Програмите на германските партии и Западниот Балкан
10 септември 2021Последното патување на канцеларката Ангела Меркел во странство би требало да ја одведе на Балканот. Тоа ќе биде силен сигнал дека најмоќната политичарка на Европа својот 16-годишен мандат го завршува со посета на регионот на кој одамна му беше ветен прием во ЕУ, но и понатаму е во чекалницата.
И покрај големите зборови за „европската перспектива“, кои сѐ уште се изговараат во дипломатските прилики, програмите на германските партии пред изборите на 26 септември многу скромно и завиено говорат за таа „перспектива“. Всушност, ниту една единствена партија не наведува експлицитно дека ќе се залага за полноправно членство на земјите од регионот во ЕУ.
„Западниот Балкан не е приоритет за германската надворешна политика, па ни за ЕУ. Тоа е веќе со години јасно. Во Берлин веќе долги години преовладува ставот дека регионалниот приоритет е стабилност, што и да значи тоа“, вели за ДВ, сараевскиот политиколог Јасмин Мујановиќ.
Што пишува во програмите?
ДВ ги анализираше програмите на шесте водечки германски партии за претстојните парламентарни избори. Тоа се обемни документи, меѓу 100 до 200 страници, каде секоја партија наведува каква политика би водела на различни полиња доколку ја добие довербата на граѓаните.
Социјалдемократите, според анкетите водечка партија, која веројатно ќе го даде следниот канцелар, на регионот му ги посветуваат следните неколку реченици:
„Соседството на Европа на југ и исток е одбележано со кризи и растечко влијание на други држави. На овие предизвици, ЕУ мора да им пријде со нов концепт на европска соседска политика. Ќе ги интегрираме земјите од Западниот Балкан“. Не се прецизира каков е тој „нов концепт“ на соседска политика, ниту што значи „интеграција“ на земјите како Северна Македонија.
Конзервативците на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ-ЦСУ) го наведуваат следното:
„Се залагаме за натамошно интензивно врзување на државите од Западниот Балкан со ЕУ, бидејќи безбедноста и стабилноста на непосредното соседство е од голем интерес. Сепак, внатрешната кохезија на ЕУ не смее да биде ослабена со приемот на нови членки. Земјите-кандидати мора да ги исполнат сите пристапни критериуми“.
Слична формулација - прво внатрешни реформи и зајакнување на ЕУ, а проширување можеби во иднина - последните години користи и францускиот претседател Емануел Макрон, поради што беше и предмет на критики во Берлин. Но сега, се чини и конзервативците се приклонуваат кон таа реторика.
Најконкретни Зелените и АфД
Партијата на Зелените се залага за повеќе одговорност во соседството на ЕУ и единствена воопшто ја споменува можноста за проширување. „Политиката на проширување на ЕУ е успешна приказна која сакаме да ја продолжиме. Затоа се залагаме за конкретен напредок во европските интеграции на земјите од Западниот Балкан“.
Зелените во програмата ги набројуваат реформите во однос на демократијата, правната држава, борбата против корупцијата, заштитата на малцинствата (особено Ромите), помирувањето и процесуирањето на воените злосторства.
Зелените конкретно би работеле на овие иницијативи: визна либерализација за Косово, напредок во дијалогот на Белград и Приштина, почеток на прегоровите со ЕУ на Северна Македонија и Албанија, создавање на граѓанско општество во БиХ... Зелените отфрлаат и ново повлекување граници по етнички принцип.
Десничарската Алтернатива за Германија единствена јасно вели дека е против проширување на ЕУ:
„Западниот Балкан е важен дел на Европа и сѐ повеќе станува интересна сфера на странски сили. Заради стабилизација, се залагаме за привилегирано партнерство со земјите од регионот. Безбедносната соработка со нив мора да се продлабочи со оглед на миграциските движења. Стриктно одбиваме проширување на ЕУ“.
Германските Либерали и Левица во своите програми не го споменуваат Западниот Балкан.
Проширувањето во длабок мраз
Конкретно, за регионот се предвидуваат „интеграција“, „интензивирање на поврзувањето со ЕУ“, „конкретен напредок“ и „привилегирано партнерство“. Во прашање се „формулаични синтагми“, односно веќе одомаќинети и рутински формулации, толкува Александра Саламуровиќ, лингвистка која на Универзитетот во Јена се занимава со анализа на јазикот на политиката и медиумите.
„Дискурсот на проширувањето на ЕУ не се развива ни концептуално, ниту јазички, а со самото тоа и на планот на конкретната политичка акција ништо не се менува“, вели Саламуровиќ.
„Квантитативната лингвистичка анализа на програмата на најголемите партии покажува дека Западниот Балкан се споменува многу ретко, додека други геополитички региони се од далеку поголемо значење, на пример, т.н. глобален Југ“.
Според последните анкети, идното владејачко мнозинство би можеле да го сочинуваат Социјалдемократите и Зелените, но ќе им биде потребен и трет партнер и неизвесно е дали тоа ќе бидат Либералите или Левица.
Политикологот Мујановиќ вели дека политичарите во регионот одамна сфатија дека проширувањето на ЕУ е запрено, па се свртеа кон „нови спонзори“ како Русија, Кина и Турција, како и кон некои проекти во ново руво, како т.н. „српски свет“.
Можеби, вели Мујановиќ, за БиХ, Црна Гора и Косово би било подобро Зелените да го преземат Министерството за надворешни работи, затоа што геополитичката позиција на Социјалдемократите ја нарекува „речиси русофилска“.
Нашите соговорници се сепак согласни: кој и да дојде на власт, тоа нема да значи никакви тектонски промени во германската политика кон Западниот Балкан.