Генералниот штрајк во Венецуела со жртви
21 јули 2017Празни улици, блокади, без автобуси и метро: со генералниот штрајк во Венецуела опозицијата во земјата jа заострува својата борба против претседателот Николас Мадуро. Нејзина цел е спречување на планираната уставна реформа. Во судири кои се случија на маргините на протестите во Каракас, загинаа две лица, а тројца се повредени. За време на протестите во населбата Лос Текес изби насилство. Обвинителството отвори истрага. Во текот на протестите во Венецуела кои се проследени со насилство, од април досега загинаа над 100 луѓе, а уапсени се околу 4.500.
Инаку, генералниот штрајк во земјата почна во 6 часот изутрина според локално време и треба да трае 24 часа. На штрајк повика коалиција од околу 20 опозициски партии. Демонстрантите сакаат да го спречат изборот на Уставно собрание, закажан за 30 јули. Опозицијата го обвинува Мадуро дека сака да го пополни Уставното собрание со свои приврзеници за да си обезбеди „диктаторски овластувања“.
На референдумот во неделата (16.07.2013) 7,1 милиони избирачи се изјаснија против уставната реформа на Мадуро. Венецуела, која има најголеми резерви на нафта во светот, минува низ една од најтешките кризи во својата историја. Генералниот секретар на Организацијата на Американски Држави (ОАС), Луис Алмагро, предупреди на опасноста од граѓанска војна. „Стравуваме дека ужасот може да се претвори во крвопролевање“ , рече тој.