1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Венецуела: во парламентот потече крв

ЖА
6 јули 2017

Насилни приврзеници на претседателот на Венецуела Мадуро со часови држеа затворени и малтретираа опозициски пратеници во зградата на Парламентот. САД го осудија упадот, а Мадуро се дистанцираше од него.

https://p.dw.com/p/2g1Z0
Krise in Venezuela Überfall auf Parlament
Фотографија: Reuters/C. G. Rawlins

Поддржувачи на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, вооружени со стапови, вчера утрото насилно упаднаа прво во паркот на Парламентот во Каракас, а на група од нив ѝ успеа да влезе и во зградата, каде нападна опозициски пратеници. Десетина напаѓачи потоа го блокираа влезот на Парламентот, извикувајќи пароли „Нема да излезете одовде“, навредувајќи ги опозиционерите како „убијци“ и, „терористи“. Пратениците се забарикадираа во нивните канцеларии. Дури вечерта полицијата и армијата интервенираа и ја окончаа опсадата на парламентарната зграда, ослободувајќи околу 350 политичари и новинари. Седуммина пратеници од опозицијата се повредени.

Venezuela Sturm des Parlaments durch Anhänger von Nicolas Maduro
Фотографија: Reuters/A. Martinez

Пред инцидентот, во Парламентот се одржуваше церемонија по повод Денот на независноста, 5. јули, раководена од заменикот претседател Тарек Ел Аисами, кој ги повика приврзениците на Мадуро да дојдат во Парламентот.

Американското министерство за надворешни работи  го осуди упадот во Парламентот на Венецуиела како „напад врз демократските принципи“ и го обвини Мадуро дека сѐ повеќе владее во авторитарен стил. И Чиле, како и Организацијата на Американски држави и јужноамериканскиот економски блок Меркосур, го осудија насилството.

Мадуро се дистанцираше од демонстрантите, осудувајќи ги настаните, за кои наредил да се спроведе истрага.

Парламентот е последната важна институција во Венецуела сѐ уште под контрола на конзервативната и десноориентирана опозиција. Владините противници бараат повлекување на претседателот Мадуро, кого го обвинуваат за тешката економска криза и проблемите во снабдувањето со најважни намирници во земјата. Мадуро ја обвинува опозицијата за планирање негово насилно симнување од власт, со поддршка од САД. Во речиси секојдневните протести против Мадуро од почетокот на април, беа убиени 91 лице, а илјадници се ранети.

Владини поддржувачи упаднаа во Парламентот на Венецуела