Газпром пак ја подзатвора „славината“ на гасот за Германија
16 јуни 2022Газпром од денеска ќе испорачува максимално 67 милиони кубни метри плин, образложувајќи го чекорот со доцнење на работите на поправка на цевководот.
Енергетскиот концерн Сименс Енерџи во одговор на ова објави дека плинска турбина, чиј ремонт е вршен во Канада, моментно не може да биде вратена од Монтреал поради санкциите против Русија.
Најновото намалување на испораката на 67 милиони кубни метри гас значи намалување од околу 60 проценти во рок од два дена.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек смета дека зад најавата на Газпром не се кријат технички проблеми, туку очигледно „стратегија за предизвикување немир и покачување на цените. „Моментално, гас на пазарите има, но цените се повисоки“, изјави Хабек. Германскиот министер очекува натамошни редуцирања на испораката на гас од страна на Русија: „Ова не е конечно, допрва почнува.“
Портпарол на енергетскиот концерн Унипер синоќа соопшти дека вчера стигнале 25 проценти гас помалку од договореното: „Засега, изостанатите количини ги дополнуваме од други извори, во постојан контакт сме со германската влада.“
И Италија, според наводи од тамошниот енергетски концерн Ени, вчера (15.06.) добила помалку гас од Русија. „Газпром најави за денеска ограничено намалување на испораката на плин за 15 проценти, без образложување на причините", изјави портпарол на Ени. Лани Италија обезбедуваше од Русија 40 проценти од својот увоз на гас.
Германската влада трескавично се труди да ги компензира руските испораки на гас. Министерот за економија Роберт Хабек тврди дека снабдувањето со гас е обезбедено, дека резервоарите моментално се полнат, но ситуацијата се следи со најголемо внимание. Приоритет во моментов е штедење енергија, на што апелира Хабек: „важен е секој заштеден киловат час“, додавајќи: „Секако, доколу е нужно, ќе преземеме и државни мерки. Мораме да бидеме претпазливи, мораме да работиме концентрирано, а пред сѐ, не смееме да дозволиме да бидеме поделени. Зашто, токму тоа е намерата на Путин.“