Вучиќ е „згрозен“ од нападите врз Трамп
7 јуни 2020Српскиот претседател Вучиќ смета дека претседателот на САД, Доналд Трамп е соочен со „сериозен и тежок непријател“ во обидот да ги смири масовните анти-расистички протести поради убиството на Џорџ Флојд. Во интервју за локалната телевизија во Панчево, Вучиќ го бранеше пристапот на Трамп кој е остро критикуван во повеќето европски држави.
Вучиќ вели дека „се вложуваат огромни пари во кампања против претседателот на САД Трамп“, и дека против него се борат со сите недозволени средства.
„Не заборавајте што му сторија на одредени социјални мрежи. Тоа е скандал над скандалите, од тоа се згрозува секој честит човек кога ќе го види. Имате стотици медиуми кои само зборуваат против вас“, рече Вучиќ.
Тој го критикуваше и отпуштањето на српскиот фудбалер Александар Катаи од фудбалскиот клуб ЛА Галакси, откако сопругата на Катаи на социјалните мрежи ја повикуваше полицијата „да ги убие“ демонстрантите и истите ги именуваше како „одвратна стока“.
„Тие му дале отказ на нашиот фудбалер затоа што неговата сопруга рекла нешто што ним не им се допаднало? Каква врска има неговата сопруга со тоа како тој ја шутира топката? Тоа само ви зборува за хајката и харангата која се води против сите оние кои на било кон начин го поддржуваат претседателот на САД“, рече Вучиќ. Александар Катаи се извини за постовите на неговата сопруга осудувајќи ги како „неприфатливи“, но тоа не го спаси од отказ.