Повлечи - потегни со законот за дивоградби
14 мај 2021Одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише законот за легализација на дивоградбите наиде на различни реакции кај партиите. Дел од нив ја поздравија ваквата одлука и бараат Владата да се откаже од протнувањето на ваков штетен закон. Други пак најавуваат дека нема да се откажат од идејата за легализација на бесправните објекти.
„Не смееме 50 илјади граѓани, семејства да ги оставиме без покрив над глава. Мора да носиме одлуки, решенија на проблемите кои се генерациски, кои некој ни ги остави. Како што беше прашањето со името и многу други за кои влегуваме во нивно решавање и во овој поглед решенијата се или рушење на дивоградбите или соодветна правна законска рамка“, порача денеска вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал Љупчо Николовски. Тој додаде дека СДСМ никогаш нема да биде за уривање на овие објекти и ќе одлучува во интерес на ранливите категории и тоа низ соодветна постапка и легални механизми со вклученост на сите.
-повеќе на темата: Пендаровски кажа „не“ за легализацијата на дивоградбите
Претседателот на државата Стево Пендаровски не го потпиша Указот на законот за легализација на дивоградби, со образложение дека е неуставен и спротивен на владеењето на правото и правната држава. Собранието има рок од триесетина дена за да го донесе повторно законот за легализација на бесправно изградени објекти, со најмалку 61 глас, или евентуално амандмански да интервенира во членовите за кои има забелешки. Ако законот биде донесен повторно, Пендаровски би бил обврзан да го потпише. Во образложението испратено до претседателот на Собранието,Талат Џафери, претседателот вели дека законот ги нарушува темелните вредности и поттикнува на непочитување на законите. Според него, легализацијата на дивоградбите ги става во нерамноправна положба оние кои легално си граделе и за тоа си ги платиле сите давачки. Стопирањето на сите судски постапки против оние кои претходно граделе на диво за претседателот е директно мешање на законодавната во судската власт со што исто така се крши Уставот. За него е спорно и тоа што се дозволува легализација во национални паркови со што се нарушува уставното право на граѓаните за здрава животна средина.
„Како претседател на државата се заколнав дека ќе ги почитувам и штитам Уставот и законите. Таа обврска подразбира не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку, многу повеќе, промоција на правната култура“, порача Пендаровски.
-повеќе на темата: Закон за дивоградби: Амнестија од одговорност и вовед во градежен хаос
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во Битола потврди дека за законот за дивоградби разговарал со премиерот Зоран Заев на последната средба, бидејќи тоа бил еден од законите за кои опозицијата била обвинета дека го кочи. Но, не смета дека власта и опозицијата сложно го изгласале законот во Собранието. Мицкоски политичарите што се противат на изгласаниот закон ги нарече „естрадни и политиканти“, бидејќи не се спротивставиле и не поднеле амандмани. Коментирајќи ја одлуката на Пендаровски, рече дека тоа е негово право, но дека Пендаровски во минатото потпишал и поштетни закони. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека неговата партија ќе го блокира донесувањето за законот за продажба на државно земјоделско земјиште доколку не бидат прифатени нивните забелешки.
Албанската опозиција, пак порача дека поддржува легализација на објектите за домаќинствата, но не и амнестија на урбаните злосторства и легализација на објектите со кои се узурпира и уништува јавен имот. Опозициската коалиција Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива ја поздравува одлуката на претседателот и оценува дека македонската влада и опозиција, се обидоа да прошверцуваат легализација на урбаните злосторства.
И Демократскиот сојуз е задоволен од одлуката на Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. „Доколку законот во иста форма се врати во Собранието, ќе ги искористиме сите деловнички можности за да не се донесе законот во ваква форма и решенија, кои се спротивни на темените уставни решенија и повеќе други системски закони, велат од партијата. Демократскиот сојуз останува цврсто против легализација на дивоградбите и ја повикува Владата да го повлече законот и да не го доставува во Собранието на повторно одлучување.
-повеќе на темата: Погребана ли е правната држава? Нова масовна легализација на дивоградби
Во случај власта и опозицијата повторно да обезбедат повеќе од 61 глас за донесување на законот без да бидат поправени забелешките, претседателот Пендаровски ќе нема право на ново вето. Во таков случај, следна инстанца би бил Уставниот суд. Антикорупциската комисија веќе најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на законот за дивоградби.