1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Огромен пораст на други болести

Б. Јордановска | АРД
2 ноември 2021

Поради одложени посети на лекар поради пандемијата во Германија, многу други болести не се откриени на време и не се соодветно третирани – ова го покажува анкетата на „Репорт Мајнц“ спроведена на повеќе клиники.

https://p.dw.com/p/42TBY
Поради страв од заразување со коронавирусот, многу Германци не оделе на лекарски преглед на време.
Поради страв од заразување со коронавирусот, многу Германци не оделе на лекарски преглед на време. Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

Ова се лоши денови за Петер Холаус. Шефот на пулмологија на Мариенхаус клиниката во Мајнц, облечен во опрема за операција стои потиштен во ходникот на болницата. „Ова е многу болно за нас. Кога конзилијарно ќе констатираме дека повеќе не можеме ништо да сториме како лекари бидејќи туморот кај пациентот толку многу прогресирал, за нас е тоа поразително,“ вели тој. Претходно на оваа клиника речиси 41% од пациентите биле оперирани, претежно со помал тумор на бели дробови, од кои голем дел со добри шанси да закрепнат. Но, бројките годинава се сосем различни. Има значително поголем број тешки случаи. Лекарите можеле да оперираат само една четвртина од овие пациенти, кај другите туморот бил толку голем и напреднат што пациентите не би ја издржале операцијата.

Многу полоши изгледи за оздравување

Она што сега се случува во Мариенхаус клиниката во Мајнц е реалност во многу клиники низ Германија. ТВ магазинот „Репорт Мајнц“ спроведе анкета во 20 клиники во кои третираат пациенти со рак на бели дробови. Според овие податоци, има 71% повеќе пациенти со тешка форма на болеста во споредба со периодот пред појавата на корона во 2019. И покрај тоа што ова не е репрезентативен примерок, сепак анкетата го открива трендот. На клиниката за торакална хирургија во Хајделберг регистрирале 20% зголемување на ваквите случаи, а во Евангелистичката болница за белодробни заболувања во Берлин според лекарите има една петтина повеќе случаи со тешка форма на тумори.

Значително намален бројот на прегледи и во германските клиники во текот на пандемијата
Значително намален бројот на прегледи и во германските клиники во текот на пандемијатаФотографија: Jan-Peter Kasper/ZB/picture alliance

За пациентите тоа значи неизвесност. Рак на бели дробови во понапредната фаза е тешко излечив. „Тоа значи дека со помош на нашата терапија може да им го продолжиме животот на пациентите, но не можеме да им прогнозираме излекување“ вели Петер Холаус. Дел од пациентите кои ги прегледува сега му се веќе познати. „Имавме неодамна случај на пациент на кој пред четири месеци му беше дијагностицирана сомнителна промена на ткивото, но тој само си отиде дома и не се врати.“ Сега пациентот е повторно во болница, но повеќе не може да му се помогне. Тоа нѐ излудува, вели доктор Холаус.

Милиони пропаднати лекарски термини

Стравот од коронавирусот и можноста од зараза ако се оди на лекар или во болница изминатата година имаше драматично влијание врз состојбите. Според бројките на Централниот институт за здравствено осигурување пропаднале над 20 милиони лекарски термини кај матичните лекари. И на почетокот од 2021 имаше значителен пад. Слични се бројките и од болниците. Според Научниот институт на АОК меѓу октомври 2020 и февруари 2021 има 20% помалку прегледи и интервенции споредено со истиот период претходната година, а пролетта 2020 имало 27% помалку медицински интервенции споредено со 2019.

Последиците се чувствуваат и на клиниките за дијабетес и хронични заболувања. „Репорт Мајнц“ испрати прашалници и во 20 вакви клиники. Резултатите не се репрезентативни,  но повторно го покажуваат трендот –  има 50% зголемен број на случаи на дијабетес во потешка форма. Во однос на хронични болести исто така кај 44% има влошување на состојбата на пациентите, во најголем дел поради пропуштени контролни термини. 

За Рут Хекер, претседателка на Алијансата за заштита на пациенти, ова е колатерална штета од лошата кризна комуникација во изминатата пандемиска година.

„Ние уште пред година и половина предупредувавме и ја прозивавме политиката", вели таа. „Мислам дека министерот за здравство во кого беа вперени сите погледи и по кого сите се ориентираа, требаше да покаже поголема одговорност за да ги информира соодветно целните групи: одете во болници, одете во ординации, јавете се, гледајте што се случува! Со примери за најдобра пракса можеше тоа да се поткрепи." Но, ништо од тоа не се случило, а последиците сега се чувствуваат.

Сојузната влада не гледа пропусти

Министерството за здравство изјави дека секогаш јасно ставале до знаење дека треба да се одложуваат само операции кои немаат медицинска итност. Министерот на 30 мај 2020 апелираше до населението повторно да посетуваат почесто лекари и во февруари годинава рекламираше прегледи за превенција на рак на дебело црево. И шефицата на Сојузната централа за здравствена едукација во август 2020 посочи на темата, исто како и специјалната посланичка за правата на пациентите на сојузната влада. Независно од тоа треба да се посочи дека „одлуката што е медицински и терапевтски нужно најдобро може да проценат докторите кои ги познаваат своите пациенти земајќи ги притоа в предвид сите околности во конкретната ситуација”.

Што треба да се знае за сојот Делта?

Рут Хекер, му префрла на министерството дека било пасивно: „Тие нешта мора постојано да се комуницираат“. Да зрачел министерот со сигурност, тоа ќе се пренесело и на населението, смета таа.

Колку долго ќе се чувствуваат последиците од ускратените услуги не е јасно. На клиниката во Мајнц докторите стравуваат дека драматичните состојби во болницата се само почетокот. Рак на бели дробови често случајно попатно се открива - заради намалениот број интервенции и таквите случајни наоди се намалени. „Тоа е она што нѐ мачи, дека има купишта луѓе што шетаат со рак на дробови, а не знаат дека го имаат и додека дознаат ќе биде предоцна", вели Холаус.