Германија: Настапува четвртиот бран на пандемијата
22 октомври 2021Седумдневната инциденција во Германија продолжува забрзано да расте. Институтот Роберт Кох (РКИ) рано изутрината објави дека бројот на нови инфекции на 100.000 жители во рок од една недела сега изнесува 95,1. Ова е првпат од средината на мај инциденцијата да надмине 90, а пред една недела изнесуваше 68,7. Здравствените заводи пријавиле 19.572 нови инфекции во РКИ во последните 24 часа, а бројот на пријавени смртни случаи од Ковид-19 изнесува 116. Пред една недела беа регистрирани 65 смртни случаи. Бројот на заболени од Ковид-19 примени на клиниките на 100.000 жители во рок од седум дена – најважниот параметар за евентуално заострување на рестрикциите – според РКИ вчера изнесувал 2,45. Кај овој индикатор мора да се земе предвид дека приемите во болница делумно се пријавуваат со задоцнување.
На многу места недостига медицински персонал
Инаку, максимална инциденција на хоспитализациите, по чие достигнување би требало да се заострат рестрикциите, не е предвидена на сојузно ниво, меѓу другото и поради големите регионални разлики. Претходната максимална инциденција на хоспитализации изнесуваше околу 15,5 околу Божик минатата година. Според РКИ, бројот на новозаразени може да продолжи динамично да расте во наредниот период. „Треба да се очекува дека зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19 ќе се забрза во натамошниот тек на есента и на зимата“, пишува институтот во својот нов неделен извештај за пандемијата. Лекарите од интензивна нега исто така алармираат, бидејќи поради недостаток на медицински сестри многу кревети на одделенијата за интензивна нега не можат да се користат. Германското интердисциплинарно здружение за интензивна нега и итна медицина (ДИВИ) објави дека во наредниот период може да се очекува „забележливо ограничување на здравствените услуги за населението“.
„Вистинскиот четврти бран сега започна“
Во моментов, 22.207 кревети за интензивна нега се пријавени како оперативни, а на почетокот на годината имало 26.475. Според ДИВИ, изминатите неколку месеци довеле до влошување на расположението и до дополнителни откази на редовно вработени медицински сестри. „На повидок е тежок есенски и зимски бран“ со многу пациенти со Ковид-19, но и оние со други респираторни инфекции, како што е грипот, кој интензивната медицина во Германија може повторно да ја дотурка „до и преку нејзините граници“, вели Штефан Клуге, директор на клиниката за интензивната нега на Универзитетскиот клинички центар Хамбург-Епендорф.
„Вистинскиот 4-ти бран сега започна и натаму добива во интензитет“, напиша на Твитер, експертот од ДИВИ, Кристијан Карајанидис. Сè уште постои многу тесна корелација помеѓу инциденцијата и новите приеми во одделенијата за интензивна нега. Според регистарот за интензивна нега на ДИВИ, бројот на ковид-пациенти во нив сега се искачил на околу 1500.
РКИ: За очекување се повеќе заразувања на вакцинирани
Според извештајот на РКИ, повторно зачестено се регистрираат кластери во медицинските установи и во домовите за стари лица. За првпат од неделата од 3 до 9 мај, седумдневната инциденција кај луѓето над 90 години се искачи на над 50 во минатата недела.
Со хигиенските мерки и зголемувањето на опфатот на вакцинацијата, ваквите кластери значително се намалија, но тие продолжуваат да се случуваат и ги погодуваат и вакцинираните лица, се вели во извештајот. Многу старите луѓе се особено изложени на ризик да страдаат од тешки и фатални последици во случај на инфекција со коронавирусот.
Генерално, РКИ пишува дека е „за очекување“ оти со текот на времето ќе бидат регистрирани повеќе инфекции кај целосно вакцинираните. Ова се должи на фактот дека сѐ повеќе луѓе се вакцинирани, а вирусот во моментов повторно се шири. „Со тоа се зголемува веројатноста за контакт со вирусот како целосно вакцинирана личност“. Според РКИ, случаите на тежок тек на болеста кај вакцинираните луѓе се многу ретки.