Во кој свет живее Христијан Мицкоски?
7 јули 2018Така е тоа кога ќе се изложиш на подолга експозиција на јавноста и кога пред неа ќе се оцрта една заматена фигура со нејасни политички форми, а која еден ден сака да стане лидер на земјата. Многу работи беа напишани за Христијан Мицкоски откако дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ - за тоа дека е под влијание на долгогодишните патријарси во партијата, па дека е целосно скаран со нив, дека има нешто прозападно во него, дека има професорско знаење да ја еманципира партијата од самата себе, дека тој не е ништо друго, туку само продолжение на една политичка структура која го загуби допирот со реалноста, дека не успеа или не сака да се дистанцира од криминалите, корупцијата на неговата партија и трауматичните настани од 27 април... и уште што не. Во основа, многу повеќе беше напишано и оценувано отколку што тој реално даде повод за тоа. Но, веројатно и не можеше поинаку, затоа што на чело на ВМРО-ДПМНЕ дојде човек кој во политиката беше прилично анонимен (без оглед што кусо време беше генерален секретар на партијата) и од кого поголемиот дел од јавноста очекуваше нешто друго, нешто поинакво.
Некнежното интервју на Мицкоски во емисијата „Топ тема“ на Телма изгледа дека конечно ги растури сите тие илузии, сите лажни претстави, сите недоумици, па и очекувањата, што во партијата, што во јавноста. Едно интервју веројатно не заслужува некоја поширока експликација, но она што Христијан Мицкоски го зборуваше на директен начин ја покажува конфузијата во партијата, загубените координати, бегството од реалноста и бегството од стандардите кои ВМРО-ДПМНЕ ги имаше негувано (без оглед дали секогаш биле исправни) дваесетина и повеќе години. Во основа, тоа интервју покажа дека Мицкоски не е сигурен во кој свет живее, што е она што се случува околу него, какви процеси се движат, што се случува во македонското општество. Тој наликува како да е излезен од земјата на чудата и сега не знае што да прави во реалниот свет. Неговата политичка траекторија не е само прашање на партијата, туку на стотиците илјади поддржувачи кои секогаш очекувале јасен став за одредено прашање (па макар бил и грешен) отколку флоскулите: ќе биде соопштено кога ќе дојде време. Јавноста знае дека ВМРО-ДПМНЕ го оквалификува договорот со Грција како капитулантско дело, а тоа Мицкоски го потврдува во секоја пригода, но на секое друго реално прашање за сегашноста и иднината тој со интелектуалистички напор се обидува да даде одговор за нешто сосема друго. Како да излегол од палтото на Влатко Ѓорчев.
Привидна слаткоречивост
За да го разберете „новото“ ВМРО-ДПМНЕ и да го разберете новиот лидер ова интервју може да ви понуди некои одговори. Во него Мицкоски се обидува да направи заокружена експликација за политиките што се создаваат, но за негова жал, без оглед на привидната професорска слаткоречивост, крајниот резултат е поразителен за партијата. Прво, обидете се да се сетите кој политичар, овде или во регионов, толку пати во еден час и дваесетина минути ќе зборува за себе – „Јас сум сериозен човек“. Секој политичар е опседнат со самиот себе, но сите се обидуваат да го прикријат тоа и да го нагласат со споредни објаснувања. Мицкоски е првиот кој не престанува да повторува дека е сериозен човек, како да другите што се околу него или во противничкиот политички табор го носат со себе хендикепот на несериозноста. Или се негови студенти.
Така, на прашањето на Сања Васиќ дали ќе поднесе оставка доколку успее референдумот за договорот со Грција, Мицкоски одговара: „Тоа е политички сегмент кој е во сферата на хипотетизмот. Не би одговорил на тоа – јас сум сепак сериозен човек за да одговарам на такви прашања“.
Или на прашањето: „Македонија ќе добие покана за НАТО, но членка ќе стане само ако се спроведе договорот за името. Како може Македонија да стане членка на алијансата без договорот за името?“, сериозниот Христијан Мицкоски има професорски одговор: „Ако е прашањето: Дали Македонија можеше да има подобар договор веднаш ќе ви одговорам – да. Сигурно можеше до подобар договор ако процесот се водеше како што треба“ дополнет со уште неколку други слични објаснувања. Васиќ го гледа и се чуди на одговорот и се обидува уште еднаш: „Јас ве прашав како државава ќе влезе во НАТО“. Мицкоски тогаш го дава одговорот кој можеби за него изгледа како главна поента: „Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори ќе дозволите да дадам одговор на вашето прашање со дела“. Колку време ќе треба да помине за јавноста да биде удостоена за одговор – една година, две, шест?
Многу „кремљолози“ кои се обидуваат да разберат што се случува во партијата и да дадат одговори, можеби анализираат дали Христијан Мицкоски се оттргнува од долгодишната програмска определба на ВМРО-ДПМНЕ дека за промена на името граѓаните мора да решаваат на референдум. Па на прашањето – дали ќе поддржите референдум, тој одговара: „Кога би бил учесник на некој квиз би ви одговорил со ‘да’ или ‘не’. Јас сум сериозен човек и своите одговори ги темелам врз факти и аргументи. Ќе видиме како ќе се развива процесот. Сега имаме ситуација во која ништо не е јасно“. Што значи тоа – дека партијата ќе се откаже од она што беше еден од нејзините најцврсти постулати.
Всушност, ВМРО-ДПМНЕ треба посилно од сите други да притиска за одржување на референдум со кој треба да биде одлучено за договорот, кој за нив е „капитулантски“ акт. Можеби Мицкоски мисли дека со политички вербална акробација ќе успее да избегне да даде јасен одговор на клучното политичко прашање. Проблемот со невештите политичари е што мислат дека одложувањето на ставот во круцијални моменти за една држава (па нека е и негативен) може да донесе поени на долг рок. Иако овие долги рокови во конкретниот случај не се поврзани со месеци или година, туку со денови, најдоцна недела-две. На 12 јули треба да стигне поканата од НАТО, а тоа е толку блиску, зад аголот.
Обидувајќи се елегантно да се дистанцира од процесот за изборот на членови на ДИК, Мицкоски, кој сака професорски да држи лекции за факти, изјави: „Колку што знам јас, таму има 14-на кандидати пријавени на конкурсот“. Но фактите се поинакви – на конкурсот за членови на ДИК има пријавено 41 кандидат и нивните имиња ги објавија речиси сите медиуми. Па, тврдејќи дека нема поим кој сѐ се пријавил ѝ вели на водителката: „Ако вие ги знаете имињата на пријавените, помогнете ми да ги дознаам и јас.“ Јавна наивност која е премногу наивна.
Како и секогаш во неговите јавни настапи тој сака да го обезвредни секој труд на ривалот (тоа не е ништо необично за еден политичар), но примерите што некогаш ги употребува Мицкоски се целосно несоодветни. Така, обидувајќи се целосно да го минимизира значењето на честитките од сите европски метрополи, Брисел и Вашингтон за склучениот договор за името, тој тоа го сведува на обична куртоазија, а не како дел од една поширока геополитичка стратегија, па одговара вака: „Дали ние сме запознати со договорот меѓу САД и Камбоџа? Ниту вие го знаете ниту јас, но сме го поздравиле на времето“.
Мицкоски треба прво да погледне во историјата на Виетнамската војна, па после да прави вакви бесмислени паралели. Крајот на војната беше конципиран со Парискиот мировен договор од 1973 година, со кој беше воспоставен мир меѓу САД и Виетнам, а главните преговарачи во овој процес, Хенри Кисинџер и Ле Дук То, истата година ја добија Нобеловата награда за мир. Тогашните југословенски власти го поздравија долгоочекуваниот мир, но Камбоџа не беше дел од тој договор, иако беше голема колатерална жртва. Ниту пак САД подоцна, по падот на Црвените Кмери, склучија договор со Камбоџа, освен некои спогодби за олеснување во трговијата, особено за текстилот. Така е кога се расфрлаш со податоци за кои мислиш дека се факти и сакаш да маргинализираш нешто, за кое претходно со голема жестокост тврдиш дека е „капитулантски акт“.
Други колумни од авторот:
Неодговорни зборови
Клучот за ВМРО-ДПМНЕ не е толку во овие егзибиции со името и референдумот, туку во соочувањето со себе околу крвавите настани од 27 април и обидот за државен удар. Големо прашање е дали Христијан Мицкоски и екипата околу него сака да се дистанцира од крвавиот пир. Дали поради политичките калкулации тие не сакаат тоа јавно да го направат, дали притисоците во структурите се премногу големи или едноставно веруваат дека обидот за убиство на Зијадин Села и раскрвавени глави на пратениците се сосема легитимен чин на една гневна група и дека не значи ништо оти тоа е направено во Собранието? Мицкоски сигурно ги памти зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изречени во обраќањето во македонското Собрание, кога изјави дека сцените од 27 април биле премногу шокантни за него и за сите други политичари во престолнините на земјите членки на НАТО.
Би било екстремно нелогично тој да не се сеќава на тие зборови, ниту на сите пораки од ЕУ, НАТО и САД оттогаш па до денес – дека мора да има целосна одговорност за она што се случи на 27 април. Па затоа екстремно нелогично делуваат неговите објаснувања дека пресудите за групата којашто се обиде да го убие Села биле „политичка пресметка, притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, врз семејствата на тие луѓе. Ова е класична политичка пресуда за луѓе кои се родители, луѓе коишто двоеја и го спроведуваа редот во тој немил настан во Собранието. Тоа е драконска казна за дело за коешто нема елементарни докази“.
Некој ќе рече дека ова се смешни зборови, некој дека се трагични. Веројатно не се ни тоа ни тоа – тие се неодговорни. Иако нема ни „елементарни докази“ за пресудата, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со предлогот за амнестија, што Мицкоски најави дека ќе го предложи до партиските структури, ќе отиде кај Села да бара поддршка за таквиот закон. Мицкоски очекува дека Зијадин Села со една папска милост ќе им прости на оние што сакаа да го убијат, како што направи Јован Павле Втори со посетата во затворот кај неговиот атентатор Али Агџа. Но Али Агџа не беше амнестиран. Остана во затвор и покрај папската прошка.
Шарл де Гол, објаснувајќи ја улогата на политичарот, изјави вака: „Бидејќи еден политичар никогаш не верува во она што го кажува, тој е сосема изненаден кога неговите зборови се земаат за сериозно“. Затоа Христијан Мицкоски треба да размисли за она што го зборува, некој навистина може да го земе за сериозно. На пример, оние што се обидоа да го убијат Зијадин Села може навистина да поверуваат дека тие „двоеле и се обидувале да спроведат ред во Собранието“. Или дека трудот и макотрпната дипломатија што ги вложија Америка и ЕУ за да дојде до договорот со Грција бил безначајна работа. Најпосле, тој еден ден треба да отиде и да разговара со некои од тие луѓе чиј придонес го омаловажуваше во интервјуто. Или пак на македонските граѓани да им објаснува дека она што го видоа на 27 април биле повеќе скечеви, некој вид бурлеска, а не еден брутален напад.
Вака како што тргнало новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ со навреди кои немаат крај кон политичките ривали, не ќе може да ја врати наклоноста на бирачите. Тоа само ќе им го олесни несигурното владеење на сегашните власти, затоа што со навреди и омаловажувања не се стекнуваат нови гласачи. Тоа е лажливиот свет во којшто новото вмровско раководство мисли дека ќе може да ја сврти политичката фортуна на своја страна. До некни изгледаше дека Христијан Мицкоски го има уште со себе периодот на прилагодување во политиката. Од денес тој му истекува како песок меѓу прстите. Ако тој мисли дека има уште време кога треба да ги соопшти своите ставови за клучните моменти низ кои поминува државата ќе се најде во чудо кога ќе ги каже новите изградени вмровски постулати и ќе види дека за нив ќе има малку заинтересирани. Дали е тоа карактеристика на неискусен политичар? Во некоја рака – да. Но, многу повеќе е во погрешната перцепција за самиот себеси и за концептот што мисли дека е исправен. Некогаш еден ден во политиката е многу, а не една недела. А тоа Христијан Мицкоски изгледа не може да го сфати.