1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Во борбата против коронавирусот важен е секој килограм

19 април 2021

Чешка бележи најголем број на смртни случаи од Ковид-19 во светот на еден милион жители. Лекарите веруваат дека една од главните причини за тоа е прекумерната тежина, во што Чесите се рекордери во ЕУ.

https://p.dw.com/p/3rwMf
BdTD Tschechien Protest gegen die Corona-Politik in Prag
Фотографија: Petr David Josek/AP Photo/picture alliance

Чешка е светски рекордер по бројот на смртни случаи од коронавирусот во однос на бројот на население. Со речиси 28.000 смртни случаи, тоа изнесува 2.606 мртви на еден милион жители. На оваа неславна листа следат Унгарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Белгија и С. Македонија, сите со над 2.000 мртви на еден милион жители.

За волја на вистината, податоците од различни земји се само условно споредливи, бидејќи сите држави не водат еднакво ревносна статистика, а има и назнаки дека некаде се прикриваат податоците. Но, во Чешка дневно умираат над стотина луѓе. „Научниците проценуваат оти вистинскиот број на жртви е за една третина повисок“, вели професор Јан Конвалинка, заменик ректор на Карловиот универзитет во Прага.

Интересно е дека Чешка пружа релативно висок квалитет на здравствена заштита, кој е близу до европскиот просек и има втор највисок животен стандард во посткомунистичките земји во Европа. Од каде тогаш толку голем број смртни случаи од Ковид-19?

Infografik Länder mit der höchsten COVID-19-Sterberate DE
Листа на земји во Европа со највисока стапка на смртност од Ковид-19

Најголемиот број експерти и аналитичари во Чешка вината за време на пандемијата ја препишуваат на популистичката влада на олигархот Андреј Бабиш. „Во ситуација во која другите земји воведуваа локдаун, во Чешка беа попуштани мерките. Тоа се случи по летниот распуст, како и пред Божиќ“, критикува Вацлав Хорејши, имунолог од Чешката академија на науки.

Други причини за големиот број смртни случаи поради коронавирусот се слабите контроли на мерките, недоволното следење на контактите на заразените, малиот број тестирања и во поново време брзото ширење на британскиот сој на вирусот.

Лидери во конзумирање на алкохол, марихуана и на цигари

Научниците сметаат дека за високата стапка на смртност придонесува и нездравиот начин на живот на многу Чеси. Оваа членка на ЕУ е на првото место во светот по конзумирање пиво со 200 литри по глава на жител на годишно ниво. Чешка е лидер и по раширеноста на конзумација на марихуана меѓу младите, а на високо место е и по бројот на пушачи.

На тоа треба да се додаде и оти во време на коронавирусот се покажа дека здравствените последици од прекумерната тежина се повеќе од очигледни. И тука се Чесите „лидери“ во ЕУ: 57 отсто од жените и дури 71 насто од мажите имаат прекумерна тежина. Научните студии кои неколку месеци по почетокот на пандемијата ги цитираше World Obesity Federation покажаа дека постои јасна врска меѓу прекумерната тежина и ризиците од смрт при зараза со коронавирусот.

Повеќе:

-Коронавирус: Зошто повеќе страдаат мажите и дебелите луѓе?

-Ковид: Германија ја спушта рампата на границите кон Чешка и Австрија

-Чешка ги повикува отселените лекари да се вратат напомош во земјата

Лекарите во Чешка се обидуваат да го предупредат населението од овие ризици. „За жал Чешка го држи рекордот по бројот на луѓе со прекумерна тежина во Европа“, вели за ДВ Ладислав Душек, раководител на националниот Институт за здравствено информирање и статистика. „Со прекумерна тежина се 80 отсто од корона-пациентите, кои се примени во болница“, вели тој.„Најчесто се погодени оние со прекумерна тежина“, изјави за Чешкото радио Мартина Вашакова, директорка на Белодробната клиника на Универзитетската клиника Томајер во Прага. „Секој би можел малку да ослабне, но наместо тоа, за жал, многумина се здебелија“, вели таа. Вашакова го смета за опасен степенот на прекумерна тежина, кој во Чешка важи како „нормален“. „Стомакот кај мажите и кај жените претставува зголемен ризик“, вели таа. 

Надежи во поубаво време

„Дебелината воопшто во голема мерка го зголемува ризикот од инфекција со Ковид-19“, изјави истражувачот за дебелина Јозеф Чупка за чешкиот дневен весник Деник Н. „Кога лице со прекумерна тежина ќе се разболи, постои многу поголем ризик тоа да заврши на одделот за интензивна нега. И кога ќе заврши на интензивна нега, ризикот од смрт е многу поголем “.

Според Чупка, мерките за борба против пандемијата се исто така дел од проблемот: забранети се спортови во затворени простории, а потрошувачката на алкохол и степенот на прекумерна тежина растат.

Во понеделникот (12 април), корона-мерките во Чешка беа малку олабавени. Експертите се надеваат дека убавото време и повеќе вежбање може да ја намалат стапката на луѓе со прекумерна тежина. Чешките лекари се сигурни во една работа: секој килограм се брои во борбата против коронавирусот.

 

Лубош Палата
Лубош Палата Дописник за Чешка и Словачка, со седиште во Прага