ВМРО-ДПМНЕ глува на пораките за историска одговорност
12 октомври 2018По еднодневна празнична пауза, денеска попладне продолжува седницата на собраниската Комисија за уставни прашања, на која втор ден ќе се расправа за владиниот Предлог за пристапување кон измена на Уставот. Главна тема што го окупира вниманието на јавноста е - дали е обезбедено 2/3 мнозинство што ќе гласа за Предлогот. Во моментов, нема децидна потврда за таква бројка, а на изјавите од власта дека „има доволно пратеници кои се свесни за важноста на овој историски момент за Македонија“, од ВМРО-ДПМНЕ стигнува една иста реплика: „Ниту еден наш пратеник нема да гласа за уставни измени“.
Негативниот однос на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кон Договорот од Преспа и неговото значење за деблокирање на интеграциските процеси, веќе собра безброј критики и изливи на разочараност од европски политичари, вклучувајќи и од функционери на Европската народна партија, каде ВМРО-ДПМНЕ припаѓа.
Спас од апс
Засега нема ниту еден сигнал дека опозицијата е загрижена од своевидниот европски консензус против нејзините опструкции на Договорот од Преспа. Дури и честитката за вчерашниот празник, 11-ти Октомври, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја искористи како обланда во која ќе го вметне истиот „рефрен“.
„Нашата борба денес е Република Македонија, а нашиот предизвик е да ја сочуваме, заштитиме од неодговорните политичари кои одново ја донесоа земјава во нова криза. Оваа криза не е само политичка, туку е и економска, општествена, криза на недостаток на морал, етика, недостиг на демократија. Државата пополека ја губи народот, затоа што имаме Влада која не ја почитува неговата волја, која е јасна, недвосмислена и многу гласна“, рече Мицкоски. Притоа додаде дека „младите се иселуваат, затоа што не гледаат иднина, место каде поради желбата за спас на кариерите на неколкумина политичари, страда цела држава и мнозинството граѓани“.
Но, за спас на чии кариери?
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во неговото гостување на ТВ „21“ изјави дека се барала амнестија за бившото раководство на опозицијата. Истото од владејачката коалиција го тврдат подолг период, но признанието стигна и лично од Мицкоски, кога пред неколку дена му предложи на Заев да се откаже од Договорот, и „да се создаде нова обвинителска институција за сузбивање на организираниот криминал и корупција, со обвинител кој ќе работи и на случаите отворени од постојното СЈО, и кој ќе има можност да ги доиспита и анализира незаконски прибавените снимени материјали“.
Намерата на ВМРО-ДПМНЕ да го замени СЈО со друго СЈО, ги открива мотивите на актуелниот партиски врв, но и на поранешниот лидер, Никола Груевски, кој не штеди критики за оваа институција, особено по последните шест истраги што ги отвори обвинителство, а со дел од нив повторно е засегнат тој.
Плевнелиев: Ова е историска шанса!
И додека во Македонија процесите сѐ уште чекаат импулс на одговорност од пратениците, отрезнувачки пораки стигнуваат и од соседна Бугарија.
„Република Македонија сега има уникатна историска шанса“, порача поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, од вчерашната дебата на тема „Бугарската и европската перспектива: Референдумот во Македонија“, во организација на Европскиот совет за надворешна политика (ЕСВП) со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“. Плевнелиев смета дека Македонија е исправена пред неповторлива можност.
„Има моменти кога судбината ти подава рака и таа треба да биде прифатена. Македонија е точно во таква ситуација“, рече Плевнелиев, нагласувајќи дека нема да има таква шанса во следните 20 години.
Тој направи и мала компарација меѓу двете соседни земји.
„Пред две децении Македонија беше десет години пред Бугарија, а денес е најмалку десет години зад Бугарија. Се што е добро и што се случи во Бугарија во последните години, е благодарение на членството во ЕУ и НАТО. Од 1999 година само странските инвестиции во земјата надминаа 40 милијарди евра“, рече поранешниот бугарски претседател.
Тој оцени дека постојат три можни сценарија за развојот на Македонија. Првото, е да бидат усвоени уставните промени од македонскиот парламент и Македонија да има јасна перспектива, а во регионот траен мир. Второто сценарио, според него, е реалистично и тоа може да ја исправи земјата пред нови избори кои нема да ја променат ситуацијата во Македонија. Третото сценарио е негативно и Македонија може да западне во тотална изолација и можна целосна дестабилизација.
На дебатата, присуствуваа и претставници од Македонија, меѓу кои и неодамна разрешениот заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески. Шефот на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Софија, Торстен Гејслер, како несоодветно го опиша однесување на ВМРО-ДПМНЕ со политиката на бојкот и екстремистички пројави.