Вадефул: ВМРО-ДПМНЕ треба да каже „да“ во парламентот
11 октомври 2018ДВ: Господине Вадефул, македонската влада во понеделникот му го достави на парламентот предлогот за уставни измени. Сега заседава парламентарната Комисија за уставни прашања. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се присутни на седницата, но досега го повторуваат своето „не“ за уставни измени. Вие минатата недела оценивте дека од одлучувачко значење е да се постигне двотретинско мнозинство во парламентот за уставни измени и за промена на името. Сметате ли дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, или барем дел од нив, ќе гласаат „за“?
Д-р Јохан Вадефул: Тоа би била во најмала рака мојата надеж и, искрено речено, и мојата желба. Се разбира, ние можеме само да апелираме и ја сфаќаме тешката состојба во која се наоѓаат (пратенциите, н.з.). Секој пратеник, се разбира, мора самиот, со своја совест, да одлучи што смета дека е најдобро. Но, од наш агол погледнато, Македонија е дел од евроатлантската заедница и не веруваме дека во блиска иднина има друга алтернатива, освен онаа која сега е најдена. Затоа, дури и ако за опозицијата е тоа тешко, нашата препорака гласи - да се оди по тој пат и да му се даде поддршка на договорот со тоа што за тоа ќе се гласа и во парламентот. Ние, како германски политичари, долги години се залагавме да се оди во таа насока, да се отвори патот и сега конечно е отворена една врата низ која сакаат да минат и Македонија и Грција. Мислам дека ваква шанса нема да се создаде повторно толку бргу.
ВМРО-ДПМНЕ е дел од семејството на Европските народни партии (ЕПП). Има ли ЕПП механизми со кои може да се изврши некаков вид притисок за најголемата опозициска партија во Македонија да се натера на промена на ставот?
Не, ние се обидуваме да убедуваме со аргументи и опозицијата знае дека сме пријателски поврзани. Познавам многу колеги од ВМРО-ДПМНЕ и често сум разговарал со нив. Единствени сме околу целта дека Македонија треба да биде примена во евроатлантската заедница. Сега е најден патот и иако некој го смета за проблематичен, мора да се постави прашањето - има ли алтернатива? Јас, реално погледнато, не гледам алтернатива во иднина. Затоа, нашата препорака до сите пријатели едноставно е да се оди по овој пат и да се гласа соодветно во парламентот и да се гледа доброто за земјата, која на крајот треба да се најде во Европа и во атлантската заедница. Многу се надевам дека нашите аргументи се уверливи.
Претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, на Твитер изрази разочарување од досегашната улога на македонската опозиција. Но, како што се чини, ваквите пораки не допираат до ВМРО-ДПМНЕ. Или можеби имате поинакво мислење?
Па, колешките и колегите од ВМРО-ДПМНЕ имаат долго политичко искуство во Македонија и имаат формирано мислење. Но, сега се исправени пред една навистина историска одлука. Можам добро да разберам дека не може многу брзо да се каже - да, сега ќе одиме сепак по овој пат. Но, сега е дојдено времето уште еднаш да се размисли, да не се гледа само како ќе биде утре или задутре, туку како ќе биде во иднина. И, тука постои единство во ставот дека сакаме да бидеме заедно во Европа, во Европската унија и во НАТО. Затоа, се надевам дека ќе биде најдена храброст да се направи овој чекор. Тоа не е едноставно да им го објасните на избирачите, тоа го знам од сопственото политичко искуство, но верувам во колегите од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Вашата изјава за Македонија од пред неколку дена бевте многу јасни: доколку партијата (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) при гласањето во парламентот не гласа за уставни измени и со тоа го блокира патот на земјата во насока на ЕУ и НАТО, ќе сноси политичка одговорност за блокадата на овој пат за Македонија. Дали во таков случај Европските народни партии размислуваат за исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од ЕПП? Дали вакви закани, некаков вид закани, ѝ се веќе упатени на партијата?
Јас не сум Европска народна партија, туку политичар за надворешна политика од пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Германија. Со години добро ја познавам политичката ситуација во Македонија и во целиот регион и се занимавам со тоа. Многу години се обидуваме да ѝ го отвориме патот на Македонија. Водиме многу разговори со соседите, со специјалните пратеници на Обединетите нации. Се ангажиравме многу и во однос на грчките политичари и притоа одбравме јасни зборови. Затоа, сега упатуваме итен апел, јасен апел, упатуваме охрабрување од наша страна за ВМРО-ДПМНЕ да смогне сили и да донесе вистинска одлука. И, уште еднаш, уверен сум дека е тоа можно, дека заеднички ќе успееме Македонија еден ден да стане членка на Европската унија и на НАТО. Но, да нагласам уште еднаш - нема реална алтернатива освен сега да се каже „да“ за одлуката во парламентот.
Како гледате на можноста овој политички јазол да се разврзе со предвремени избори? Дали тоа би било решение?
Тешко ми е од Берлин да ја проценувам смислата на нови избори во Македонија. Тоа мора да се одлучи во Македонија и тоа треба да го одлучат македонските политичари. Но, можам да кажам дека доколку овие уставни измени пропаднат, тогаш ќе пропадне и целиот предлог и во тој случај, според она што го гледам, нема шанса во блиска иднина да се дојде до нова согласност со Грција, до нова согласност меѓу земјите на НАТО и до нова подготвеност во Европскиот совет да се почнат преговори за приклучување не само со Албанија, туку и со Македонија. Затоа, како што гласи латинската поговорка: „hic Rhodos, hic salta“, односно сега докажи го она што го зборуваш. Сега мора заеднички да го направиме решавачкиот чекор. Затоа, апелирам до сите политичари во Македонија и до нашите пријатели од ВМРО-ДПМНЕ сега да кажат „да“.
Д-р Јохан Вадефул е заменик-шеф на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во германскиот Бундестаг