1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Вечните затвореници“ во Гвантанамо

Оливер Салет
11 јануари 2022

Злогласниот затвор Гвантанамо на Куба беше отворен пред 20 години. Кога ќе биде затворен? Ситуацијата на приведените не е променета од доаѓањето на новиот претседател во Белата куќа во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/45NlI
Symbolbild Camp Delta Guantanamo Bay
Фотографија: Paul J. Richards/AFP

Една типична приказна за Гвантанамо изгледа вака: Мохамеду Оулд Слахи помина 14 години зад решетки во Гвантанамо. Го мачеле 70 дена, го испрашувале три години, по 18 часа на ден. Слахи живеел во Германија пред апсењето, бил осомничен дека игра една од водечките улоги во редовите на Ал Каеда, односно дека е вмешан во терористичките напади од 11 септември 2001 година. Сепак, докази за ова никогаш не се пронајдени. Во текот на 14-те години поминати во Гвантанамо, Слахи никогаш не бил обвинет или осуден. Овој денес 50-годишен државјанин на Мавританија на крајот е ослободен од затворот во Куба. Но, никогаш не добил отштета за времето што му го украле од животот.

Адвокатката Ненси Холендер сè уште е прогонувана од случајот, најпознат во нејзината кариера. За судбината на Слахи е снимен и филм, кој неодамна се прикажуваше во кината. Негова грешка бил фактот што своевремено учествувал во работата на еден камп за обука на терористи во Авганистан, се сеќава Холендер, односно тоа што еднаш одговорил на повик од сателитскиот телефон на Осама бин Ладен. Нема сомнеж дека сето тоа не фрла најдобра светлина врз Слахи, но за обвинение, сепак, немало доволно докази.

Благодарение на Гвантанамо, САД станаа земја „која не ги почитува принципите на владеењето на правото“, вели Холендер. Таа зборува за „катастрофална ситуација“. Тоа не важи само за 13-те затвореници кои сè уште се држат во кампот без обвинение и кои одамна требало да бидат ослободени, туку и за оние луѓе кои се осомничени дека се вмешани во нападите од 11 септември, за таканаречените „вечни затвореници“, за луѓето кои сè уште чекаат да започнат нивните судења - 20 години по тие напади.

Filmszene | Der Mauretanier
Тахар Рахим како Мухамеду Оулд Слахи во филмот „Мавританец“Фотографија: Graham Bartholomew/tobis Film/dpa/picture alliance

Владеењето на правото?

Овој недостаток на почитувањето на владеењето на правото не е случаен, тоа всушност беше цел на поранешната американска влада во времето на претседателот Џорџ Буш, вели експертката за Гвантанамо, Дафне Евијатар од Амнести интернешнел. „Американската влада создаде офшор-затвор за целно да го стави вон сила правниот систем на САД“, вели Евијатар. Во извештај на Амнести интернешнал за ситуацијата во Гвантанамо таа ги осудува повредите на човековите права, меѓу другото и временски неограничено затворање без подигање обвинение, како и измачување затореници. За сето ова нема јавно достапни информации, но Евијатар наведува различни истраги, вклучително и онаа на Комисијата за работата на тајните служби на американскиот Сенат, која зборува за брутално измачување на неколку десетици мажи во Гвантанамо.

Воената база на САД во заливот Гвантанамо, на Куба, како поморска база постои повеќе од 100 години. Дури во јануари 2002 година, само неколку месеци по нападите на 11 септември, базата беше проширена со затвор за лица осомничени за тероризам. И оттогаш,Гвантанамо стана озлогласенширум светот. Ентони Натале, кој пред суд го брани Абд ал-Рахим ал-Нашири, осомничен терорист на Ал Каеда, отворено зборува за своето разочарување од Гвантанамо. „Се откажавме од сѐ што ја прави оваа земја слободна, земја во која сите имаат исти права.“

71. Berlinale - Sommerfestival | Anwältin Nancy Hollander
Адвокатката Ненси Холендер на отворањето на филмскиот фестивал во Берлин, каде што се прикажуваше филмот „Мавританец“Фотографија: Stefanie Loos/AFP/dpa/picture alliance

Цензура на медиумите

Сите оние кои сакаат да си создадат слика за Гвантанамо на лице место, треба да надминат неколку пречки. Првата е обично кубанскиот воздушен простор. Американските авиони, кои пристигнуваат од Вашингтон еднаш неделно, не смеат да влезат, па овие авиони прво ја „заобиколуваат“ Куба од исток, а потоа слетуваат директно на аеродромот во воената база. Веќе од воздух може да се добие прв впечаток за злогласниот логор во Гвантанамо. На западната страна има аеродром, источно има поморска база, воен суд „Камп Џастис“, како и затвор.

Дозволата да дојдеме во Гвантанамо ја добивме краткорочно, и тоа по неколкунеделни безбедносни проверки. Пред да заминеме за Куба, моравме да го потпишеме „Grand Rules“, документ кој ги дефинира правилата на однесување на терен - новинарите немаат слобода на движење и пред сѐ нема слобода на печат.

Затворот не смеевме да го посетиме ниту од надвор, а сите информации од внатре се строга тајна. И тоа е она што на прво место ги лути адвокатите на затворениците. Ненси Холендер се бореше седум години на суд за нејзиниот штитеник Мохамеду Оулд Слахи да може да го објави својот „Дневник од Гвантанамо“.

Kuba | 20 Jahre Guantanamo - Luftaufnahme
Гвантанамо од воздухФотографија: Oliver Sallet/DW

Планови, планови, планови…

Денешниот ден, 11 јануари, за Гвантанамо означува тркалезен роденден и тоа е значаен датум, датум кој го наметнува прашањето како е можно кампот сè уште да постои и покрај очигледното кршење на човековите права и правната држава? И пред сѐ поради фактот што анти-терористичката војна заврши со последното повлекување на воените сили од Авганистан - што всушност беше оправдување за постоењето на овој логор.

Први планови за затворање на Гвантанамо се појавија на крајот на мандатот на претседателот Џорџ В. Буш. Барак Обама повеќепати ветуваше дека ќе го затвори, но потоа го загуби мнозинството во Конгресот, а републиканците започнаа процедура за донесување закон со кој „ќе му се забрани влез во САД на секое лице притворено во Гвантанамо, без оглед поради која причина“, вели Ненси Холендер. Со тоа трансферот на затвореници на американска територија е невозможно веќе само поради правни причини.

Kuba | 20 Jahre Guantanamo - Lagerjustiz | Camp Justice
Фотографија: Mandel Ngan/EPA/dpa/picture-alliance

Од Трамп до Бајден

Претседателот Доналд Трамп направи пресврт во курсот кон Гвантанамо и најави дека затворот треба да продолжи да функционира. Судејќи според наводите од Републиканската партија, Гвантанамо продолжува да ги штити САД од терористички напади, односно се наведува дека префрлањето на затворениците во САД е премногу опасно. Противниците на Гвантанамо, од друга страна, продолжуваат да тврдат дека самото постоење на логорот е една од причините за радикализација на младите муслимани.

Нов пресврт во политиката кон Гвантанамо дојде во текот на мандатот на претседателот Џо Бајден. По преземањето на функцијата, тој преку својата портпаролка изјави дека сака да го затвори логорот за време на неговиот претседателски мандат.

- повеќе: Гвантанамо по 15 години: Проколнат или воскреснат?

Меѓутоа, кога неодамна се состана Комисијата за тајни служби на американскиот Сенат, а на дневен ред беше Гвантанамо, на седницата немаше претставници на владата на Бајден. Тоа само покажува кои се приоритетите на владата, вели Ненси Холендер, додавајќи дека американската влада досега „не направила ништо конкретно во врска со своите ветувања“ за Гвантанамо.

Владата на Бајден, со пропаднатата инфраструктурна програма и претстојните избори, пред кои рејтингот на Демократите е лош, во моментов има очигледно многу поголеми проблеми од Гвантанамо. Целосно е отворено што ќе се случува со „Гитмо“ во иднина. Еден дел од затворените може да биде ослободен според планираното. А другите би можеле да бидат вратени во нивните татковини. Затоа, Дафне Евијатар од Амнести интернешнал е оптимист за иднината. „Како што се намалува бројот на затвореници, станува сѐ појасно колку е сето тоа апсурдно.“ Зашто, јасно е и дека настрана од познатите морални причини, секој затвореник во Гвантанамо ги чини американските даночни обврзници околу 13 милиони долари годишно.