Wikileaks Guantanamo
27 април 2011Најновите откритија на Викиликс се потврда за она што познавачите на материјата веќе го претпоставуваа - во најголемиот дел случаи, Американците одвај дека имале некакви индиции кои според правилата на правната држава би го оправдале затворањето на луѓето во Гвантанамо. Во првите години по монструозните терористички напади од 11 септември 2001 година, понекогаш доволно било и само да се патува за Авганистан за од осомничено лице да се стане затвореник во американската воена база на Куба. Во други случаи, доволно била посета во некои од многу сомнителните џамии или поседувањето нараквици од определена марка. Или пак, селани, луѓе кои дошле на свадба, па дури и деца кои биле баксузи и се нашле во околината кадешто се случила експлозија, по што биле затворени во Гвантанамо на неопределено време.
Во Гвантанамо се затворени околу 800 лица. Само за околу 200 од нив се докажани врски со терористички мрежи. Документите на американските тајни служби што ги објави Викиликс покажуваат дека ловците на терористи кои оперираат глобално и натаму дејствуваат хистерично и без да бираат, и затвораат невини луѓе. Гвантанамо беше и денес е, во најголем дел, систем на самоволие, кој нема правна основа и чие затворање се заканува да стане најголемото неисполнето ветување на претседателот Барак Обама.
Непланско делување
Објавените документи, меѓутоа, покажуваат и дека опасноста од тероризам постоела и се‘ уште е реална. Раководството на Ал Каеда не само што се радувало на, од негова страна, инсценираните терористички напади, туку планирало и нови злосторства на лондонскиот аеродром Хитроу или во арапскиот свет. Само што суперсилата Америка не знаела како да се справи со таа опасност. Таа делувала неплански и недоволно ги познавала погодените региони. Суперсила во паника, која не само што ги заборавиле критериумите на солидно расветлување на злосторствата, туку не го почитувала ниту она што е „два плус два“ во криминалистиката.
Со исклучок на Осама бин Ладен и Мула Омар, денеска, во затворот во Гвантанамо, се наоѓаат речиси сите осомничени за нападите од 11 септември. Но, тие не можат да сметаат со коректен судски процес ни за време на мандатот на Обама. Освен тоа, новооткриените документи отвораат и нови прашања, како она за улогата на пакистанската тајна служба ИСИ во борбата против тероризмот во регионот. Експертите долго време претпоставуваат дека таа служба го знае и го штити местото на кое што се наоѓа Осама бин Ладен. САД, тоа го покажуваат и сега објавените документи, оваа наводно пријателска тајна служба, во меѓувреме и самите ја сметаат за терористичка организација. Откритие кое ќе ги оптовари дополнително и онака веќе затегнатите односи на САД со Пакистан.
Автор на коментарот: Даниел Шешкевиц
Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска