„Светото лажиче“ ги крена тензиите пред Велигден
29 април 2021Граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита, апелираа денеска здравствените лица, откако се вжешти полемиката во јавноста околу празнувањето на Велигден во врските храмови. Откако црквите добија упатства пред сите храмови да бидат поставени редари кои ќе водат сметка верниците да држат соодветно растојание, а таму каде што има услови литургиите да се служат на отворено, сега копјата се кршат околу „светото лажиче“. Полемиката околу тоа дали треба или не верниците да се причестуваат со една света лажичка во екот на пандемијата, доведе до судир меѓу „белите мантили“ и верските лидери.
-повеќе на темата: Уште еден српски митрополит заразен со коронавирусот
Министерот за здравство Венко Филипче денеска ги осуди најавите на црковните лица дека причестувањето ќе се врши со исто лажиче. „Тоа е сериозен ризик, јас го осудувам тоа. Апелирам тоа да не се прави“, вели министерот за здравство. Тој предлага ако има можност да се најде алтернатива или воопшто да не се прави, потсетувајќи дека верските лидери пред неколку дена на заеднички состаноци со претставници на Владата, зедоа обврска да апелираат го граѓаните да ги почитуваат мерките со цел заштита на нивното здравје. Но, митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар преку „Плусинфо“ порача „луѓето што се неверници и што се против Бога да не се мешаат во црковните работи, бидејќи Црквата не се меша во работата на државата“.
„Нашите верници никогаш не се причестувале од повеќе лажички, па нема ни сега. Луѓето што се неверници и што се против Бога, тие нека си кажуваат што сакаат во јавноста, ама нека не се мешаат во Црквата како што ние не им се мешаме во државата. Ние сме самостојна црква и сами ги носиме одлуките. Преку причестувањето, верниците ги примаат телото и крвта Христова, а тука не може да се експериментира. Ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви, оти ние се причестуваме по секоја литургија, секоја недела“, вели владиката Петар.
Негрижа за последиците
Ваквите ставови на висок црковен претставник предизвикаа жестока реакција на министерот за здравство. Венко Филипче вели дека се неразбирливи ставовите на владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници.
„Почитуван Владико, како верски авторитет Вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните. Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува Вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, Вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за Вас ништо не значат“, му порача Филипче на владиката Петар.
-повеќе на темата: Грција: Православната црква меѓу традицијата и заштитата на здравјето
Министерот преку социјалните мрежи посетува дека во соработка со верските заедници, се предложени протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот. „Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е Вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред сѐ кон безбедноста на граѓаните. Како што многупати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелирам граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита“, дециден е Филипче.
И премиерот Зоран Заев во пресрет на Велигден упати апел граѓаните да ги почитуваат мерките. „Во пресрет на најголемиот православен празник Велигден, со разумност и разбирање да ги прифатиме препораките на здравствените работници и да се воздржиме од присуство на масовни собири во црквите и манастирите, за да се заштитиме себеси и другите од коронавирусот. Да ги прифатиме и почитуваме препораките и апелите и на свештенството на МПЦ ОА и да се придржуваме до редот којшто ќе биде воспоставен и да ги слушаме советите на оние што ќе бидат задолжени да го одржуваат редот“, напиша Заев на Фејсбук.