Бугарија: Горчливата вистина е дека без БСП нема нова влада
23 јули 2021„Ако се точни првичните изјави за промени во државата, а не за поделба на функции, треба да има влада во следните 10-15 дена“, рече Тошко Јорданов, пратеник на „Има таков народ“ (ИТН) од собраниската говорница, на отворањето на 46. Народно собрание.
Според него, овој парламент е „многу поблизу до реалноста и до она што го сакаат бугарските граѓани во споредба со претходниот“. Изјавата на Јорданов е јасен сигнал дека ИТН сака да формира кабинет. Нешто на што апелираше и Мика Зајкова, исто така претставник на ИТН, која го отвори вчерашното заседание.
Однесувањето на пратениците од партијата на Слави Трифонов е дел од нивната стратегија, која очигледно е преиспитана. Откако Трифонов објави предлог Влада ден по изборите и истакна дека нема да влегува во преговори со други партии затоа што зборот „коалиција“ станал валкан збор, сега ИТН зборува за преговори и консолидација околу конкретни политики заедно со „Демократска Бугарија" (ДБ) и "Исправи се Бугаријо! Доаѓаме!". Очигледно, слабиот одзив на последното гласање, како и предупредувањата на социолозите дека овој пат не е јасно каков ќе биде исходот на третите последователни предвремени избори, си го сторија своето. Сепак, минатиот пат истите овие социолози ја уверуваа ИТН дека ако се одржат нови избори, тие ќе победат, и беа во право.
Од ДБ и формацијата околу Маја Манолова веќе изјавија дека не сакаат функции во замена за поддршка, туку конкретна програма за владеење што вклучува приоритети важни за нив - на пример, реформа на судството и покачување на пензиите. Со други зборови: преку конкретни ангажмани да се обезбеди поддршката од 112 пратеници, колку што имаат трите т.н. „протестни партии“, а Трифонов да предложи кабинет составен од млади луѓе кои студирале на Запад и зборуваат повеќе јазици.
Но едно нешто останува трн во око на идната владејачка коалиција - од каде ќе дојдат другите 9 пратеници потребни за мнозинство? Затоа што дури и да се формира малцински кабинет, за важните гласања и реформи кои што трите партии ги ветија пред електоратот, ќе биде потребна поголема поддршка или барем да нема саботажа.
Борбата за опстанок на БСП
БСП се бори за опстанок и тоа не е вест за никого. Додека на парламентарните избори во 2017 година социјалистите добија повеќе од 950.000 гласови, на гласањето на 11 јули тие паднаа на 365.000. БСП е само малку пред „Демократска Бугарија“ и никој не може да гарантира дека нема да падне на четвртото место на следните избори. Корнелија Нинова е цврсто уверена дека ќе остане на функцијата, иако се повеќе водечки функционери на БСП зборуваат за нејзина оставка. На фонот на сето ова, на БСП му треба јасно лице и визија со кои ќе се обиде да ја консолидира поддршката. Слично на поддршката што ја доби претседателот Румен Радев, кого БСП го поддржа за втор мандат, како и привремената влада, чиј министер за правда и портпарол се претставници на партијата.
Со предлогот Кристијан Вигенин да биде претседател на парламентот, БСП покажа дека овој пат не е подготвена за безусловна поддршка на Владата на ИТН. Со социјалистите ќе треба да се водат преговори за и тие да добијат некаков легитимитет - ако не со конкретни функции, тогаш барем со одредени политики што треба да ги поддржат другите партии. Токму овие преговори ќе бидат горчлив залак за партијата на Слави Трифонов, кој повеќепати ја прогласуваше Корнелија Нинова за дел од статус-квото против кое се бори. Или пак за „Демократска Бугарија“, за која БСП е најголем непријател.
ДПС дава поддршка, но по која цена?
За разлика од претставниците на БСП, пратениците на ДПС (Партијата на Турците) ја поддржаа номинацијата на Ива Митева за претседателка на парламентот. Од парламентарната говорница, Мустафа Карадаи потврди дека тие се подготвени за „компромис“, што може јасно да се преведе како поддршка за можна влада на ИТН. Но, зборот „компромис“ од устата на ДПС има малку поинаква конотација. На нив веројатно најдобро се сеќава Христо Иванов од „Демократска Бугарија“, кого Карадеј недвосмислено го посочи како главен непријател.
Затоа што и покрај „историскиот компромис“, кој беше договорен меѓу Реформскиот блок, ГЕРБ и ДПС во 2015 година, тогаш не беше постигната вистинска реформа во судството, а Христо Иванов беше принуден да си даде оставка од функцијата министер за правда. Ваквиот флерт со ДПС и уште еден неуспех во судската реформа, за која апелираат и во Бугарија и во Брисел, овој пат гласачите нема да им го простат.
Во целата оваа ситуација, на прв поглед непромислениот предлог на Маја Манолова, едноставно да и се продолжи мандатот на привремената влада, и не звучи толку фантастично. Бидејќи дури ни БСП не може да одбие таков предлог. А без нивните гласови, „промената“ не може да дојде. Дури и ако е неприродно и за нив самите тие да бидат дел од неа.