Бројни жртви во двоен бомбашки напад на аеродромот во Кабул
26 август 2021Најмалку две експлозии одекнаа на аеродромот во Кабул во екот на евакуацијата на илјадници луѓе од Авганистан. Меѓу жртвите има цивили и воен персонал на САД, но официјални бројки не се соопштуваат. Сомнежите се дека зад нападите стојат припадници на Исламската држава.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби рече дека експлозиите се случила на два различни влеза во аеродромот. Американски претставници сметаат дека најмалку една експлозија била предизвикана од самоубиствен бомбашки напад. Русија соопшти дека биле изведени два самоубиствени напади и дека најмалку 13 луѓе загинале.
Талибанците соопштија дека во нападите загинале најмалку 13 луѓе, меѓу нив и деца, а бројни талибански чувари на редот биле повредени.
Пред експлозиите, САД и други земји ги повикаа сите кои чекаат ред за евакуација да се повлечат од аеродромот поради опасност од напад од страна на припадници на Исламската држава. Но повикот беше залуден затоа што илјадници Авганистанци се надеваат дека ќе успеат да ја напуштат државата пред истекот на крајниот рок на 31 август.
Од земјата досега се евакуирани над 95 илјади луѓе, а повеќе земји, меѓу нив и Германија, денеска ги прекинаа мисиите во земјата.