1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Акутна терористичка опасност на аеродромот во Кабул

ЖА
26 август 2021

„Напуштете го итно аеродромот“ – вакво предупредување издадоа САД, Велика Британија и Австралија до своите државјани, а претходно и германската амбасада во Кабул, поради пораст на ризикот од напади.

https://p.dw.com/p/3zV7z
Afghanistan | Evakuierung Flughafen Kabul
Фотографија: Staff Sgt. Victor Mancilla/U.S. Marine Corps/AP Photo/picture alliance

Американската амбасада во Кабул ги повика своите државјани, поради безбедносни причини, да не се приближуваат кон аеродромот во главниот авганистански град, истакнувајќи дека постои зголемена опасност од напад на портите на аеродромот.

И Австралија и Велика Британија речиси со истите реченици се обратија кон своите сонародници во Кабул: „Не тргнувајте кон аеродромот Хамид Карзаи, а доколку сте веќе таму, засолнете се на безбедно место и чекајте инструкции“. Се укажува на постоење исклучително голема опасност од терористички напад. Слично предупредување издаде уште вчера и германската амбасада во Кабул.

Со денови на влезовите на меѓународниот аеродром во Кабул навалуваат илјадници луѓе, кои по преземањето на власта од страна на талибанците се надеваат да добијат место во некој од авионите за евакуација. Досега во турканиците загинаа најмалку осум луѓе.

Британскиот министер за одбрана Бен Валас препорача по можност да се користи некој друг начин за напуштање на земјата, наместо да се надеваат на некое од малкуте места во авионите, Авганистанците треба да се обидат да стигнат до границата.