Брегзит: ЕУ го одобри „трагичниот“ развод со Британија
25 ноември 2018Лидерите на 27 земји-членки на ЕУ во неделата го прифатија договорот со кој се утврдуваат условите за заминување на Британија од блокот на 19 март 2019 година.
Договорот регулира како Британија може да остане во тесни врски со ЕУ пазарот по период на транзиција од две до четири години. Договорот исто така ги опфаќа финансиските прашања, правата на граѓаните и влијанието на Брегзит врз Северна Ирска, но отвора и простор за идни безбедносни и трговски врски меѓу ЕУ и Британија.
Преговорите за документот на 585 страници траеја до последен момент, и беа проследени со жестоки критики од евроскептиците како и про-ЕУ политичарите во Британија. Во текот на викендот беше надминат и проблемот со Гибралтар кој го актуелизираше Шпанија.
Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск ги повика земјите на ЕУ да го одобрат договорот кој беше постигнат по 17 месечни тешки преговори. Туск оцени дека договорот ќе „ги намали ризиците и загубите“ откако Брегзит ќе биде завршен.
Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер рече дека Брегзит не е „момент за радост и славје“.
„Ова е тажен момент и трагедија“, изјави Јункер.
Но, и покрај одобрувањето на ЕУ лидерите, договорот мора да биде изгласан во Британскиот парламент каде многу пратеници, вклучително и од конзервативната партија на премиерката Тереза Меј, жестоко се спротивставуваат.
Дел од поддржувачите на Брегзит се противат на делот на договорот кој спречува повторно поставување на цврста граница меѓу Северна и Република Ирска.
Евроскептиците, пак, сметаат дека со договорот Британија останува премногу блиску до ЕУ.
Во отворено писмо, премиерката Меј порача дека договорот „е во наш национален интерес“. Таа оцени дека Брегзит може да биде „момент на обнова и помирување“.