1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Велика Британија сака да ја надитри ЕУ

Макс Хофман
23 август 2017

Британците и натаму го игнорираат планот на ЕУ за Брегзит-преговорите. Нивната стратегија на крајот можеби и ќе функционира, смета Макс Хофман.

https://p.dw.com/p/2igWy
Belgien PK David Davis und Michel Barnier
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/G. Vanden Wijngaert

Мишел Барние, шеф на делегацијата на ЕУ која ги води преговорите за Брегзит, деновиве би морал да се чувствува како Сизиф. Кралот Сизиф вечно морал да турка огромен камен, а секогаш кога ќе го искачел до врвот на планината, каментот се стркалувал во долината. Барниевиот камен е планот на ЕУ за преговорите за Брегзит. Преку Твитер, Французинот повторно потсети дека е неопходен напредок во поглед на поглавјата кои се однесуваат на правата на граѓаните, сметката која Велика Британија треба да ја плати за излез од ЕУ и прашањето за Ирска, и дека е тоа неспорно. Прво треба да се преговара за овие три теми, а дури потоа за идните односи на Велика Британија и ЕУ. 

Меѓутоа, проблемот е што Британците, помалку или повеќе, ја игнорираат оваа желба. Министерот за Брегзит во британската влада, Дејвис Дејвис во контекст на новите „позиционирачки документи“ на Велика Британија изјави дека е спремен за водење „формален дијалог“ за идниот однос меѓу партнерите во преговорите. Во превод тоа значи дека Британците, речиси пет месеци по почетокот на процедурата за Брегзит, не ја прифаќаат „мапата“ од ЕУ за водење на преговорите. Стратегијата која се крие зад тоа станува сѐ појасна и гласи: да се зголеми притисокот и да се разбие досега единствениот фронт на преостанатите 27 земји-членки. Планот на Барние повторно се стркала надолу.

Hofmann Max Kommentarbild
Макс Хофман

Несоочување со реалноста во земјата на Брегзит

Брисел досега се однесуваше како да има ас во ракавот. Секако, Велика Британија има многу повеќе да изгуби. Ако сега сите до крајот на годината продолжат да се однесуваат на ист начин и не остварат напредок во спорните прашања, како што е британското израмнување на сметките за трошоците поради Брегзит, тоа ќе биде катастрофално за економијата. И тоа првенствено за стопанството на Велика Британија. Притоа, институциите на ЕУ се водени од ваква калкулација: Британците го знаат тоа и наскоро ќе попуштат и конечно ќе се придржуваат на предвидениот план за преговорите.

Но, што ако не биде така? Во земјата на Брегзитот ситуацијата сѐуште е хаотична. Неопходните одлуки, кои би биле донесени според рационални критериуми, се политички неизводливи. Затоа, во најновите документи во кои се содржани позициите кон Брегзит и натаму лебди духот на англиската поговорка која гласи: „Have your cake and eat it" , што значи да се јаде колачот и истовремено да се чува, односно, да се сака и едното и другото. Пренесено на актуелната тематика - Британија сака да ги задржи правата кои произлегуваат од членството во ЕУ, првенствено за пристапот кон внатрешниот пазар, но без прифаќање на обврските, како слободата на движење. Оттаму, не е чудо што се шири резигнација меѓу одреден круг дипломати во Брисел. Како да се излезе на крај со такво одбивање да ѝ се погледа на реалноста во очи?

Можна корекција на курсот кај ЕУ

Досега, официјалниот став гласеше: останување на курсот! Шефовите на држави или на влади на останатите 27 земји-членки на ЕУ поставија цели и ќе се придржуваат кон нив. Но, инсистирањето на секоја ситница од принцип, може да се покаже контрапродуктивно. Во прва линија по самиот план на преговорите. Со тоа Брисел само би им наведувал вода на водениците на своите критичари, кои го обвинуваат за отсуство на чувство за реалност, нефлексибилност, бирократичност, што се главните замерки на сметка на ЕУ. Колку повеќе тече времето, а за потсетување - на 29. март 2019. година Велика Британија излегува од ЕУ, толку ќе расте притисокот врз Брисел да се спаси што може да се спаси. А тогаш, придржувањето кон претходно направениот редослед на преговорите, во такви услови, нема да има веќе смисол.

Порано или подоцна сигурно и меѓу 27-те ЕУ-членки ќе се засилат гласовите за што поскоро регулирање на идните односи меѓу ЕУ и Британија, уште пред преговарачите да се усогласат за трите приоритетни теми. Ако Британците останат на досегашната стратегија, да забијат колец на раздор меѓу ЕУ-членките, не е исклучено 27-те земји да го коригираат својот курс и да го прилагодат планот. Тоа би била мала победа за Велика Британија, зашто ЕУ ќе загуби еден од асовите од рака. Но, тоа може да биде единствениот пат за правовремено постигнување било каков договор. Наспроти британската премиерка Тереза Меј, најголем дел од ЕУ-дипломатите се на мислење дека лош договор е сепак подобар од никаков.