Брегзит: Без план, но со цврста решеност
17 јули 2017Од денеска во Брисел ќе се преговара поинтензивно околу Брегзит. Претстојат тешки недели и месеци, за преговарачите, но и за сите други за кои исходот е од исклучително значење.
Разговорите во рамките на вториот преговарачки круг треба да траат до четврток. Предводникот на преговарачкиот тим на ЕУ, Мишел Барние ( на фотографијата лево) и британскиот министер за Брегзит Дејвид Дејвис (десно), меѓу другото ќе дискутираат за идниот правен статус на ЕУ-граѓаните кои живеат во Велика Британија, финансиските побарувања на ЕУ кон Велика Британија, како и статусот на британската провинција Северна Ирска. Тоа се топ-темите, кои според желбата на ЕУ, треба да бидат завршени до наесен.
Британската страна не се согласува во иднина споровите со ЕУ да завршуваат пред Европскиот суд во Луксембург. Велика Британија сѐ уште нема заземено конкретна позиција во однос на останатите ЕУ-приоритети. Меѓутоа, Лондон би сакал што поскоро да се зафати со склучувањето иден трговски договор со ЕУ. Брисел меѓутоа има поинакво рангирање на темите: разговори околу идните односи дури откако ќе бидат во основа расчистени најважните прашања поврзани со заминувањето на Британците од Унијата.
Британија неизбежно ја напушта ЕУ во есента 2019. година. Првата рунда преговори на крајот на јуни беше само сондирање на расположението, битката за деталите ќе биде отежната и со новата ситуација на владата на Тереза Меј - малцинска влада. Британската премиерка досега инсистираше на т. н. тврд Брегзит, јасен рез меѓу Британија и континентот. Но, во меѓувреме дури и од нејзиниот кабинет доаѓаат покротки тонови.
Така на пример, министерот за финансии, Филип Хамонд изјави дека најголем дел од членовите на владата се наклонети кон преодна фаза во истапувањето од ЕУ. Само до пред пет недели оваа идеја беше комплетно нова, но сега е прифатлива за веќе речиси сите членови во владиниот кабинет, констатираше тој во разговор за Би-Би-Си.