Борба на титаните- нова епизода
23 август 2018Според агендата на Доналд Трамп, денеска се воведуваат нови казнени царини за кинески производи во висина од 25 проценти. Станува збор за волумен од 16 милијарди долари. Тоа сѐ уште се износи кои двете најголеми економии во светот можат да ги издржат. Кина веднаш возврати и прашање е што ќе се случи ако дојде до натамошно подгревање на конфликтот? Дали Кина се чувствува доволно силна за да се доведе до точка на ескалација со својот најголем трговски партнер, САД? Министерството за трговија во Пекинг најави царини од 25 проценти на американски производи во вредност од 16 милијарди долари, кои опфаќаат увоз на сурова нафта, челик и медицинска техника. Тие исто како и американските, стапија во сила денеска.
Според Томас Јегер, политиколог на Универзитетот во Келн, во Пекинг детално се разгледувало прашањето дали реакцијата на првата тура американски казнени царини кои беа воведени во јули годинава, била исправна. Американскиот претседател Трамп тогаш воведе 25 проценти царини на кинески производи во вредност од 25 милијарди долари. „Кина тогаш веднаш реагираше на ист начин, но во меѓувреме се чини дека размислуваат дали тоа навистина било паметен потег." Сепак одговорот беше ист и на втората рунда американски санкции.
Несигурност меѓу народот
Луѓето во Кина, меѓутоа се загрижени каков исход ќе има трговската војна. „Мислам дека САД ќе ја добијат бидејќи во споредба со Кина се поразвиени. Иако Кина има бројно население, предноста е на страна на САД ако веќе дојде до таму“, вели 25-годишниот тренер Лин Заиши, кого го прашавме за став на улица од 6-милионскиот град Фузху на југоисточниот брег на Кина. 40-годишниот финансиски менаџер Чен Јун пак, е нагласено воздржан и покажува разбирање за двете страни. „Не мислам дека некоја од двете страни е крива, бидејќи обете си ги чуваат националните интереси. Американската влада на чело со Трамп мора да ги земе своите во предвид". Особено самокритички е ставот на еден случаен минувач кој сакаше да остане анонимен: „Светот не може да живее без САД. Тие многу направија за мирот во светот, жртвуваа свои војници и со многу пари ја финансираа ООН. Кина и да ги има истите ресурси на располагање како САД, никогаш не би презела иста одговорност зашто Кинезите се егоистични. Јас сум Кинез, но ова ви го велам најискрено."
Трговски конфликт или трговска војна?
Трговскиот конфликт со месеци е главна тема во Кина. Откако државните медиуми се покажаа самокритички настроени кратко откако изби конфликтот со САД, тонот сега е променет. Државните медиуми постојано аргументираат дека на крај американската трговија, американските потрошувачи и американските работодавци ќе бидат губитниците. „Да земеш камен и да си го удриш по сопствената глава", оваа народна поговорка го сумира ставот на државните кинески медиуми.
Државното и партиското раководство налик на мантра постојано повторува дека конфликтот ќе ги погоди САД посилно отколку Кина. Пред само неколку дена државниот кинески Глобал тајмс предвидуваше дека „трговскиот конфликт најмногу ќе ја погоди средната класа и сиромашните слоеви во САД." Кинеското население пак со недели дебатира и нервозно шпекулира за можните последици од конфликтот.
И покрај медиумската пропаганда изгледа дека луѓето се подготвуваат за најлошото. И покрај тоа што има строги правила, многу Кинези моментално своите заштеди од кинески Јен се обидуваат да ги сменат во евра, долари или злато. Случаите како на еден менаџер на фондови кој наводно се обидел со повеќе килограми злато да ја напушти Кина, само го подгреваат нерасположението во социјалните медиуми во Кина. Државното и партиско рководство веќе реагира и зад кулисите повлече рачна: банките добиле наредба да одобруваат подигање девизи до максимум 5 илјади американски долари без претходно одобрение. Инаку, клиентите мораат да докажат дека навистина итно им требаат долари. Правилото е неофицијално. Писмен документ за новите правила? Не постои.
Игра со страв
„Трговската војна дефинитивно предизвика страв кај населението“, вели Хуанг Вајпинг од Универзитетот Ренмин во Пекинг. Професорот по економија смета дека американските царински казни се пред се средство за водење психолошка војна.
„Во трговската војна меѓу САД и Кина преовладуваат психолошките отколку реалните ефекти. Стравот кај населението постои, но последиците врз реалната економија се минимални.“ Воведените царински кази од страна на Доналд Трамп според волуменот, барем засега, се пониски од обртот на пазарот со недвижности во еден средно-голем кинески град“, појаснува Хуанг Вајпинг. „Не станува збор за пари, стравот кај населението е поголем проблем за кинеската економија“, нагласува овој економски експерт.
Рен Цепинг е еден од најпознатите економски аналитичари на земјата и шеф на Институтот за истражување на Евергранде-групацијата за недвижности. Исто како и многу Кинези, тој верува се уште не е дојдено времето за отворена размена на удари со Американците. „Пред трговската криза меѓу Кина и САД во нашава земја имаше тенденција на билдање самувереност и преценетост“ . Актуелниов конфликт не е предизвика ништо друго освен враќање на разумот. “Мораме јасно да признаеме дека Кина се уште има многу да работи во однос на развој на иновации, висока технологија, финансиски услуги, образование, нуклерна технологија и кај војската“, гласи неговиот отрезнувачки заклучок.
Во меѓувреме на многу од носителите на одлуки во најтесното партиско раководство моа да им биде јасно: Со актуелниот конфликт со САД и големиот отпор при стратешкото преземање компании во Европа некои од основните цели на амбициозната стратегијата „Мејд ин Чајна“ веќе не може да бидат навреме остварени, смета Томас Јегер од Универзитетот во Келн. „Но најдоцна до стогодишнината на Народната република во октомври 2049 година тоа би требало да се промени. Тогаш Кина не само што ќе биде на ниво на САД, туку и ќе доминира во клучните технологии на глобално економско ниво.“