Бомгартнер: Нема рок за проширувањето на ЕУ
13 јануари 2022За време на француското претседавање со Советот на ЕУ ќе се одржи конференција за Западен Балкан чии што контури сѐ уште не се зацртани. Нема ниту точно утврден рок за проширување и отворање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Ова е пораката која што ја испрати денеска францускиот амбасадор во С. Македонија, Сирил Бомгартнер во своето излагање на седницата на Советот за евроинтеграции.
Зборувајќи за приоритетите на Франција за време на нејзиното претседавање со Унијата, тој истакна дека во овој момент е невозможно да се утврди точен датум, но во наредните шест месеци од француското претседателство, постојано ќе се поддржува С. Македонија, за да може работите да се движат во добра насока.
Дел од приоритетите за време нафранцуското претседателство со Советот на Европската Унија за период јануари-јуни 2022 година ќе бидат и зајакнување на европската сила и моќ, заштита од безбедносните, но и секаков друг вид предизвици со кои се соочува ЕУ, заштита на здравјето на граѓаните, економската обнова...
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западен Балкан. „Затоа ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, ќе биде добар за Северна Македонија и за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи не и нас нашите комшии и самата ЕУ“, рече Димитров.