1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисмените стравуваат од „брекзит“

Клаус Улрих/сн15 февруари 2016

Британските евроскептици на сиот глас бараат излегување на нивната земја од ЕУ. Тие во „брекзит“ гледаат добивка. Менаџерите од двете страни на Ламанш , меѓутоа гледаат поинаку на тоа.

https://p.dw.com/p/1HvcY
Фотографија: picture alliance/Klaus Ohlenschläger

Четворица од пет директори на фирми во Велика Британија се против излегувањето на оваа земја од ЕУ за што би требало да се гласа на планираниот референдум. Притоа, сметаат оти излегувањето би имало повеќестрани негативни ефекти на пазарот на труд, прометот и инвестициите. Тоа го покажа анкетата која ја нарача германската фондација Бертелсман, а ја спроведе британскиот истражувачки институт Економист интелиџенс јунит.

79 насто од испитаните претприемачи, директори и функционери, сакаат Обединетото Кралство да остане во ЕУ. Толку јасниот резултат е изненадувачки, бидејќи во анкетата се зборуваше за само најблагата можна варијанта, според која Велика Британија би ја напуштила ЕУ само како политичка единица, а би останала на заедничкиот пазар. Така би имала статус сличен како на оној на Норвешка или на Швајцарија.

Како Швајцарија или Норвешка

Но и во таква „блага“ варијанта за излез од ЕУ, штетата за економијата би била голема, сметаат испитаниците. 42 проценти од нив сметаат дека излегувањето би имало негативен или многу негативен ефект на националниот пазар на труд, а само 12 проценти сметаат оти таа мерка позитивно би се одразила на националната стапка на вработеност.

Британските претпријатија попесимистични од германските

Претприемачите се плашат и дека во нивните бранши би дошло до негативен ефект- 38 насто од испитаниците стравуваат од пад на прометот, 33 проценти - од пад на инвестициите, а 34 проценти - оти ќе се намали бројот на вработени.

На крајот, испитаниците сметаат и дека излезот на Велика Британија од ЕУ претставува закана и за нивните фирми. Според нивна проценка, 3 години по излегувањето, 36 насто од анкетираните би очекувале пад на прометот, 31 отсто пад на инвестициите, а 29 проценти негативни последици за бројот на вработените во сопствените фирми.

Барање на компромиси

Поголемиот дел од анкетираните сметаат дека излегувањето од ЕУ би довело и до намалување на капацитетот на производството во фирмите кои ги водат, или дури дека тие капацитети би морале да се преместат во странство. Таквата постапка како реална опција ја гледаат 41 отсто од фирмите од ИТ-секторот, но и 33 насто од раководителите на фирмите од финансиската бранша.

Арт де Гојс, претседател на фондацијата Бертелсман, смета оти оваа анкета всушност претставува јасно гласање Велика Британија да остане во ЕУ. „Во пресрет на преговорите, бизнисмените ни порачуваат дека во случај Велика Британија да ја напушти Унијата сите би можеле многу да изгубиме. Стравувањето за работните места и за животниот стандард се израз на реална закана.“ Шефовите на европските влади затоа имаат обврска да бараат компромиси, вели Де Гојс.

Belgien, Symbolbild Brexit
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Dubrule

Загрозена благосостојбата во Европа

И германскиот дневен весник „Велт“ смета дека излезот на Велика Британија би ја загрозил благосостојбата во цела Европа. Весникот пишува оти веќе во 2017 година британскиот економски раст би можел да опадне за 1,2 отсто.

А би можело да оживее и барањето на Шкотите за излез од Обединетото Кралство, како што изјави за „Велт“ главниот економист на Хермес инвестмент менаџмент, Нил Вилијамс. Воопшто, би можел да биде доведен во прашање целиот европски проект.

„Пазарите го превидуваат она што е одлучувачко: референдумот за излез од ЕУ најчесто се третира како чисто британска тема“, сметаат аналитичарите од банката Барклис и бараат „на тоа да се почне да се гледа како на европска тема“. Тие велат оти не само во Велика Британија, туку и во Франција и во Источна Европа, националистите се веќе на стартните позиции - и само чекаат да ја разбијат ЕУ.