1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе може ли ЕУ да спречи „брекзит“?

Макс Хофман/ Зоран Јордановски1 февруари 2016

Британскиот премиер Камерон и претседателот на Комисијата на ЕУ Јункер работат врз компромисно решение што би придонело да се спречи „брекзит“. Последниот збор за тоа сепак го имаат тамошните избирачите во В. Британија.

https://p.dw.com/p/1Hn2l
Фотографија: picture-alliance/dpa/EU/Creemers

Британскиот премиер Дејвид Камерон сака веќе в лето или наесен да ги повика сограѓаните да се изјаснат околу останувањето на земјата во ЕУ. Но, претходно тој преговара за реформа на ЕУ, за да може кај Британците да агитира за ЕУ. На консултации со претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер биле разгледувани можните компромиси, кои на 18. февруари би требало да бидат поднесени на самитот на шефови на држави или на влади на ЕУ.

Предлогот мора да ги увери Британците дека се исплати на референдумот за останување во ЕУ да гласаат со „да“, а истовремено другите членки на ЕУ да не добијат чувство дека ја продаваат „душата“ на заедницата. Предлогот мора да е издржан и за да може да издржи и правни спорови кои моижат да се очекуваат во наредните години.

Што ќе добие В. Британија?

Компромисот за можна реформа на ЕУ, каква што бара В. Британија, во суштина се врти околу 4 тематски пакети. За три од нив се смета дека се непроблематични:

-Да нема запоставување на земји кои не се во еврозоната. Камерон сака да се обезбеди земјите кои не го користат еврото како валута да не се најдат во подредена ситуација во однос на државите од еврозоната. Ова барање повеќе е од теориска природа, оти во моментов ЕУ-пратениците не гледаат таква подреденост.

EU Juncker PK nach der Rede im Europaparlament
Фотографија: DW/B. Riegert

-

- ЕУ мора да биде поконкурентна. Повеќе земји-членки, како и Комисијата на ЕУ веќе се декларираа за таквата цел. Тука В. Британија не мора никого да го убедува.

- В. Британија сака да биде послободна во рамките на една „се’ потесна Унија“. Таква „се’ потесна Унија“ спаѓа во основните принципи на ЕУ. Па сепак, веќе никој не смета дека Британците било кога ќе направат некаква слична интеграција во ЕУ, како на пример Германија и Белгија. За В. Британија веќе важат многу исклучоци и можности да не учествува во одредени процеси.

Што В. Британија можеби ќе добие?

Кај четвртиот тематски пакет премиерот Камерон става се’ на една карта - а воедно тоа е најспорниот дел. Тој сака за сите доселеници, дури и за државјани на земји на ЕУ, да го ограничи правото за користење одредени социјални погодности. Но, еден од битните принципи на ЕУ вели дека законодавството на некоја земја на ЕУ во никој случај не смее да биде дискриминирачко за граѓани на други земји-членки. Според досегашните информации, Комисијата на ЕУ сака да му излезе во пресрет на Камерон со предлог со кој сепак нема да биде повреден тој клучен принцип.

-Ограничувањето би можело да биде на одреден временски рок. Владата во Лондон досега се стремеше за исклучување на доселениците од социјалните погодности само за одредено време. Камерон бара 4 години и би можел и да ги добие.

Großbritannien David Cameron und Angela Merkel in London
Фотографија: J. Tallis/AFP/Getty Images

-

- Ограничувањето би било оправдано со вонредна ситуација. За да може ограничувањето да опстои и на суд, В. Британија би морала да приложи „објективни докази“ за потврда дека доселувањето несразмерно го оптоварува нејзиниот социјален систем. Во зависност од тоа како ќе биде дефинирано што е „несразмерно“, В. Британија би можела да ги приложи и неопходните податоци за тоа.

Што В. Британија многу веројатно нема да добие?

Механизмот со 4-годишно исклучување е адут кој В. Британија ќе може да го одигра само еднаш. Доколку би го активирала во 2017. година, ограничувањето би функционирало до 2021. година како некој вид кочница за доселувањето. Лондон не би можел едноставно на своја рака да ја активира таа кочница. Зелено светло би можел да даде само Европскиот совет, по претходна проверка од Комисијата на ЕУ. За Камерон тоа губење на контролата врз механизмот би било горка, но сразмерно мала пилула.

Ќе го прифатат ли земјите-членки компромисот?

Германскиот канцелар Ангела Меркел повеќепати нагласи дека не може да се преговара за слободата на движење внатре во ЕУ. Компромисот за кој досега се дискутира на хартија не ја ограничува таа слобода. Се разбира дека Камерон се надева оти без социјални поволности веќе нема ни да доаѓаат бегалци. Меркел сепак би можела и да се согласи со тој компромис, дотолку повеќе што таа веќе често искажа готовност за компромис за да ги задржи Британците во ЕУ.

Најсилна критика доаѓа од Полска. Тоа не е изненадувачки, оти 700 000 Полјаци живеат и работат во В. Британија. како што моментно стојат работите, тие и натаму би ги користеле социјалните поволности, оти ограничувањето би важело само за новодојдените. Така и Полска би можела да биде убедена.

Резиме: Ако шефовите на држави или на влади на самитот во средината на февруари усвојат сличен пакет, Дејвид Камерон би имал в раце доволно аргументи за кај сограѓаните да агитира за останување во ЕУ. Тој фактички би ги добил речиси сите работи што ги бараше, иако со неколку правни и временски ограничувања кај четвртиот пакет. Некои ЕУ-земји би мрмореле и би се лутеле дека В. Британија ќе добие уште повеќе исклучоци, но ќе дојдат до заклучок дека ЕУ актуелно е во лоша состојба - и без Велика Британија да ја напушти. Клучниот збор на крајот ионака го имаат Британците: нивното „да“ би решило за опстанок во ЕУ.