1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Германија ќе помага, ако Скопје турка реформи

28 ноември 2018

Мноштво позитивни оценки за напредокот на Македонија, но и предупредувања од евентуален неуспех на ратификацијата на Преспанскиот договор, и од застојот на реформите во земјата на дебата во Берлин.

https://p.dw.com/p/391WT
Diskussionsveranstaltung der Südosteuropa-Gesellschaft
Од дебатата во германскиот Бундестаг за МакедонијаФотографија: DW/P. Kouparanis

Целосно сменета атмосфера во државата во позитивна насока, честитки за договорот со Грција, но и критиките за бавното темпо на реформи во Македонија. ЕУ перспективата на Македонија и ратификацијата на Преспанскиот договор привлече неочекувано големо внимание и присуство на трибината во германскиот Бундестаг. Дебатата организирана од Друштвото за Југоисточна Европа на иста маса ги седна одговорните за Македонија во министерството за надворешни работи Кристијан Хелбах и во кабинетот на канцеларката Меркел, Матијас Лутенберг, авторот на патоказот за реформите во Македонија, Рајнхард Прибе, повеќе пратеници во Бундестагот, дипломати, како и гостите од Македонија и Грција, Симонида Кацарска и Ксенија Куналаки од грчкиот весник Катимерини.

Генералниот заклучок е дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ, но е добро подготвена за почеток на преговорите. Тоа го потврдија Хелбах и Прибе, а Кацарска дополни  дека со оглед на тоа колку долго чека на овој исчекор, земјата е и повеќе од подготвена и е на исто ниво со земји како Црна Гора и Србија кои веќе одамна преговараат. 

Конкретна помош од Берлин

Фалби за владата во Скопје стигнаа од кабинетот на германската канцеларка. Матијас Лутенберг ја поздрави храброста на премиерот Заев да ги решава проблемите со соседите Бугарија и Грција уште од почетокот на мандатот и тоа, според него, „беше важен сигнал да му се каже и на сопствениот народ дека се подготвени да решаваат проблеми“.

Германија, рече Лутенберг, беше многу ангажирана за надминување на спорот со Грција, во тој контекст споменувајќи ја и посетата на канцеларката Меркел на Скопје пред референдумот, а „сега е подготвена и конкретно да помогне со советување и финансиска поддршка“.

„Сакаме да ја поддржиме иднината. Ќе испратиме советници за македонската влада. Сакаме земјата не само да биде стабилна, туку и да напредува“, рече Лутенберг, дополнувајќи дека таква поддршка очекува и од ЕУ, со цел Македонија економски да закрепне, но и да стане поинтересна за странски инвестиции, за што, прв предуслов е „владеењето на правото“.

Најголемо внимание во дебатата привлекоа ставовите на Прибе и Хелбах.

„Доколку во Грција од која било причина не биде ратификуван Преспанскиот договор, ЕУ мора да биде храбра и да ги отвори преговорите за членство со Македонија, независно од спорот за името“, рече Прибе. Македонија мора да остане мотивирана да ги продолжи реформите.

Токму по прашањето за нивото на реформи во Македонија, оценките беа позитивни, но не и унисони. Грчката новинарка Куналаки е убедена дека, сепак, договорот ќе мине и во грчкиот парламент, а потоа ќе се почитува од сите.

Diskussionsveranstaltung der Südosteuropa-Gesellschaft
Рајнхард Прибе и Кристијан ХелбахФотографија: DW/P. Kouparanis

„Стравот дека Мицотакис откако ќе дојде на власт ќе го анулира договорот нема да се оствари затоа што тој нема да сака да ризикува судир со ЕУ“, рече Куналаки.

Од шест дискутанти на трибината „Македонија меѓу надеж и загриженост“, сите со „тешко срце“ прифатија да прогнозираат што би се случило доколку од било која причина пропадне Договорот од Преспа. 

Предупредувања

Најдиректен беше Хелбах, кој прво рече дека доколу не помине договорот, „се плаши во јавност да кажува што навистина мисли“, за потоа да објасни зошто смета дека тоа би била многу лоша вест за земјата.
„Кај дел од населението во Македонија лојалноста кон државата зависи од напредокот на земјата на евроатлантскиот пат“, вели Хелбах.

„Се плашам дека националистичките или етничките наративи повторно ќе нараснат. Доколку Македонија не успее да напредува тоа ќе има последици за стабилноста“, предупреди германскиот дипломат.

На ваквите оценки се придружи и пратеникот на ЦДУ, Торстен Фрај: „Гледаме последниве години дека албанското население во Македонија е незадоволно. Доколку нема јасна перспектива за земјата тоа може да значи нови етнички конфликти“.

Критиките на сметка на владата поради забавеното темпо на реформите, Хелбах делумно ги отфрли.
„Не заборавајте дека оваа влада од која сите имаат големи очекувања, и тоа со право, сепак е на власт само година и пол“. 

Проблемот е ДУИ?

Скандалот со бегството на експремиерот Никола Груевски од земјата и добивањето азил во Унгарија, дискутантите дипломатски го одбегнуваа, а од групата делумно се издвои само Хелбах кој оцени дека случајот може да му ја олесни позицијата на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. „Има сигнали од Мицкоски дека сака да го поддржи договорот од Преспа“, рече Хелбах.

Поранешната германска амбасадорка во Македонија Гудрун Штајнакер од публиката критикуваше дека реформите во Македонија не се мрднати и дека остануваат проблемите со владеењето на правото. Како виновник за ваквата состојба Штајнакер ја посочи ДУИ која, според неа, продолжува со корупциските практики од минатото.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема