1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

За Белорусија содржината на ДВ е „екстремистичка“

Дојче веле
10 март 2022

Белоруското МВР ја класифицираше целата содржина на ДВ како „екстремистички материјал“. Генералниот директор на ДВ оценува дека се работи за „евтини трикови“ и тоа го гледа како доказ за растечката нервоза во Минск.

https://p.dw.com/p/48JV2
Deutsche Welle Logo
Фотографија: picture alliance/dpa/Oliver Berg

Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, ја критикува одлуката на белоруските власти да ги класифицираат содржините на ДВ, па дури и логото, како екстремистички. „Блокирањето на нашата веб-страница во Белорусија беше неверојатен пример за навлегување во слободата на медиумите, а криминализирањето на логото на ДВ, кое што е најавено, покажува колку е нервозен тамошниот режим“, се вели во соопштението на Лимбург. 

Понатаму се вели: „Заобиколувајќи ја цензурата, ДВ сè уште информира многу луѓе во Белорусија. Бројот на корисници е значително зголемен од почетокот на нападот врз Украина. Сега со помош на евтини трикови се обидуваат да создадат псевдо-правна основа за преземање мерки против луѓето кои го користат своето право на слобода на изразување“. 

„Екстремистички производи“ 

Белоруското Министерство за внатрешни работи на 9 март објави дека содржината на Дојче веле (DW) во таа земја е класифицирана како екстремистички материјал. „Врз основа на материјалите на Генералниот директорат за борба против организираниот криминал и корупција на Министерството за внатрешни работи на Република Белорусија, Судот на Централниот округ во Минск ги класифицираше информативните производи на каналот и компанијата „ДВ Белорусија“ на Телеграм како екстремистички материјали“, се вели во соопштението.

Berlin DW-Intendant Peter Limbourg
Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург остро ја критикувае одлуката на белоруското Министерство за внатрешни работи. Фотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Дополнително, се нагласува дека сега целата медиумска и информативна мрежа на Дојче веле, како и нејзиното лого D и W во Белорусија се сметаат за екстремистички.

Досега, повеќето независни белоруски медиуми, исто така, беа класифицирани како екстремистички, вклучувајќи ги порталите Zerkalo.io, Euroradio, Radio Liberty и Nascha Niwa. Веб-страницата на ДВ во Белорусија е блокирана од октомври 2021 година.

Белоруските власти се закануваат со парични казни и затвор до 15 дена за складирање или дистрибуција на „екстремистички материјал“. Иако претплатата на Телеграм не се смета за дистрибуција, веќе има преседани со кои во Белорусија се изречени огромни казни за претплата на „екстремистички канали“.