Русија му се одмаздува на Дојче Веле поради лиценцата на РТ
3 февруари 2022Шефот на бирото на ДВ во Москва, Јури Решето во четвртокот бил информиран дека до петок наутро мора да ја затвори канцеларијата, и сите негови колеги да ги вратат акредитациите. Руското МНР со соопштение информираше дека мерката е одмазда за забраната за руската државна телевизија РТ на германски да емитува на територијата на Германија.
„Шокирани сме. За сите нас тука, ова е многу лично. Има многу отворени прашања во моментов- технички и правни“, вели Решето.
Комисијата за лиценци и контрола (ЗАК) во средата одлучи дека руската РТ не може да емитува програма во Германија за тоа што нема лиценца за тоа. Руското МНР вели дека забраната за ДВ е една од одмаздничките мерки утврдени во средата на 2 февруари, а кои меѓудругото опфаќаат и забрана за влез во Русија на членовите на германската комисија за радиодифузија.
Германското МНР реагираше со осуда на одлуката на Москва оценувајќи дека таа дополнително ќе ги обремени односите меѓу двете земји.
„Мерките кои руската влада ги најави против Дојче Веле немаат никаква основа и претставуваат нов удар врз германско-руските односи“, соопшти министерството за надворешни работи.
Германската министерка за култура и медиуми, Клаудија Рот оцени дека Русија влече погрешни паралели меѓу Дојче Веле и РТ.
„Забраната за емитување на ДВ во Русија и затворање на канцеларијата во Москва се целосно неприфатливи“, вели таа. „ДВ е целосно независна организација. Тоа значи дека, за разлика од РТ, германската држава нема никакво влијание врз програмата. Затоа ја повикувам руската страна да не го злоупотребува проблемот со лиценцата на РТ за политички цели“.
РТ нема лиценца во Германија
РТ, претходно позната како „Русија денес“ (Russia Today) емитува програма на шест јазици и тврди дека нејзиниот германски канал придонесува кон разновидноста на ставовите во Европа. Но, во западните земји РТ ја гледаат како гласноговорник на Кремљ која шири пропаганда и дезинформации. На средината на декември, РТ започна емитување преку својот германски канал преку различни канали, како и преку сателит. Веднаш се соочи со барање од регулаторите за лиценцирање, иако РТ тврди дека ги почитува сите европски закони.
Руската влада ја критикуваше забраната за работа на РТ во Германија.
„Јасна е ситуацијата: руски медиум, би рекол дури и меѓународен медиум, доби забрана за работа во Германија. Тоа не е ништо помалку од напад врз слободата на говорот“, изјави портпаролот на руската влада Дмитри Песков.
Дојче Веле емитува телевизиска програма на германски, англиски, шпански и арапски јазик, а има интернет понуда на 32 јазици, и се финансира од буџетот на државата. Медиумот е поставен независно од државата и владата нема влијание врз неговата програма. ДВ има лиценци во Русија за емитување програма на англиски јазик до 2025 и на германски јазик до 2027 година.
Претерана реакција од руската влада
Генералниот директор на ДВ Питер Лимбург изјави дека одлуката на руските власти само ќе ја засили решителноста на Дојче Веле да известува за настаните во Русија.
„Ова е уште еден знак дека руската влада не е заинтересирана за слободата на печатот и слободата на изразувањето“, рече Лимбург.
„Дури и ако мораме да ја напуштиме земјата, ќе го засилиме нашето известување за Русија. Нема да го игнорираме тоа што се случува во Русија. Ќе известуваме, и тоа сѐ повеќе и повеќе“.
Лимбург вели дека на овој потег не треба да се гледа како на одмазда за одземањето на лиценцата на РТ во Германија, имајќи предвид дека руските новинари се уште можат слободно да работат во Германија, и притоа ДВ е јавен сервис, а РТ е државен сервис.
„Очекувавме некакви мерки од руска страна, но ова е целосно претерување од руската влада“, вели тој.
„Ќе преземеме правни чекори и ќе видиме дали овие мерки се легални, дури и за руски стандарди“, рече Лимбург.
На одлуката на руските власти реагираа и двете најголеми синдикални здруженија на новинари во Германија, ДЈВ и Верди, кои порачаа дека нема оправдување за цензура, и дека Русија продолжува да се изолира и да ги отфрла европските вредности. Синдикатите бараат од канцеларот Олаф Шолц да инсистира на промена на оваа одлука за време на претстојната посета на Москва.