1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Власта и криминалот - прашања без одговор

Ивица Петровиќ
4 август 2021

Мафијашко-политичкиот скандал кој ја тресе Србија и сѐ што е во врска со Вељко Беливук и неговата група, станува ужасно непријатно за власта. Тоа сега е регионален и европски проблем, оценуваат аналитичари за ДВ.

https://p.dw.com/p/3yTXb
Symbolbild Polizei Waffe Pistole Polizist
Фотографија: Fotolia/wellphoto

Мафијашките пресметки во текот на изминатите години, по обичај, се гледаа како дел од фолклорот на организираниот криминал, но сега се појавуваат сѐ повеќе тврдења дека подемот на мафијашките групи се одвивал со тесна соработка со државниот врв на Србија. Со апсењето на криминалецот Вељко Беливук и неговата група почна да се одмотува клопчето на улогата на државата во заштита на одделни криминални групи.

Вељко Беливук беше водач на хулиганско-криминалната група „Принципи“, која работеше во рамки на црногорскиот Кавачки клан. Против оваа група во Србија само што е подигнато обвинение за пет убиства, киднапирање, измачување и силување на едно лице, како и за продажба на дрога и незаконско поседување оружје. Во текот на изминатите недели медиумите во Србија и регионот беа преплавени со мачни детали за начинот на ликвидација на нивните противници, кои вклучувале и убиства со секира и мелење човечко месо.

Мафијашки услуги за власта?

Вељко Беливук и неговата десна рака Марко Миљковиќ во своите искази пред Обвинителството тешко обвинуваат одделни луѓе во државниот врв. Беливук во својот исказ тврди дека со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се гледал и лично во стан во белградската населба Звездара.Тој додава дека Вучиќ и неговите соработници од Српската напредна странка (СНС) од нив барале различни услуги.

Тие услуги се однесувале на спречување на скандирањето на спортски натпревари против претседателот на Србија, застрашување на организаторите на протести против власта, обезбедување мир на Парадата на гордоста, но и влијаење врз таксистите да ги откажат протестите против апликацијата за превоз CarGo (компанија која се доведува во врска со братот на премиерката Ана Брнабиќ).

Serbien Ministerpräsidentin Ana Brnabic (L) und Präsident Aleksandar Vucic
Српската премиерка Ана Брнабиќ и претседателот Александар ВучиќФотографија: MiloÅ¡ MiÅ¡kov/AA/picture alliance

Се разбира, не се знае што точно била противуслугата од страна на власта, но се проценува дека тоа била непречена трговија со наркотици, обезбедување клубови, вносни бизниси со државата, логистичка поддршка, како и поддршка од полициските и правосудните органи при судирање со законот.

Инаку, Беливук на обвинителот му соопштил дека е член на СНС (Српска напредна партија) од 2011 година. Списокот на функционери на власта кои на овој или оној начин се доведуваат во врска со поддршка за споменатата криминална група е практично кремот на „напредњаците“: министерот за полиција Александар Вулин, министерот за одбрана Небојша Стефановиќ, поранешниот државен секретар на МВР на Србија, Дијана Хркаловиќ, претседателот на Извршниот одбор на СНС, Дарко Глишиќ и генералниот секретар на Владата на Србија, Новак Недиќ. Притоа, официјалната истрага не се занимаваше со врските кои оваа група ги имала во политиката и полицијата.

Повеќе: Навивачите во Србија посилни од државата

„Ова е регионален и европски проблем“

Исказите на двајцата криминалци ја покренаа богатата режимска машинерија. Целата таа контрола на штетата се обиде да ја заврти приказната на терен на заговор на опозициските лидери, тајкунски медиуми и странски амбасади, кои наводно се во заговор за соборување од власт претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Притоа, се истакнува дека обвинетите криминалци во своја одбрана можат и да лажат - што секако е точно - но, како што за ДВ нагласува адвокатот и член на мрежата Собрание на слободна Србија, Божо Прелевиќ. тоа нема никаква логика:

„Зошто тие би се бранеле со нешто што само ја влошува нивната позиција? Тие најдобро би поминале кога би рекле дека за сите свои криминални потези ги известувале лидерите на опозицијата и дека од нив добивале задачи“, вели Прелевиќ за ДВ.

Големо внимание на независните медиуми во Србија привлече и текстот во француски „Монд“, во кој, меѓу другото, стои дека „организираниот криминал е во срцето на државниот систем во Србија и Црна Гора“. „Монд“ натаму пишува дека „криминални групи од Црна Гора и Србија учествувале во трговија со дрога со потекло од Јужна Америка, која се транспортирала во цела Европа, а сѐ во спрега со официјалните власти“. Во текстот посебно се апострофира „улогата на браќата на српскиот и црногорскиот претседател, Андреј Вучиќ во Белград и Ацо Ѓукановиќ во Подгорица“, како и податокот дека „синот на српскиот претседател Данило Вучиќ е често гледан во друштво на тие хулигани“.

Serbien Fußball-Derby | FK Partizan Belgrad vs. FK Roter Stern Belgrad
Криминалците наводно требало да спречат скандирање против претседателот ВучиќФотографија: Reuters/M. Djurica

Ситуацијата станува ужасно непријатна за власта, коментира Прелевиќ и оценува дека комплетната афера веќе не е само проблем на Србија: „Ова сега е регионален и европски проблем, и тој проблем не може да го решава само Србија. Сега се поставува прашањето: ако некој ви вети дека ќе потпише правно обврзувачки договор со Косово, дали тоа значи дека тој за неопределен број години може целосно да уништи една земја и дека европските институции, кои имаат многу точни извештаи, поради тоа ќе му прогледаат низ прсти“, се прашува Прелевиќ.

Повеќе: Жариштата на организираниот криминал во Македонија

Неодржлива ситуација - неопходни одговори

Неопходна е комплетна истрага за наводите на припадниците на групата на Беливук, за да се утврди дали навистина има вистина во тоа дека некои криминални групи имале поддршка во врвот на власта, оценува за ДВ Слободан Георгиев, програмски директор на телевизијата Newsmax Adria.

„Ваква ситуација е неодржлива и ние мора да добиеме некои одговори. Мислам дека луѓето во политиката и обвинителството знаат многу за тоа, а движењето на претседателот на Србија може едноставно да се утврди. Мислам дека тоа би било многу корисно и лековито, како и тоа да се утврди како настанала таа група, како од една навивачка група станале организирана криминална група и кој во власта им помогнал во тоа“, смета Георгиев.

Слободан Георгиев смета дека е очекувана кампањата на перење на власта во режимските медиуми, зашто, како што вели „кога контролирате големи медиуми можете да одите наоколу и да раскажувате своја верзија на вистината. А, од друга страна, имате и буџет в раце, па можете и да плаќате луѓе.“

Повеќе: ЕУ му дава 14 домашни задачи на Балканот

Режимски медиуми: Добар човек кој дели пари

Што се однесува до дилемата дали оваа афера ќе им наштети на властите политички или тие ќе успеат некако да ја амортизираат, Георгиев забележува дека „гласачите на Вучиќ ништо ниту гледаат ниту слушаат. Тие само гледаат дека некој го напаѓа и го обвинува за страшни работи, а тој е добар човек кој дели пари на секого и на секого му дава работа. Затоа медиумите и овде се најважни, затоа што вие, освен Вучиќ, кој се врти и плаче дека сакаат да го уништат, а тој ќе отиде на полиграф и ќе каже сѐ, не можете да видите ништо друго“ , оценува Георгиев.

„Мислам дека СНС веќе не може да го убеди ниту своето членство дека не се поврзани со сериозни криминални групи“, додава Божо Прелевиќ, кој забележува дека „наскоро доаѓаат избори, а ќе биде многу тешко да се премине преку ова и ова нема да престане. Судењето и одбраната на обвинетите допрва доаѓаат, и мислам дека информациите што ги има ФБИ ќе бидат на некој начин достапни за јавноста во Србија, но и за европските политичари, и допрва ќе се види со каков проблем сме овде соочени.“

Сѐ додека Вучиќ е сервилен, посебно кон Американците, тука ништо нема да се промени, смета Слободан Георгиев. „Вучиќ е послушен и додека е така мислам дека за него нема да има проблеми. Освен ако Вучиќ не ја промени својата позиција или доколку некој сепак не одлучи да ни прикаже нешто, како своевремено во Македонија, што недвосмислено би го покажувало Вучиќ или луѓе од неговото опкружување дека биле поврзани со организираниот криминал“, заклучува програмскиот директор на Newsmax Adria.