1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навивачите во Србија посилни од државата

Ивица Петровиќ
24 октомври 2016

Мафијашките пресметки повторно се секојдневие во Србија. Војуваат регионалните мафии од екс Југославија, навивачките групи, а трае и борбата за пазарот на наркотици. Премиерот и полицијата ѝ објавија војна на мафијата.

https://p.dw.com/p/2Rbsr
Serbien Hooligans EM Qualifikation Fußball Ausschreitungen
Фотографија: AP

Белградските улици повторно се бојно поле за мафијашките пресметки, во кои често страдаат и случајни минувачи. Страниците со црна хроника се полни со извештаи за нови борби за моќ во српското подземје. Војуваат меѓусебно регионалните мафии од поранешна Југославија, а трае и борбата за пазарот на наркотици. Кулминацијата на сите овие пресметки следеше по убиството на Александар Станковиќ (29), наречен Сале Мутави. Станковиќ беше еден од водачите на навивачката група на фудбалскиот клуб Партизан, бил осудуван како нарко дилер, а и покрај тоа често седел на состаноците со управата на клубот. Јавноста поради тоа доста збунето ја дочека веста дека чест на убиениот му оддадоа не само кошаркарите и фудбалерите на Партизан, туку на неговиот погреб присуствуваа и сите челници на клубот. Некои медиуми тоа го нарекоа „оддавање почит на државната мафија“. Во исто време, премиерот Александар Вучиќ и министерот за полиција Небојша Стефановиќ објавија „Војна на мафијата“ и истакнаа дека нема да дозволат Србија да стане воено поле за пресметка на криминалците од една поранешна југословенска република.

Спрега спорт, политика и мафија

Новинарот на неделникот „Време“, Дејан Анастасијевиќ за ДВ вели дека не очекува ништо од најавената војна против мафијата, бидејќи такви објави имало и во времето на поранешната власт. Тоа едноставно мора да се прави систематски, а не кампањски, истакнува Анастасијевиќ и објаснува зошто мисли дека таа „војна“ нема да има голем успех:

„Едноставно станува збор за тоа дека водачите на навивачките групи очигледно се занимаваат со криминал и тоа добро организиран криминал, а покрај тоа седат и во управите на спортските клубови. Од друга страна, во истите тие управи на спортските клубови седат и политичари.  И тогаш има трикратна спрега – спорт, политика и мафија. Ако државата сака да го реши тоа, тогаш првиот чекор е да се промени статусот на тие клубови, бидејќи не можат веќе да бидат здруженија на граѓани, едноставно Црвена ѕвезда и Партизан не се исто што и колекционери на поштенски марки. Потребно е да се воведат правила на финансирање или да се приватизираат, а не клубовите да се користат како еден од начините за финансирање на политичките партии, каде лежи и суштината на проблемот“.

Дејан Анастасијевиќ смета дека тоа воопшто не е проблем да се направи во правна и техничка смисла. „Проблем е што на политичарите им одговара слабата регулација на работењето на спортските клубови, а им одговара присуството на организираниоот криминал, бидејќи на тој начин индиректно се финансираат политичките партии. Поради тоа, лицемерно е политичарите да објавуваат војна на мафијата,  бидејќи некои од нив, сосема сум сигурен во тоа, се финансираат себе и своите партии од парите од организиран криминал.“

Војна со уништена полиција

Војната против мафијата не може да се води со полиција која е уништена во кадровска и секоја друга смисла, оценува за ДВ Божо Прелевиќ, адвокат и поранешен коминистер за полиција. „Сега има полиција која е под наезда на неписмени и полуписмени луѓе, со купени дипломи, има разни шиканирања, нема соработка со обвинителството, луѓето ја напуштаат полицијата и тоа е нешто на кое што предупредувам веќе неколку години. И сега премиерот вели дека ќе се пресметаме со оние во полицијата кои престојуваат на јахти, и вие гледате дека сѐ тоа се знае. Резултат на сето тоа е по улиците на Белград повторно да ги има 90-те години, да има црногорска мафија, босанска мафија, албанска мафија, има криумчари кои ги фаќаат со по 50 мигранти и потоа ги ослободуваат со еден телефонски повик. Ако сакате нешто да пријавите како граѓанин, ви советувам тоа да не го правите, бидејќи е бесмислено и полицијата е доведена до ниво до кое веќе воопшто не е сервис на граѓаните. Дека тоа е така, доволно е само да ви ги кажат прекарите на началниците на полицијата во Србија и сѐ ќе ви биде јасно“.

За тоа колку таквата борба со мафијата ќе биде успешна не ви треба подобар доказ од фактот кој сѐ беше на погребот на Александар Станковиќ, потенцира Божо Прелевиќ. „Кога ќе видите кој сѐ беше на неговиот погреб и кој носеше маици со неговиот лик, и кога знаете дека обивнителот го ослободи откако претепа некој од управата на Партизан, гледате дека тоа не е нормално. И сега премиерот говори исто што и јас. Од тоа можете да заклучите дека нашиот премиер или нѐ прави будали или нема моќ нешто да направи. А не се знае што е полошо од двете.

Serbien Anti Mafia Einheit
Војна против мафијата во Србија не се објавува првпатФотографија: picture alliance/dpa/A. Plavevski

Колку чинат пацифицираните навивачи?

Навивачките групи во основа беа поддршка за одредени политички партии за време на дел од протестите кои се одвиваа во Белград. Навивачите особено се истакнаа со уништувањето на Белград и спречувањето на одржувањето на геј-парадата, и тогаш жестоко се судрија со полицијата. Меѓутоа, во последните неколку години навивачите ги нема на улиците, а прашањето кои се наметнува е колку чини политичката пацификација на навивачките групи. Дејан Анастасијевиќ вели дека тоа навистина е проблем кога се прават зделки со такви видови на групи: „Тие секогаш ќе ве искористат за нешто друго. Ако се договориле веќе да не ги тепаат припадниците на ЛГБТ популацијата, очигледно не се договориле дека веќе не смеат да убиваат луѓе или да тргуваат со дрога“.

Навивачите посилни од државата

Божо Прелевиќ истакнува дека не знае што тие добиле за возврат, но вели: „Знам дека премиерот неодамна рече дека тие се посилни од државата“. Прелевиќ потсетува на изјавата на премиерот Вучиќ кој изјави: „Не можам да го решам прашањето на приватизирање на спортските клубови. Ете признавам, посилни се од мене, јас сум мал и недоволно силен тоа да го остварам“. Мислам дека по таквата изјава требаше да поднесе оставка, смета Прелевиќ, но потсетува дека тоа трае 20 години. „Таа ситуација ја етаблирапе поранешната Државна безбедност (ДБ), која потоа ги испрати на фронт. А тогаш настана канцер, каде навивачите одлучуваа за сѐ, поставуваа и менуваа управи, тепаа кого сакаа, а државата сето тоа го набљудуваше од страна. Тоа е едноставно отсуство на желба на политичарите да се откажат од некои паралелни навивачки војски, кои би можеле да се употребат за оваа или онаа ситуација. Политичарите секогаш се плашат тие групи да не се свртат против нив и имаат страв дека ако тие не ги контролираат, тогаш ќе ги контролира некој друг. Затоа тие повеќе сакаат да ги имаат со себе отколку против себе“.

Војната против мафијата во Србија не се објавува по првпат, а од виденото резултатите досега беа лоши. Најлесно е да се објави војна против нешто, смета Анастасијевиќ, особено ако тоа го правите во метафоричка смисла. Тогаш не можете да војувате против сѐ и сешто: против лаги, против злоупотреба на ова или она, против мафија, против дрога... Тоа е лесно да се каже. Меѓутоа, сите тие работе не се сузбиваат со вербален милитаризам, ниту кампањски. Тоа значи дека мора да се работи системски и на правосудството, полицијата, тајните служби. Тука е потребна систематска акција, а јас не сум сигурен дека власта на тој начин сака да му пристапи на проблемот“.