1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 дена Бајден – од транзиција кон трансформација

30 април 2021

Рецептот на Бајден во овие 100 дена е неверојатно прост и успешен: помалку ветувај – повеќе исполнувај! Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3sloc
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Да бидеме искрени, ретко кој очекуваше премногу од стариот добар „Sleepy Joe“, како што Трамп саркастично го нарекуваше Бајден. Во поодминати години, склон кон гафови, мислевме дека е добар само за да го победи Трамп, но не и да отвори една нова ера во американската политика.

На 100 дена од доаѓање на власт Бајден го демантираше светот и јавното мислење, давајќи тежина на функцијата преку своите политики и забрзувајќи го американското општество до степен што веќе инспирира споредби со Френклин Делано Рузвелт и „Големото општество" на Линдон Џонсон.

„Speedy Joe“ покажува поголема амбиција и од еден Обама, па така од умерен центрист ги претркува младите левичари кај Демократите и од кандидат кој требаше само да ја поведе транзицијата од годините на Трамп, се наметнува како претседател кој има намера да ја трансформира Америка.

Американскиот семеен план

Рецептот на Бајден во овие 100 дена е неверојатно прост и успешен: помалку ветувај – повеќе исполнувај! Ветувањето за 100 милиони вакцинирани во 3 месеци беше надминат уште во март и Америка веќе има 200 милиони вакцинирани, асполутен светски рекорд, иако за жал истото може да се каже и за бројката од 573 илјади починати. Но, големиот печат на Бајден доаѓа од економијата.

Вниманието на светот е насочено кон неговите масовни „кејнзијански“ економски политики за заздравување и заживување на американската економија, социјала и општество. Во својот прв говор пред двата дома на Конгресот, Бајден го најави и третиот историски план за опоравување, со инвестиции од 1.900 милијарди долари.

Досега, преку три пакети се мобилизирани 6 билиони долари помеѓу јавна потрошувачка и даночни олеснувања. Бајден веќе го протна „American Rescue Plan“, пакет помош кој опфаќа 415 милијарди долари за поддршка како одговор на вирусот и за дистрибуција на вакцините против коронавирусот, околу 1.000 милијарди за директна исплата на американските домаќинства и околу 440 милијарди за малите и средните фирми и заедници кои се особено тешко погодени од пандемијата. Или севкупно 1,9 билиони долари.

Потоа дојде редот на „American Jobs Plan“ во тежина од 2,3 билиони долари, кој има за цел инфраструктурно да ја воскресне Америка. А сега со „American Families Plan“ во тежина од 1,9 билион долари, Бајден планира да инвестира билион долари за образование и грижа за децата за период од 10 години и 800 милијарди долари даночни олеснувања наменети за семејствата со средни и ниски приходи. Исто така, и 109 милијарди за бесплатен факултет.

За негово финансирање, Бајден предложи ревизија на американскиот даночен систем. „Американскиот семеен план“ од средата е финансиран со подигање на највисоките граници на стапка на данок за најбогатите Американци, на 39,6 отсто од досегашните 37 насто. Речиси е удвоен данокот на приход од вложувања, познат како капитална добивка, за Американците кои заработуваат над милион долари. „Време е американските компании и најбогатите еден отсто Американци да почнат чесно да го плаќаат својот удел“, рече Бајден.

На овој начин, Бајден чекор по чекор го гради американскиот велфер систем значително приближувајќи го до европскиот систем на социјална заштита. Сите овие грандиозни мерки и неверојатни суми на пари ќе бидат калибрирани да ги фаворизираат Афроамериканците, латино-популацијата, жените, младите, односно, сите најранливи социјални категории во земјата.

Сѐ за мир дома...

Со тоа Бајден прави уште еден револуционерен пресврт во бесконечената американска дебата околу улогата на владата во општеството. Четири децении откако Роналд Реган ќе изјави дека: „Владата не е решение за нашиот проблем - Владата е проблем“, Бајден тргнува со намера да ја оспори и преврти таа теза преку зајакнување на федералната држава, како катализатор за обновување на земјата и воспоставување на рамнотежа помеѓу најбогатите и останатите. Невоведувањето на нови даноци за финансирање на овие проекти кажува дека Америка, а особено Бајден, не се плаши да се задолжи кога е во прашање домашниот мир и надворешниот статус. Јавниот долг на САД неминовно ќе расте.

Нема гаранции дека овие промени во економските и политичките парадигми на Америка ќе успеат, но Бајден се надева дека неговата партија ќе ги истурка политиките низ Пратеничкиот дом и Сенатот, каде Демократите уживаат тенко мнозинство. На негова страна е расположението на граѓаните, кои бараат повеќе од Владата во овие тешки економски моменти предизвикани од пандемијата, но и подеднакво тешки времиња на огромна политичка поларизација и идеолошка поделеност во американското општество. Конечно, излегувајќи на кратко од неолибералните логики на последните 40 години, Бајден верува дека преку своите стимулации на општеството и економијата ќе одржи чекор со големите автократии како Кина, кои масовно ја субвенционираат и стимулираат кинеската индустрија, економија и општество.

Други колумни од авторот:

Германските Зелени во средба со историјата

Нова Железна завеса помеѓу САД и Русија

Ердоган – диктатор од кој Западот има потреба

За да се добие целосна слика за трансформацијата која Бајден ја наметна во овие 100 дена, важно е да се споменат и останатите, пред сѐ извршни одлуки на неговата администрација.

Бајден брзопотезно ја врати Америка во СЗО и во рамката на Парискиот климатски договор, задавајќи си и нова цел - да се преполови емисијата на јаглерод диоксид до 2030 година. САД ги блокираше федералните дозволи за изградба на контроверзниот гасовод Keystone XL одобрен од Трамп, кој беше наменет да пренесува преку 830 илјади барели нафта дневно од Канада до Небраска. Бајден ги заострува и законите за продажба на оружје во САД преку два предлог-закони кои ќе се судрат со Вториот амандман. Со предлог-закон поттикнат од полициското насилство и убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, Бајден најавува и реформа на полицијата против расно и етничко профилирање во земја која сѐ уште е длабоко поделена на расна основа. Бајден формираше експертска комисија за реформа на Врховниот суд на САД, институција чие функционирање е предмет на редовна критика. Најави и зголемување на данокот за големите мултинационални компании, каде идејата е да се воведе минимална глобална такса. Бајден експресно ги анулираше некои од најстрогите антиемигрантски мерки воведени од Трамп и ги запре најголем дел од работите околу конструкцијата на ѕидот со Мексико.

... и углед надвор

Иако во својот говор пред Конгресот Бајден употреби помирувачки тонови кон Кина и Русија и потврди дека нема да се стреми кон конфликти, новата администрација не тргна воопшто меко кон историските и стратешките ривали на САД. Наметна санкции кон Русија заради нивното мешање во претседателските избори од 2020 година и еден силен сајбер напад, а отиде и дотаму што рускиот претседател Владимир Путин го нарече „убиец“.

Во однос на Кина, Бајден ги задржа трговските санкции воведени од страна на Трамп и им даде дозвола на американските дипломати да го посетат Тајван, така зголемувајќи го притисокот врз Пекинг околу прашањата поврзани со Ујгурите и кршењето на политичката независност, како и репресијата врз демократските протести во Хонг Конг.

Бајден ги задржа санкциите на Трамповата администрација и кон Иран, одбивајќи да ги тргне како концесија за инволвирање на Техеран во преговорите за нуклеарната програма.

Повлекувањето од Авганистан, веќе најавено од Трамп, но дефинитивно спроведено од Бајден, нема да оди во насока на повлекување или бегство на САД од жешките и кризни театри низ светот, туку кон пренасочување на ресурсите онаму каде се најпотребни.

Бајден ја растури блискоисточната шема на Трамп и значително ги олади односите со Саудиска Арабија, оддалечувајќи ја својата поддршка од наследникот на тронот, принцот Мохамед бин Салман.

Неуплашен од заканите на Турција и од криза на источното крило на НАТО, Бајден е првиот американски претседател кој го призна геноцидот врз Ерменците, извршен во 1915 години од страна на Отоманската империја. САД на тој начин ја ослабнуваат неоотоманската идеологија на Ердоган, додека ги зајакнуваат своите воени бази во Грција и создаваат средоземска коалиција на држави во анти-турско својство.

Со Европа е во напредна фаза на нормализирање на односите по трагичните 4 години на Трамп. НАТО и атлантизмот делуваат како врзно ткиво за двата брега на Атлантикот и Бајден ја очекува европската поддршка во неговите политики за ограничување на подемот и пенетрацијата на Кина и Русија на европско тло.

Се разбира, далеку сме од носењето некаков дефинитивен или позитивен заклучок околу успешноста на овие „100 дена Бајден“. Позитивни се засега енергичноста и конкретноста на политиките кои вака рано во својот мандат ги носи најстариот претседател во историјата на САД. Одлучноста која се очекуваше и бараше од Обама ја гледаме кај 78-годишниот Бајден, кој свесен дека нема премногу време на располагање, реши одлучно и храбро да настапи од самиот почеток.

На порта - нови кризи

Сѐ ова што досега го кажавме за првите 100 дена е само првиот чин во една подолга сага. Од наредните 100 дена па натаму, тоа што е сигурно е дека Бајден ќе мора да се зафати и со други предизвици надвор од здравствената и економската криза на Америка. Нови кризи тропаат на портата на САД, од мигранската криза која експлодира на југо-западната граница, преку подемот на нови вооружени масакри кои не спласнуваат ниту за време на локдаунот, до несфатливото и непрекинато насилство и бруталност на полицијата врз афроамериканската и азиската популација.

Поддршката за Бајден според анкетите е слаба, помала од онаа на сите претседатели пред Трамп пос 100-те дена од инаугурацијата, но тоа не треба да чуди со оглед на хиперполаризираното американско општество и политика. Само 52% од испитаниците се со поддршка за Бајден, но кога станува збор за соочување со пандемијата и економската помош поддршката скока до 64 и 65 процентни. 52% е поддршката за планот за инфраструктурата, додека само 37% сметаат дека Бајден добро се соочува со мигантската криза на границата со Мексико.

Имајќи ја предвид димензијата на предизвикот, Америка почнува добро да соочува со своите проблеми, свесна дека тие се далеку од решени, но барем докажувајќи си дека го има системскиот динамизам да излезе не само од годините на Трамп, туку и од напластените економски, политички, идеолошки и расни поделби. Со други зборови, Америка преку Бајден си докажа и му докажа на светот дека е водечката светска сила и вистинска демократија.