1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден ги повика Американците да ја спасат демократијата

БГ /АП
6 јануари 2022

Во обраќањето на првата годишнина од нападот врз Капитол, претседателот на САД ги повика своите сонародници да ја заштитат кревката демократија во државата со поддршка на правото на глас.

https://p.dw.com/p/45EaD
USA Washington | Jahrestag Sturm auf das Kapitol 2021 | Joe Biden, Präsident
Џо Бајден, претседател на САДФотографија: Drew Angerer/Getty Images

Во говорот од конгресната сала, Бајден остро го нападна неговиот претходник Доналд Трамп дека преку ширење лаги го предизвикал смртоносниот напад на неговите поддржувачи врз Капитол, во обид да ја спречат инаугурацијата на новиот шеф на државата. 

Говорејќи на 10 месеци пред ноемвриските избори за Претставничкиот дом, Бајден предупреди дека опасноста која се појави пред една година не е помината.

„Лагите кои ги водеа бесот и лудилото кои ги видовме на ова место не се заминати. Затоа мораме да бидеме цврсти, одлучни и непопустливи во нашата одбрана на правото на глас и на неговото значење“, рече Бајден. 

„Сега треба да го направиме следниот чекор, да го напишеме следното поглавје од американската историја, во која 6 јануари нема да го означува крајот на демократијата, туку почеток на ренесансата, на слободата и фер плејот“. 

Во говорот пред Бајден, потпретседалката Камала Харис исто така се фокусираше на обидите на поддржувачите на Трамп да ја нарушат демократијата, повикувајќи го Конгресот да ги изгласа законите за право на глас, а граѓаните тоа да го поддржат. 

USA Washington | Jahrestag Sturm auf das Kapitol 2021 | Kamala Harris, Vizepräsidentin
Потпретседателката на САД, Камала ХарисФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Поранешниот претседател Доналд Трамп веднаш реагираше на говорот на Бајден, обвинувајќи го за „политички театар“.

„Бајден го искористи денеска моето име за натамошно да ја подели Америка“, соопшти Трамп.

„Овој политички театар е само одвлекување на вниманието од фактот дека Бајден целосно и тотално не успеа“, порача Трамп. 
Претходно, Трамп најави дека ќе одржи прес-конференција на 6 јануари по повод годишнината од нападот врз Капитол, но подоцна се повлече. Во својата изјава тој ги повтори тврдењата дека изборите биле „лажирани“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема