1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканските стабилократи и македонското буре барут

БГ
4 април 2017

Печатот на германски јазик денеска одвојува голем простор за случувањата на Балканот, особено по изборите во Србија и долгата политичка криза во Македонија. На ЕУ на Балканот не ѝ требаат стабилократи, туку демократи.

https://p.dw.com/p/2adS8
Westbalkan Sarajevo Gipfel Regierungsschef
Фотографија: DW/S. Huseinovic

Македонија деновиве повторно докажува дека е буре барут на Балканот, е оценката во австрискиот Стандард кој објавува анализа на оваа тема под истиот наслов.

„Но овојпат не станува збор за крвава битка на три фронта меѓу Бугарите, Србите и Грците за поделба на Македонија“.

„(...) На малата земја со 2,1 милион жители денес не ѝ се заканува надворешна опасност. Одржливоста на Македонија зависи од конструктивното однесување на речиси половина милион Албанци, кои веќе не сакаат да живеат како граѓани од втор ред“.

„(...) Кусите посети на Јоханес Хан, комесар на ЕУ за соседска политика, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, и понеделничката на Доналд Туск го отсликуваат оправданиот страв во Брисел од пожар на целиот Балкан поради хаосот во Македонија. Нема Влада, ниту парламент, затоа што претседателот Ѓорге Иванов одбива да им го даде мандатот за формирање влада на досега опозициските социјалдемократи, иако заедно со три албански партии имаат мнозинство од 67 пратеници во 120-члениот парламент“, пишува Стандард.

„(...) Во суштина се работи за одржување на власт на една целосно корумпирана група околу Груевски. Веќе една година Специјално јавно обвинителство води истраги против Груевски и неговите луѓе поради корупција во голем стил, и контрола на судството и медиумите. На Груевски и на други високи функционери од неговата партија им се закануваат долгогодишни затворски казни. Затоа ВМРО-ДПМНЕ се обидува да игра на националистичка карта и со систематска омраза поттикнува антиалбанско расположение“, пишува Стандард

Демократи, а не стабилократи

Франкфуртер алгемајне цајтунг објавува коментар под наслов „Балканските стабилократи“, во кој се критикува ЕУ дека не покажува доволно интерес за регионот и предупредува од авторитарните тенденции.

„На некои европски политичари им е доволно земјите од регионот да си ја исполнат улогата на брана против миграциските движења и да не пречат многу понатаму. Македонија, Бугарија и Унгарија досега ги исполнуваа таквите очекувања, откако подигнаа огради и буквално го направија континентот непрооден. Како благодарност за тоа, во Брисел и во некои европски главни градови многумина беа подготвени, да прифатат дубиозни политички лидери како поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Во име на стабилноста и обезбедените граници се толерираа авторитарното однесување и урнисувањето на владеењето на правото. Но, ваквата стратегија раѓа ризици и само делумно е ефективна“, пишува ФАЦ.

„(...) За земјите од регионот, кои патем не се диктатури, но во кои демократијата и владеењето на правото постојано се нарушуваат во име на наводната стабилност, се вдоми еден неологизам (кованица, н.з.): се говори за 'Стабилократии'. Но една Стабилократија е стабилна само одредено време, како што покажува примерот на Македонија. Таму поранешниот, но кај дел од населението сѐ уште популарен автократ Груевски, отворено се заканува со насилство за да остане на кормилото. За него, се работи за далеку повеќе одошто за вообичаената смена на власта во демократиите. Груевски се плаши дека ќе биде обвинет и затворен од истото она исполитизирано судство кое тој го создаде, доколку неговите политички противници ја преземат контролата“.

„(...) Партнерите кои ветуваат стабилност, а носат автократија, се опасни. Партнери на ЕУ на Балканот треба да бидат демократи, а не стабилократи“, заклучува ФАЦ.