1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Груевски и неговата клика се плашат од затвор

БГ
1 март 2017

На поголемиот дел од раководните луѓе околу Груевски им се заканува затвор доколку паднат од власт, оценува денеска „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Двегодишната криза се заканува да ескалира, наведува весникот

https://p.dw.com/p/2YR8i
Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Борбата за моќ во Македонија води кон натамошна дестабилизација на земјата, пишува денеска германскиот конзервативен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. 

„Во Скопје повторно се протестира. Во вторникот, втор ден по ред, илјадници излегоа на улиците на македонскиот главен град. Но, за разлика од повеќенеделните протести во пролетта минатата година, овојпат не се протестира против владата, туку против опозицијата: нејзе ѝ се префрла дека сака да ја подели земјата.

Официјално, организаторите на протестите се непартиски, но слоганите се исти како оние на, до неодамна, владејачката националконзервативна партија ВМРО. Нејзиниот претседател Никола Груевски повика на 'мобилизација', за да се спречи новата владина коалиција меѓу социјалдемократите и партиите на албанското малцинство. Во речиси двегодишната политичка криза во Македонија, сигналите упатуваат на натамошна ескалација“, пишува „ФАЦ“.

За улогата на претседателот Ѓорге Иванов во кризата, весникот наведува:

„Откако Груевски не успеа да формира влада, претседателот Иванов одби да му го довери мандатот за формирање влада на лидерот на социјалдемократите Заев, затоа што тој немал обезбедено мнозинство. Со други зборови: шефот на државата, човек на ВМРО, од опозицијата бара резултат од коалициските преговори уште пред тие да почнат“.

„(...) Дали ќе се формира влада на социјалдемократите не е нејасно само поради однесувањето на претседателот. Нејасен е ставот и на ДУИ, која е поделена по прашањето за новата влада“.

„(...) Опасноста за ДУИ не доаѓа само од новите албански партии, туку и од социјалдемократите, кои се насочија и кон Албанците и на изборите во декември успеаја да добијат гласови од двете страни на етничките ровови. Тоа е долгорочна закана и за ВМРО-ДПМНЕ, која поради својата националистичка реторика нема никакви шанси за добивање албански гласови и на тој начин би можела да остане во малцинство“.

„(...) Но пред сѐ раководството околу Никола Груевски е соочено со друга опасност: на поголемиот дел од нив им се заканува затвор доколку паднат од власт. Од прислушуваните разговори, кои ги објави опозицискиот лидер во 2015 година, стана јасно како оваа клика со нелегални средства дејствувала против своите противници: изборни манипулации, прикривање на злосторства, прогон на приватни компании и контрола на медиумите.

Овие случаи ги истражува Специјално обвинителство, кое е производ на повеќекратните обиди на ЕУ да посредува во внатремакедонскиот конфликт кој пак ја дестабилизира Македонија - тесното грло на балканската рута.

Од ДУИ тврдат дека коалициските преговори со ВМРО не пропаднале поради барањата за повеќе права за албанското малцинство, туку поради одбивањето на Груевски да го продолжи мандатот на СЈО. ВМРО го демантира тоа. Партијата веќе остро реагираше откако албанските партии од Македонија во јануари со посредство на албанската влада се усогласија на листа на барања за влез во владата. Меѓу нив спаѓа и воведувањето на албанскиот јазик на целата територија на земјата. Груевски тоа го прогласи за егзистенцијално прашање за државата и се понуди себеси како жртва: ВМРО ќе поддржи социјалдемократска малцинска влада, а тој е подготвен да оди и во затвор, само да не се усвои законот за јазикот.

Но само пред неколку дена сите судии од највисокиот Кривичен суд на Македонија, кои работеле на предмети од СЈО, беа префрлени во, за Груевски, безопасни оддели“, пишува „ФАЦ“.