Охрид: Не сакаме нова Југославија, туку нов Балкан
10 ноември 2019Полесен и побрз премин на заедничките граници, дозволи за работа кои ќе важат за трите земји, патување со лични карти и заеднички контроли на границите меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, договорија во Охрид Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама. Идејата, чија реализација започна пред еден месец на состанокот на тројцата државници во Нови Сад, ќе продолжи да се развива за еден месец и во Драч. Кон неа се поканети да се приклучат и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Претставници на БиХ и Црна Гора беа во Охрид, но не и на Косово за што добија критики од албанскиот премиер Рама.
Тројцата промотори на идејата уверуваат дека не се работи на создавање ни на нова Југославија, ниту на Голема Албанија, туку се прави обид да се развие регионалната соработка.
„Тука нема никакви Југославии, тука има само подобар живот на нашите граѓани. Можеби некој ќе се обиде ова да ни го уништи, но тоа секако е иднината“, рече претседателот Вучиќ на прес-конференцијата во Охрид.
Тројцата лидери уверуваат, а тоа е јасно наведено и во завршната декларација, дека проектот не е алтернатива за полноправното членство во ЕУ.
„Уверен сум дека овие напори се во поддршка на нашите амбиции за членството во ЕУ. Исто така сум цврсто убеден дека оваа иницијатива и конкретните мерки и резултати ќе предизвикаат позитивно внимание и во Европската Унија и кај секоја од земјите членки на ЕУ“, изјави премиерот Заев.
„Оваа иницијатива ќе не факторизира како регион, и ќе ја факторизира секоја земја од Западен Балкан уште повеќе во процесот за членство во ЕУ“.
Рама во својата изјава им возврати на критичарите во неговата земја, кои му забележуваа дека договара соработка без да води сметка за интересите на Косово.
„Ако некој зборува за Голема Албанија, јас зборувам за бришење на границите со Косово, јас сум европски граѓанин“, рече Рама.
Тој објасни дека во декларацијата на балканските лидери нема ништо ново во однос на она што веќе е разговарано и предлагано преку Берлинскиот процес или на претходни состаноци на западнобалканската шесторка, но никогаш не е реализирано.
На следниот состанок во Драч, Рама ги покани и другите три држави во регионот, а на него ќе присуствува и новиот шеф на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел.
Доколку се реализира целосно, планот ќе овозможи отстранување на сите пречки за слободно движење на луѓе и капитал во регионот. На граничните премини, покрај заедничките царински контроли ќе има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, а граѓаните во трите земји ќе патуваат само со лични карти од 2020 година.