Нови Сад. Стар филм
10 октомври 2019Вечерва ќе читаме за заклучоците од средбата на Александар Вучиќ, Еди Рама и Зоран Заев во Нови Сад. Ќе ги следиме нивните изнасилени насмевки и прокламации за Балканската Унија, како next best thing опција за веќе колабираните надежи за членство во ЕУ. Настрана што составот на соговорниците дава помалку причина да таквата шарада ја именуваме како Шенген а повеќе ја сметаме како последен експеримент на Сорос Зона во мекиот стомак на Европа. Нешто како егзотичен балкански Јурасик Парк, замислен од ексцентрични милијардери и населен со препотопски политички диносауруси, птеродактили и хомо-балканикуси. Опкружен со бодликава жица, остри карпи и бсени оекански бранови, врз кои прелетуваат хеликоптиретите на дипломатски еколози во мисија на заштита на балансот помеѓу од нив издресираните политички карнивори и питомите распаметени тревождери.
Скраја неизбежните големи зборови кои ќе течат од устите на трите последни експоненти на Сорос во регионот, најбитната компонента на средбата во Нови Сад е споделената неславна ситуација во која се наоѓаат трите актери заедно. И секој од нив одделно, со сопствената незавидна ситуација која ги очекува дома, по тој веќе за сите збоктисан 17 октомври. Почнувајќи од Александар Вучиќ, водечкиот путинист и ердоганист во регионот. За кој, според Томас Брај дописник на агенцијата ДПА од Белград, Меркел веќе одамна бара замена, по можност во Премиерката Ана Брнабиќ. „Вучиќ не го испорача договореното за нормализација на односите на Белград и Запад и Србија и Косово. Поради што Запад до скоро ја премолчуваше катастрофалната состојба во Србија со правосудството и медиумите. Меркел сега бара алтернатива во директен диалог со Брнабиќ”. Неодамнешната посета и соло-средба на Брнабиќ со Меркел дава назнаки во прилог на таквата теза и замисла на Меркел. Во прилог на тоа е и нагласеното затишје на Брисел во поглед на проектираната 2025г како година на прием на Србија и Црна Гора во ЕУ.
Но иако Брај предупредува дека Вучиќ сеуште ги држи сите конци во Србија, не треба да се заборави дека и Николиќ на времето беше неприкосновен вожд на кој Вучиќ буквално му носеше гајби пред нозе. Како што напати е докажано низ историите на белградските кулоари и балкони, тие конци сепак држат убаво исцртана тапиисерија на Потемкинова Србија зад која се кријат деабклите на Вучиќ во Косово, во Македонија, губењето на подршката од Берлин и невеселите пораки од земјите на источниот блок, губењето на коридорот кон Грција и јужните топли мориња. Надежта на Вучиќ за обезбедување излез на Јадранот преку Албанија или Црна Гора е верба на очајникот кој цврсто верува во сопствената моќе на убедување на србите дека станува збор за српски пробој кон Драч, а не за НАТО пробој кон Батајница. Впрочем, Вучиќ и Дачиќ, во духот на поговорката дека „није српски чутати” ќе продолжат да тврдат дека Србија никогаш нема да влезе во НАТО. Е сега, влезот на НАТО во Србија е друга работа, нели ...
Други колумни од авторот:
-Којекуде Србија: Гордо на суво или кротко кон море
Нелагодноста крајот на купи-ден-продај стратегијата на Еди Рама поврзана со октомвриските датуми е уште повеќе оптоварена од очекуваниот камбек на опозицијата и со Вучиќ споделената улога на неупотреблив премиер во очите на Меркел. Опозицијата овој пат, за разлика од јунските немири, настапува со чисти раце на конструктивен однос во пресрет на есенскиот Самит на ЕУ и без можност да Рама наоѓа изговори за шурувањето со криминалот. Шармот на уметникот Рама, со се патики, пенкалца и откачени маички е веќе одамна passé, а тој лично тоне во имиџот за кој доскора потсмешливо ги честеше албанските политичари во Косово и Македонија. Имиџ на примитивен балкански политикант кој нарцисоидно сака да мисли дека дневно-политичката итроштина е доволна за глумење политички „стратег”. Консолидацијата на Демократите, појавата на нови надежни ликови во редовите на Социалистите, губењето на подршката на студентите, интелектуалците, уметниците во Тирана, победата на Албин Курти и јакнењето на Вјоса Османи во Косово и раѓањето на Ветвендосје во Тирана елегнатно го смести Рама во друштво со такви „современи и софистицирани” политичари како што се Хашим Тачи и Али Ахмети.
За домашните прилики на третиот учесник, пилотот наш Зоран Заев, не мора да трошиме премногу простор во опишување на споделената мака со соговорниците. Она што го очекуваше како спас за сопствената Влада, добивањето датум од Брисел, на крај се пресвртува во главоболка и освестување дека датумот не е крај, туку зачеток на горката чорба која си ја зготви и сега ќе мора да си ја срка. Благодарение на Софија која елегнатно, дипломатски умешно му ја испорача цената на давање подршка со редица услови пораки кои и службено Скопје, но и Белград и Брисел и Виена ги имаат примено како назнака дека планот е однапред пробиен и обесмислен. Пораката од Бугарија е кисинџерски сумирана во ставот „не можете да не заплашите, нема да не шармирате”, давајќи до знаење дека поминати се времињњата на патронажно делење поуки од Скопје за „национализмот, заостанатоста, недемократичноста во Бугарија”. Точно, извесно е дека согласноста на Софија е во добра мерка дел од пактетот на приближување со Вашингтон, но извесно во пакет со подршка на Вашингтон кон пост-датумните услови на Софија вперени кон Македонија.
Пардон, кон Северна Македонија. Како што е договорено со Грција. Од каде веќе стигнуваат притаени сигнали за можноста за „деактивација на Членот 28 од Договорот во Преспа” со кој се спречува можноста за измени. И со тоа се овозможи „ двете држави да се согласат на измени во поглед на националноста и јазикот во Северно Македонски” (New Europe, 7 Октомври 2019). Во основа, пораките од Софија и Атина се јасна потврда за предупредувањата изнесени уште пред година дена дека, поучени од примерот со југословенската школа на камбовско-фрчковистичко, квази-правничко шалабајзерско интерпретирање на Рамковниот Договор, Бугарија и Грција нема да дозволат никакво егзибиционистичко толкување на договореното и ќе инсистираат на to the dot имплементација на договорите. Кои ќе можат да претршат измени. Доколку ним им одговара.
Средбата во Нови Сад се случува во час на непријатната вистина за Западниот Балканот, како несакано дете на Европа и збир на употребливи идиоти по вкус на Америка, Русија, Кина, Турција. Во таа средба на депласирани, декласирани, компромитирани политичари на залез на сопствените мандати, секој ќе го види она што интимно го посакува. Србите и Македонците ќе ја видат нова-Југославија за која сарајлиите мрсно ќе утврдат „налет земја која Босна нема”. Албанците на Рама ќе видат дај-што-ќе-дадеш субститут на Европа и заобиколиување на Косово. Американците шанса за пополнување на огнениот бедем кон Европа и Германија. Русите секако ќе прогласат проширување на Евро-Азиската Унија од Владивосток до Драч. Турците усогласен пазар и политичка доминација врц цела Југо-источна Европа. Европјаните, оние од западот, ќе го добијат токму она што Вучиќ го наведува како мотив за групировката: „нешто слично на Вишеградска Група. Така ќе бидеме повеќе почитувани во Европа”.
Сѐ на сѐ, идеја во која на сите им се нуди понешто, во традицијата на нудење аспирини за гангрена. А во реалноста, самата идеа е ништо повеќе од парафразиран рефрен на „се ќе ти дам, само уште да играм” како споделен мотив на Вучиќ, Рама, Заев. Озбилните проекти, како што оваа тројка сака да не убеди, имаат свој редослед на иницијација, дебата, консултација и реализација. Што подразбира отварање јавна дебата, вклучување на опозицијата, јавноста, институциите во засегнатите земји. Проследено со јасно и недвосмислено идентификување на предностите и детектирање на ризиците од страна на надлежните институции. Што не се случува во ниедна од земјите. Отварање на парламентарна расправа, носење одлука. И на крај извршна екзекуција.
Зачудувачки е затоа што таквиот проект – кој како и многу други – се нуди под плаштот на економска соработка, трговија и слободен тек на капиталот и луѓето, е всушност масивна политичка замисла за која очигледно опозициите во наведените земји немаат мислење или информации. Единственото објаснување за таквата анемичност на опозициите е дека се или во согласност со ставовите на Вучиќ, Рама, Заев, или пак и самите опозиции се под диктат на поголеми надворешно-политички фактори. Што е разбирливо. Како што беше разбирливо и некритичкото прифаќање на разно-разни Солунски, Копенхашки и други договори – кои не доведоа токму таму од каде што требаше да не извлечат. Во блатото на бескрајни, преценети, деструктивни, помпозни, славољубни а во суштина провидни и миопични големо-стратегијски измами како изговор за немањето политичка и дипломатска воља за спречување на најголемата болка на регионот. Бескрајната циклична експлозија на криминал, корупција, непотизам, политичка дегенерација водена од домашната политика и диктирана од САД и ЕУ во име на „стабилноста и соработката”. О да, на крај ги добивме и двете. Стабилни национални коруптократии и нивна безрезервна соработка во заштита на сопствените автократии.
Средбата во Нови Сад можеби цели да внесе мир и соработка во регионот, но конспиративното поведение и нивните озбилно пореметени домашно-политички фотелји укажува на спротивното, на обид за спас на сопствените кожи. Да беше поинаку, на таа средба ќе беа поканети и Мило Ѓукановиќ и Хашим Тачи, со кои ќе се докажеше мировната визија, искреноста на мотивот и транспарентноста на проектот. Некој на маргините ќе најдеше сила да укаже на интересно концпираните изјави од службена Софија вперени кон Македонија токму во однос на регионалните проекти според озлогласени матрици.
Но добро, да не бидам злонамерно скептичен. Со голема љубошитност очекувам од амбасадорите на САД, Германија, Франција, ЕУ, НАТО да излезат рамо до рамо со Заев, Вучиќ, Рама и пред граѓаните објаснат како три во срж корумпирани и криминализирани влади ќе успеат да со заеднички сили создадат Балкански Бенелукс на владеење на право, социална еднаквост, слобода на медиуми и ефективен правосуден систем. А притоа да спречат да од национални "десет фамилии мафии” не се преточат во братство-единствен картел на „триесет апаши”. Ќе дадам се од себе да не се насмеам на нивните одговори. За останатите, 13-15 милиони страдалници од Србија , Македонија, Албанија – не можам да гарантирам. Кои добро ја познаваат психата на балканскиот криминал и сценариото за спас од национални банкроти преку војни и туѓи несреќи.
Во таа цел, можам да потсетам на една друга средба, одржана на 25 март 1991г, на 56.6км одалеченост од Нови Сад. Во ловечки парк наречено Караѓорѓево. Пречекано со овации од западниот печат дека „лидерите се договорија да ја решат кризата во следните два месеци”. Имињата на лидерите беа Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ. Вучиќ тоа секако го памети и е потполно свесен за сублиминалната смисла на Караѓорѓево во психата и меморијата на Србија (и пошироко). За препотентниот, политички аматер и wanna-be-leader Рама и приучениот, турбо-фолк визионер Заев, не сум сосема сигурен. Останува да видиме кој ќе биде Фрањо и Слобо во новата српско-албанска поделба на улогите. И кон што ќе води „разрешницата на кризата во следните месеци”. И најбитно од сѐ - на чија сметка?