1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканска изборна единица Македонија

11 јули 2019

Интересот на соседите за обезбедување влијание врз нашите изборни резултати не е новост на домашната политичка сцена. Разликата е во тоа што таквите обиди досега беа главно индиректни и не претешки за детектирање.

https://p.dw.com/p/3LucD
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Есенски рани, пролетно предвремени или зимски редовни, следните избори ќе бидат карактеризирани од новитетите кои (ин)директно ја имаат изместено домашната политичка борба надвор од вообичаените шеми и траектории. За добро или помалку арно, нештата не се веќе како што некогаш биле и тешко дека ќе можат да се вратат на старите писти. Па колку и да се напнуваме во докажување дека тоа е по вина / заслуга на Зоран Заев или пак логичен епилог на излитената матрица на политикување практицирана во трите децении независност. 

Отварањето и – да се надеваме – финалното затварање на спорните точки со соседите неминовно води кон ставање крај на "планската демократија” и создавање услови за зачеток на ”пазарната демократија” како нус ефект на новите регионални односи. Наречете го тоа заживување по одмрзнувањето на "смрзнатите конфликти” кои ја држеа Македонија во состојба на перпетуална самоизолација и едно-димензионална регионална гео-стратегија. Би било нечесно да вината за таквата само-изолација ја префрлиме единствено врз плеќите на Никола Груевски и минатата власт. Која всушност само ја издигна до апсурдни димензии праксата која сите неговите претходници ја спроведуваа, но со троа повеќе усул за последиците кои можат да следат. 

Не треба премногу напор за да уште денес ги забележиме ефектите на новите реалности по внатрешата политичка сцена и предизборните престројувања. Како што е тековната кавга помеѓу домашните експоненти на Југословенскиот Белград и Српскиот Белград, како одраз на внатрешните судири на српската политичка сцена помеѓу Претседателот Вучиќ и тамошната опозиција. Кои, ако збориме право, започнаа со јавно демонстрираната наклонетост на Заев кон експонентите на српската опозиција во сопствениот кабинет и низ медиумската лепеза како експоненти на Југословенскиот Белград. За очекување беше дека таквата поларизирачка определба на Заев неминовно ќе води кон создавање на нов, ривалски, пол околу кој ќе  се обединат наклонетите кон Српскиот Белград и политиките на Вучиќ. Некои од нив по убедување, други по семејна традиција, трети по линија на профитабилност.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Кој го врати Груевски

-Размисли за есента

-Danke Deutschland! Aber …

Но како што секогаш бива, симплицираната црно-бела претстава за односите во Србија помеѓу автократот Вучиќ и демократите од опозицијата се комплицира штом ги слушнете ставовите на опозиционерите, партијски и идеолошки развлечени низ залудувачки спектар на неверојатни контрадикторности - споени единствено во точката на анимозитет кон меланхоликот Вучиќ. Дихотомијата на таквите односи помеѓу двата Белграда се темелот врз кој се одвива и пресликува како односот помеѓу домашните експоненти така и природата на нивните подршки и/или анимозитети кон владата на Заев.

Состојбата е слична и во домашниот политички кампус (главно) во светло на случувањата во Албанија и делумно во однос кон Косово. Молчаливоста на Али Ахмети и ДУИ кон случувањата вво Тирана не подразбира дека станува збор за негова неутрална позиционираност кон завојуваните страни на владеачките Социалисти и опозицијските Демократи. Посебно по одлуката на ДУИ да се дефинира како социал-демократска, флертувањата на Груевски со Сали Бериша и доаѓањето на Харадинај на власт во Косово. Има и други причини, но и ова е доволно за дефинирање на ДУИ како дискретен но јасно определен елемент во триумвиратот Рама-Тачи-Ахмети. Со таа разлика што доскора припаѓањето на Ахмети кон тој триумвират беше одраз на неговата вечна желба да биде "третиот рамноправен решавач” во албанскиот триаголник. Барем до именувањето на Харадинај на чело на Владата во Приштина и неговото оштро спротиставување на плановите за промена на границите предводена од партнерите на Ахмети. Обидите на ДУИ за премостување на недовербата на Харадинај кон Ахмети преку емисарски мисии на Муса и Талат Џафери не само што не вродија со плод, туку и несакајќи потвдија дека Харадинај има повеќе влијание во атарот на Ахмети, отколку Али во Косово.

Тоа е само детал од раздвиженоста во односите помеѓу домашните политички фактори и оние од Албанија и Косово. Релативно успешните обиди на Заев и Харадинај за воспоставување директна комуникација (растеретена од посредниците од албанските партии) резултираа со бенефит за Македонија по воспоставувањето на царинските давачки од страна на Косово. За разлика од порастот на влијателноста во Албанија која допрва ќе дојде до израз на следните тамошни парламентарни избори, напорите на Самоопределување за изнаоѓање идеолошки близок партнер во Македонија завршија со неславен крах. По вина на незрелоста на Беса и Алеанса и делумно поради непринципиелната поставеност на Албин Курти кон Ахмети. Истото може да се каже и за провидните напори на ВМРО за прикривање на наклонетоста кон Лули Баша и Илир Мета преку медиумски громогласни – но фактички испразни -  атаки против Рама и Бушати.

И покрај тоа што од сите соседи (барем формално-правно) Бугарија преку ГДУ има направено најконкретен обид за (ин)директно учество на нашата политичка сцена, тоа не се одрази значајно во изборните пресметки. Што е делумно и логично, со обзир на блискоста и влијанието на Владата на Борисов врз онаа на Зоран Заев. Но по линија на истата логика, се поставува прашањето дали евентуалните промени во администрациите или заоштрувањето на односите ќе резултираат и со реставрација на битноста на сегашните "резерви” во политичката борба? 

Економското влијание на Турција врз Македонија е досега парирано со ефективно директно влијание врз политиките на нашата Влада и културолошко манифестирање преку помалите партии и здруженија на турската заедница во земјата. Обидите за дополнително зајакнување на влијанието преку подршка на про-исламистички партии кај албанците не вродија со очекуваниот резултат, посебно по расцепот Ердоган – Давутоглу. И покрај доминантното убедување дека службена Анкара преферира соработка со ВМРО, пореално е да се каже дека станува збор за политичка прагма диктирана од одржување на влијателноста преку експлоатација на изборните потреби на двете големи партии. ВМРО-ДПМНЕ поради сопствената демо-христијанска идеологија се чувствува заштитено од западните сомнежи за шурување со Турција, подеднакво како што СДСМ ја користи граѓанската аура како модел на претопување на различностите. А сепак, не треба да заборавиме дека Турција сеуште се нема откажано од намерата за ширење на определени партијски експозитури низ регионот.

Тридеценискиот конфликт околу името, јазичните бариери, отсаството на влијателно малцинство и разузнавачките подметнувања обезбедија да Грција во Македонија нема директни играчи на политичката сцена. Атмосферата во двете земји уште долго време ќе превенира било каков озбилен обид за надоместување на таквиот хендикеп кој ја одделува Грција од останатите соседи. Обидите за обезбедување влијание преку купување домашни медиуми (или личности) барем засега не вродува со очекуван плод. По се судејќи, истото ќе важи и за помпозно најавуваните грчки инвестиции кои допрва треба да се реализираат. 

Интересот на соседите за обезбедување влијание врз нашите изборни резултати не е новост на домашната политичка сцена. Разликата е во тоа што таквите обиди досега беа главно индиректни и не претешки за детектирање. Отварањето на земјата кон регионот, неизвесната ЕУ иднина и балканските перпетуални мината секако подразбира дека тие обиди ќе станат посилни и подиректни со секој нов изборен циклус. Тоа секако не подразбира дека ќе бидат деструктивни или катаклизмични, се додека се повинуваат кон принципите на транспарентноста и отчетноста пред законот. Од друга страна, опасноста за нивната нетранспарентност, неотчетност, деструктивност не доаѓа од нивните интереси, туку од сосема друг, нам многу поблизок фактор. Нашите домашни политички партии.

Доколку ги запрашате нашите партиски првенци за можноста на директно учество на соседите преку нивни сателитски партии, ќе добиете сосема нормална, неоспорна и логичка реакција базирана врз принципите на сувереноста, независноста, немешањето во внатрешните односи и слично. Нивната монополистичка решеност за зачувување на екслузивноста и спречување на упливот на соседски диригирани партии е политички и правно неоспорлив прерогатив. Се додека не дојде во судир со логиката на саботирање на појавувањето и факторизацијата на било каква домашна политичка сила надвор од триаголникот СДСМ-ВМРО-ДУИ. Логиката на овие трие партии базирана врз монополот "државата – тоа сме ние” е одржлива благодарение на ресурсите кои ги црпат од нивната "држава”. И како такви уште долго време ќе доминираат врз политичката сцена. Но таа огромна моќ на трите државотворни-државоградни-државоодржувачки партии спласнува во миг кога логиката на домашната "договорна демократија” ќе се соочи и судри со интегративната прагма на "пазарната демократија” и интересите на поголемите, побоатите и повлијетални од нас соседни држави. 

Какви и колкави да се најдобронамерните усилби на домашните големи пол-партии, природата на нивното опстојување и  делување нема да може да ја спречи намерата на соседите за обезбедување на сопствените интереси преку (ин)директно факторизирање на комши-парти субјекти. Единствениот начин за спречување на таквото сценарио е целосна либерализација на домашната политичка сцена за отварање нови политички партии. Кои ќе ја апсорбираат заситеноста од постоечкиот три-партитен систем и со тоа спречат надворешни експлоатативни експерименти. Тоа ќе биде предизвикот на времињата пред нас. СДСМ, ВМРО, ДУИ тврдат дека ја сакаат Македонија. Дали се спремни да се жртвуваат себе си за неа? 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач