Danke Deutschland! Aber …
13 јуни 2019Ништо од ова не мораше да се случи онака како што се случи. Но се што се случи мораше да се случи порано или подоцна. И затоа е добро што се случи за конечно да се тргнат маските и симнат ионака катран-нечистите ракавици. А она што се случи не е ништо за што не претпосатвуваме дека ќе се случи. И се случи. Се во име на зачленување во Европска Унија преку кинење на уште една нитна која ја врзува расклатената унија и баканскиот регион. Вештачки креирана тензија за спас на кариерни мандати и лучење жолч на длабоко скриени предрасуди поради кои долго, долго време сите ќе добиваме главоболки. Нашата скорешна или одложена свршувачка со ЕУ, започна со ден на жалост.
Најпрвин за нашиот дел од комедијата. Отсликана низ општоприсутна неконсеквентност во оценките на Берлин во врска со нас и Албанија. Зачудува паралелната хипер-нервоза на домашните провладини медиуми и пропагандисти против ставот на Германија во пар со супер-молчаливоста на истите кон ставовите на Франција и Холандија. Посебно во однос на Франција, бидејќи молчаливоста кон Холандија лесно може да се објасни со расната исламофобија на Хаг, влијанието на платените Пломп-медиуми и нивниот наш Министер за Надворешни Работи. Да се надеваме дека таквата непринципиелна жестокост кон Германија и Меркел е само нус-ефект на односот помеѓу комарецот и слонот и без некои други, не толку спонтани обиди за подривање на влијанието и угледот кој Меркел го ужива на балканите. Барем досега.
Втората мисконцепција е дека недавањето препорака во очекуваниот период е пораз на Владата на Зоран Заев и онаа на Еди Рама. Во реалноста, прекорот од Берлин е вперен кон домашните владино-опозициски естаблишменти и нивните сукцесивни потфрлања во исполнување на зададените задачи во деценискиот процес на приближување кон ЕУ. Конкретно, критиката на СДСМ за потфрлањето денес може да биде легитимна единствено ако се стави на исто рамниште со критиката за ВМРО вчера и критиката за ДУИ нон-стоп како тројка виновници за дебаклот кој ни се случува. ВМРО не може да биде лишена од активно соучесништво во минирањето на патот кон ЕУ во соработка со ЕУ, исто како што ни СДСМ не може да биде амнестиран од продолжувањето на истиот пат со старото друштво од ДУИ. Тоа е принципот, останатото зависи од кој има повеќе пари, медиуми и новинари.
Заев и Рама се вчудоневидувачки убедени во справедливоста на нивниот гнев кон „превртливоста” на ЕУ и Германија – и притоа остануваат замолкнати за сопствените превртливости кон сопствените граѓани. Таквите двојни стандарди на првенците од Скопје и Тирана од старт ја обезвреднуваат нивната изглумена разочараност. Од едноставна причина што во нивниот пристап кон Брисел/Берлин тие се решија да играат на политичката карта на емоции, партијски мандати и кариерни интереси, наместо врз цврсти темели на убедливо спроведени реформи. Зошто тогаш гнев кога Меркел одговара на ист начин со политички аргументи на емоциите, партијските мандати и кариерни интереси? И побитно, скраја неколку месеци разлика, Меркел сепак ќе остане на дадениот збор кон Заев и Македонија. Но дали Заев остана било кога и на било кој збор даден кон и пред сопствените граѓани и Македонија?
Други колумни од авторот:
-Оптимистичниот песимизам на реализмот
Следниот проблем на Заев и Рама е перфидното превртување на тезите и стандардите, застрашување со катаклизмични сценарија и генералнo кажано форсирање на Груевски и Бериша како негативни репери за сегашните успеси како субститут и изговор за неисполнување на позитивните ЕУ критериуми. Таа бајата приказна секако дека лесно се продава пред домашната публика. Но во очите на Берлин, таквите застрашувања попрво се сметаат како знак на немоќ, очај и неискреност и најмалку како здрав аргумент за стекнување поддршка и доверба. А аргументите се неумоливи – Скопје и Тирана заслужуваат преговори онолку колку што пола од ЕУ исполнуваат стандарди за членство.
Токму затоа нашата комедија не би била потполна доколку не се опише трагедијата на ЕУ.
Какви и да се одлуките на земјите членки на ЕУ, тие нема битно да влијаат врз веќе цементираниот одиум на Балканците кон нив и нивниот имиџ како лицемери без пардон. Штетата е веќе направена, во огромни количества. Последиците ќе уследат, во незапирлив серијал епизоди низ кои ЕУ во целина и земјите членки поединечно ќе се соочуваат со ерозијата на сопствениот авторитет и поривот да таквата ерозија ја компензираат со административно, дипломатско, пропагандно-медиумско насилство. Тој процес е веќе започнат со незапирливото раслојување на мултилатералната компонента на ЕУ и делегитимизација на професионалниот, непристрасен и неоспорен кредибилитет на она што се нарекува „западен стандард" како трејд-марк и престиж-институција на неоспорна доверба и проценка. Но доколку досега таквата општо присатна скепса за кредибилитетот на евро-стандардите беше резервирана исклучиво за бриселските мерачи на „криви краставици”, тој сомнеж се повеќе ќе тежи врз националните администрации на земјите членки нa ЕУ и Европа воопшто. Долгорочно гледано, тоа е најголемиот подарок од страна на земјите членки пред нозете на ривалите на ЕУ од истокот и оттаде атлантикот. И тоа е суштината на изјавата на Хојт Ји за бизарното глуматањето на Балканот и ЕУ со која на перфектен начин ја демонстрира аспурдноста на верување во кредибилноста на ЕУ и нејзините оценки, стандарди, статистики и check & balance процеси. Алас!, Хојт само го кажа она што Берлин, Париз, Хаг го прават со отфрлањето на препораките на нивната, од нив избраната, од нив платена Европска Комисија! Тие не и веруваат, а од нас бараат да ја почитуваме. А бе клај смајли и не ја мисли...
Оттаму, ставовите на Берлин, Париз, Хаг се помалку објективна рефлексија на нашите состојби и повеќе Финален Капитален Извештај за сопствените им лажни „успеси” лиферувани низ десетици Фејк-Прогрес-Репорти, за кои сеуште се неспремни да го прифатат својот ownership на начин како што тоа, демек и барем вербално, го прават нашите политичари и Брисел. Неволноста на овие центри да се погледнат во огледало и ја согледаат сопствената грда улога во создавањето на состојбите кај нас кои токму тие денес ги користат како причина за гадење само ја подвлекува кревкоста на севкупниот евро-пројект и разнишаната самодоверба на националните дворови ширум Западна Европа. Деценијскиот мираж на "разубавување на излози” од страна на ЕУ како контратежа на голата сила на САД; Русија, Турција и Кина е веќе напрснат и ги искривува ликовите на европските водства и ја банализира севкупната евро-приказна за "европскиот модел на софт-пауер” за разрешување на кризите. Тони Блер беше во право. ЕУ не беше мировен проект, туку проект на моќ. Нарцисизмот на западно-европските земји членки успеја да ја избербати мировноста и ја сведе на потсмев моќноста на ЕУ. Наречете ме фаталист, а потоа причекајте 7-8 месеци за да на дело се потврдат последиците на надмено префинетиот салонски триумфализам на Берлин, Париз, Хаг. Како национален триумфират изграден врз пепелот на ЕУ.
Колапсот на фамозните европски стандарди ниту започна вчера, ниту пак ќе се заокружи со (не)давањето препорачани пилули за нинули. Ерозијата се случува сукцесивно, систематски низ сите сегменти врз кои се градеше лажната приказна за успешни реформи. И во чекор тивко и ефективно субституирана со факторизација на предрасудите кои ионака од позадина веќе подолго време ги диктираат одлуките низ балканските центри и низ европските престолнини. Триесет години по распадот на Југославија, Германија, Холандија и Франција по втор пат настапуваат со контроверзни ставови кон Балканот и го подриваат регионот со подметнување кукавички јајца за кои ги обвинуваат другите. Џабе се скиселените насмевки на ароганција кон предупредувањата од балканските набљудувачи дека на крај токму таквите предрасуди ќе го решат проектот на европскиот мир и стабилност, сега веќе оксиморонично наречен Европска Унија. Очите ги издаваат.
Пред години ред напишав дека нашиот пат кон ЕУ ќе личи на рибата на Хемингвеј од Старецот и морето. Или полокално илустрирано, како современа верзија на мудроста "у Солуна грош сомуна, сто сомуна до Солуна.” Тогашната скепса воглавно беше происход на согледувањето на нашите вини, нашите недостатоци, нашите византии. Години подоцна, ја споделувам истата оценка, но сега со надополнето искуство за европскиот допринос во нашето соголување сведено на фалшливата драма за добивање датум за започнување преговори за членство кое нема да се случи во следните петнаеесет години. А притоа најгласната подршка за наше зачленување во ЕУ доаѓа од Русија, Кина и Турција, троглавиот кербер на балканските политичари за заплашување на престрашените европјани. Таквата, како и секоја друга, апсурдност секако не се раѓа во вакуум, туку како педантно сместен метод за лудилата кои ќе уследат како процеси за кои не се решава ниту на избори ниту низ преговори за зачленување.
Но нема причина за тревога. Се што ќе следува нема да се случува катаклизмично драматично, туку агонистично мачно. Пораката од Берлин, Париз, Хаг дека се принудени да се реформираат (и затворат) за да преживеат е само соочување со реалноста во ЕУ која под нос им ја создаваат други – наречете ги по име или наречете ги по умот на оној што ја смислил мудроста Panta Rei! Балканот, таа последна адреса на крај на европскиот сокак, допрва ќе се вклопи во општата мода на промени. За добро или за лошо, по волја на Берлин, Париз и Хаг, Брисел веќе нема да ги диктира промените кај нас.