1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Арифи: Нема услови опозицијата да предлага обвинител

17 септември 2019

Нема да се создадат услови најголемата опозициска партија да предлага јавен обвинител, без нејзино претходно дистанцирање од сите видови на криминал сторени во земјата, оценува професорката Беса Арифи

https://p.dw.com/p/3PhY9
Mazedonien Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/K. Blazevska

Опозицијата вчера одговори на предлозите на власта со нивен предлог за законот за ЈO, во кој предлага нова методологија за избор на шефот на Oсновното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски најави дека предлагаат стандарден модел, без хибридни решенија, во кој при избор на обвинител битна улога треба да имаат опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именувања.

„Прво сметаме дека е веќе доволно од изнаоѓање на нови хибридни решенија како што беше она што го предложи господинот Заев, да се подели Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на два дела, со што едното обвинителство би било за гонење висока корупција. Ние сметаме дека досегашниот стандарден модел треба да се задржи да остане Обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство, да нема нови хибридни решенија, а самото преземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното СЈО доколку се донесе закон за истото, да вклучи и методологија за избор на новиот обвинител за гонење организиран криминал при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога“, објасни Милошоски.

Во однос на самиот избор, ВМРО-ДПМНЕ предлага методологија со која ќе се осигура дека власта нема да има влијание врз изборот на обвинител за гонење организиран криминал и корупција.

Wahlen in Mazedonien Antoni Milososki
Антонио МилошоскиФотографија: MIA

„Предлагаме методологија која што ќе даде сигурност дека нема власта да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата предлага од оние кои што ќе конкурираат за тоа обвинителство една личност. Доколку тој предлог не помине се повторува постапката уште еднаш. Доколку теоретски и тој предлог не помине, тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност до Советот на јавни обвинители. Доколку и тоа не се случи, тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители кој што ќе одлучи согласно високите стандарди во законот кој од нив би бил избран за обвинител за гонење организиран криминал и корупција“, објасни Милошоски.

Повеќе:

-Последниот ден на СЈО

-Предметите од СЈО одат во ЈО

-Мавтањето со документи за „Рекет“ го носи Мицкоски во обвинителство?

Друга разлика што опозицијата ја има во однос на предлогот од страна на владата, е што за оваа позиција освен од обвинителската фела смета дека  би можеле да бидат номинирани и професори со соодветно искуство во кривично-правната материја.

Прво нека се соочат со одговорноста

Додека власта го анализира предлогот на опозицијата за законот за ЈО, од експертската јавност стигнуваат првите забелешки. Универзитетската професорка, Беса Арифи, смета дека во овој момент ваквиот предлог на опозицијата е неприфатлив, и објаснува зошто. 

„Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со преговорите за Законот за ЈО со кој оваа партија бара таа да го предлага Јавниот обвинител за гонење на организиран криминални корупција во дадениот момент е неприфатлив поради повеќе причини. Во созреани демократски општества во кои владеењето на правото функционира беспрекорно, разбирливо е да има законско решение според кое предлагач на лице кое ќе врши таква функција да биде опозицијата. Меѓутоа, во овој клучен момент, кога повеќето обвинети во случаите водени од СЈО а сега префрлени во ЈООКК се лица поврзани со најголемата опозициска партија, јасна е целта зошто ВМРО-ДПМНЕ инсистира на барањето тие да предлагаат јавен обвинител кој ќе ги гони нивните членови“, вели Арифи.

Besa Arifi
Беса АрифиФотографија: Sveto Toevski

Според професорката, за опозицијата да предлага обвинител, треба да се исполни клучниот предуслов.

„Тие повеќе пати како партија докажаа дека не се дистанцирале од кривичните дела сторени од нивни членови (осудениот Никола Груевски кој е во бегство е нивен почесен претседател) ниту пак на било кој начин придонеле во воспоставувањето на правда и на кривична одговорност во оваа држава. Без претходно да се доживее правна катарза во Северна Македонија при што сите обвинети од СЈО и од ЈООК да се соочат со ефективна кривична одговорност, нема да се создадат услови најголемата опозициска партија да предлага јавен обвинител без претходно дистанцирање од сите видови на криминал сторени во земјата“, децидна е Арифи.

Неселективна правда- само на зборови

Иако ВМРО-ДПМНЕ досега ниту го осуди, ниту се дистанцираше од криминалот извршен од лица во нејзините партиски редови, нејзиниот претседател Христијан Мицкоски во интервју за МТВ 2 завчера изјави дека тие се за правда без исклучок, додека Заев сакал селективна правда што претставува неправда.

„Нашата позиција е секој, секој кој што се огрешил пред законите и се осрамотил пред граѓаните да одговара. Нивната позиција е не баш секој, туку да има некој кој што ќе биде привилегиран, а по потреба тој истиот ако е дел од раководството на СДСМ - тогаш тој е безгрешен. Отприлика така би ги сведол преговорите кои што ги водевме пред некој ден, а се однесуваат за новиот предлог закон за Јавно обвинителство“, изјави Мицкоски.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Христијан МицкоскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Но досега сите постапки против лица од опозицијата без исклучок беа оценувани како „политички прогон“, што ја релативизира ваквата заложба на Мицкоски за неселективна правда.

Од Белата палата одговор на нивниот вчерашен предлог го очекуваат во следните ден-два, за да може  владиниот тим прво да го разгледа, а до крајот на работната недела, во четврток или петок, работната група да има и повторна средба.

Ова е контра-предлог на она што минатата недела го понуди власта: опозицијата да даде предлог за избор на шеф на новото обвинителството за организиран криминал и висока корупција, кое ќе ги работи сите предмети на СЈО вклучително и „Рекет“, а во него да бидат префрлени и вработените од СЈО. Доколку тој предлог не е прифатлив за опозицијата, вториот е - обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, а предметите на СЈО да ги распредели државниот обвинител Љубомир Јовески.