Предметите од СЈО одат во ЈО
12 септември 2019Специјалното јавно обвинителство денеска одговори на добиениот допис од Јавното обвинителство и е подготвено уште веднаш да му ги предаде сите предмети заедно со доказите и прислушуваните материјали.
Во соопштението на Специјалното јавно обвинителство, објавено на неговата официјална интернет страница, се вели:
„Постапувајќи по дописот, до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставено е известување дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази.“
Одлуката на СЈО доаѓа откако Катица Јанева, која поднесе оставка од челната позиција на СЈО, а во меѓувреме е во тек и постапка за нејзино разрешување, од притвор испрати овластување за помошниците -обвинители да ги предадат предметите на Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Инаку, политичките партии уште не можат да се договорат за Законот за јавно обвинителство. Средбата на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски околу иднината на СЈО и Законот за јавно обвинителство завчера не донесе резултат, туку меѓусебни обвинувања. Според извори од преговарачките тимови, остануваат клучните разлики околу статусот на СЈО и предметите што ги отвори ова обвинителство.
Со законот за Јавно обвинителство, инаку, треба да се реши и иднината на целиот персонал на СЈО.
Стручниот, административниот и помошно-техничкиот персонал од СЈО испрати писмо до премиерот Зоран Заев, претседателот на државата Стево Пендаровски, министерката за правда Рената Дескоска и амбасадорите на ЕУ, САД и Холандија во земјата, во кое изразува разочараност од неизвесноста во врска со нивниот работен однос додека сѐ уште е неизвесна судбината на ова обвинителство.