„Сакам јавен сервис на кој граѓаните ќе му веруваат! “
1 септември 2016Од утре треба да започне нејзиниот мандат на функцијата уредник на Информативната програма на МТВ, односно 100 дена пред изборите, како што беше предвидено со анексот на Пржинскиот договор од 20 јули. Новинарката Санта Аргирова не се јавила на огласот за оваа функција, но се најде меѓу кандидатите на предлог од нејзини колеги. Предлогот таа да ја извршува оваа функција во предизборниот период беше прифатен и на вчерашната лидерската средба. По таквиот епилог, Аргирова не го крие задоволството од укажаната доверба на колегите.
„Многу ми е драго што, и покрај тоа што лично не се кандидирав, сепак сум била предлог на повеќе колеги. Им благодарам за довербата и за убавите зборови. Тоа е голема награда за мене. Секако ќе го доживеев истото и да не беше ваков исходот. Не е едноставна одлука, но ќе се обвинував ако не го прифатев овој тежок предизвик. Почнав и се изградив како новинар во МТВ, а сега после многу години се враќам во својата матична куќа“, потсетува таа.
Да ја поттикнеме дебатата
Во договорот не е превидено да дојде во МТВ со свој тим. Но, како новинар кој преферира тимска работа, се надева заедно дека со постојниот тим во МТВ ќе ги исполнат високите новинарски стандарди.
„Одам сама, но убедена сум дека со колегите кои веќе работат во Информативната програма можеме да дојдеме до позитивни оценки во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и на ЕУ. Од тука треба да биде поттикнувана дебатата за чувствителните прашања. Тоа е можно ако не молчи, ако не биде замолчувана. Треба да се вратиме на Уставот каде што е гарантирана слободата на информирањето. Јавниот радиодифузен сервис не треба веќе да значи сервилност на центрите на моќ“, посочува Аргирова.
Свесна е дека предизвикот е голем, а исполнувањето на професионалните стандарди за пропорционално, балансирано медиумско претставување, е тестот на кој јавниот радиодифузен сервис не смее да падне.
„Ќе биде многу тешко. Веројатно и исцрпувачки. Ќе треба многу енергија. Голема мотивација ми е целта - сервис на сите граѓани, професионален и објективен. Сакам луѓето да му веруваат. Кому, ако не на Јавниот радиодифузен сервис“, реторички прашува таа.
Богата професионална биографија
Санта Аргирова е искусен новинар со богата професионална кариера и познат новинарски ТВ-лик. По дипломирањето на студиите по новинарство на УКИМ (1988), во еден период пишувала во „Млад Борец“ и „Студентски збор“, но нејзиниот првото вработување е токму во МТВ , како новинар-репортер (1986), а во годините потоа и како уредник на вести и уредник во надворешно-политичката редакција. Како акредитиран новинар известувала од значајни политички настани - од потпишувањето на Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција во ОН, преку бројни меѓународни посети на високи претставници, до известување од значајани светски самити.
Беше препознатлив бренд и на ТВ „Телма“ (1997-2002), прво како уредник и водител на вести, а потоа и автор и водител на политичката програма „20/20“.
Претходно, една година работела и во МНР како прв секретар во Управата за соседни земји (1996-97), подоцна како шеф на Кабинет на министерот за надворешни работи (2002-2006), но и како раководител на Секторот за јакнење на институциите во Секретаријатот за европски прашања (2006-2008).
Во нејзината професионална биографија стои и ангажманот во информативната програма на ТВ „Алфа“ (2008 - 2014) како автор и водител на политичката емисија „Пресинг“, но и уредник за надворешна политика.
Во последните две години е активна како фриленсер, најчесто во соработка со „Ал Џезеира“ - Лондон. Автор е и на два романа - политички трилери, „Портрет од Дрезден“ и „Добро утро Јаков“, објавени во 2015 година.
Сега нејзиниот ракопис треба да биде најчитлив во реализирањето на професионалните стандарди во МТВ. Вели дека Извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и извештаите за напредокот на Македонија, последните неколку изборни циклуси се поразителни за јавниот сервис, и дека нејзина задача и на колегите ќе биде Информативната програма на МТВ да добие највисока оценка за професионалност.
„Сите имаат право на објективна информација, дури и оние кои не гласаат“, порачува Аргирова.